Македонија
Да се обезбедат сензори за континуирано мерење гликемии и инсулински пумпи за лицата со дијабетес во Македонија, бара СЗДСМ
Сојузот на здруженијата на лицата со дијабетес на Македонија (СЗДСМ) ги повикува сите пратеници во Собранието, како и креаторите на здравствените политики во Владата, да му дадат приоритет на здравјето на над 3.500 граѓани, кои живеат со тип 1 дијабетес (Т1Д) во РС Македонија, како и на речиси 2.000 лица со тип 2 дијабетес (Т2Д) со здравствени компликации од високите нивоа на шеќер во крвта.
Сојузот ги повикува сите парламентарни групи и пратеници во Собранието на РС Македонија да ги усвои амандманите за одвојување дополнителни средства за набавка на сензори за континуирано мерење гликемии (CGM), како и за инсулински пумпи за да се осигури дека секое лице со T1Д и Т2Д со компликации има пристап до новите технологии кои спасуваат животи.
„Северна Македонија се соочува со предизвици во грижата за дијабетесот, вклучително и ограничен пристап до современи помагала за следење на вредностите на шеќерот во крвта, како и до соодветни третмани. CGM сензорите и инсулинските пумпи се критично важни за управување со дијабетесот. Во моментот се обезбедуваат CGM-сензори за 18,5 % од вкупниот број на лица со тип 1 дијабетес и за 6 % од Т1Д има обезбедено инсулински пумпи. Ова остава илјадници пациенти со тип 1 дијабетес и со тип 2 дијабетес со компликации да не може да имаат корист од благодатите на овие нови технологии.
Зошто CGM се од суштинско значење?
Ако се направи т.н. Cost-Benefit анализа (анализа на трошоците во однос на придобивките) за обезбедување CGM-сензори за лица со дијабетес тип 1 и за лицата со тип 2 дијабетес со компликации, ќе се заклучи дека долгорочните финансиски придобивки од користење на CGM-сензорите ја надминува повеќекратно почетната инвестиција во смисла на подобрени здравствени резултати и намалени вкупни трошоци за здравствена заштита“, велат од Сојузот на здруженијата на лицата со дијабетес на Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Рудник во Македонска Каменица испуштил тешки метали во реката, рибите отруени – МВР поднесе кривична
Полицијата до Основното јавно обвинителство Кочани поднесе кривична пријава против рудник од Македонска Каменица и против К. Б. К. (57) од Велика Британија, со дозвола за привремен престој во Македонска Каменица, одговорно лице, поради загадување на животната средина и природата и загадување на добиточната храна и водата.
Според иннформациите од МВР, од 1 до 4 август годинава, при процесот на флотација, од рудник во реката Каменичка, која се влева во акумулацијата „Калиманци“, испуштени се отпадни води, односно тешки метали (цинк, олово, кадмиум и жива) во двојно поголеми количини од дозволените, со што на подолг рок предизвикале опасност врз животинскиот и растителниот свет во реката Каменичка и во акумулацијата „Калиманци“.
„Од правното лице истиот период во реката Каменичка и акумулацијата ‘Калиманци’ е испуштен и акутен токсин цијанид, од чие присуство во акумулацијата ‘Калиманци’ е предизвикано акутно труење на рибите“, велат од МВР.
Со вештачење со наод и мислење на Институтот за сточарство и рибарство, а врз основа на извештаи од лабараториско испитување на примероци вода, од лабараторија е констатирано присуство на штетни и опасни материи во водата – тешки метали, а констатирано е и присуство на акутен токсин цијанид во смртоносна доза, а кој е причинител за труењето на рибите.
Македонија
Децата со атипичен развој од Кисела Вода ќе добиваат бесплатна стручна поддршка од Институтот за специјална едукација и рехабилитација
Како дел од мерките за детска и социјална заштита и заштитата на лицата со попреченост, градоначалниот Орце Ѓорѓиевски потпиша меморандум за соработка со Деканот на Филозофскиот факултет од Скопје, Оливер Бакрески и Институтот за специјална едукација и рехабилитација. Согласно договореното, во сензорните соби низ основните училишта во општината ќе се одвива стручна пракса на студентите и наставниот кадар од институтот, што ќе овозможи поддршка, згрижување и стручна помош за децата со атипичен развој вон наставата и во попладневните часови, информираат од општината.
-Општина Кисела Вода е една од водечките општини во Македонија, која максимално е посветена во делот на детската и социјална заштита. Посебен фокус е ставен во делот на заштитата на лицата со попреченост. Во изминатиот период опремивме 6 сензорни соби во основните училишта, реализиравме многу едукативни настани како и трибина во партнерство со Македонското научно здружение за аутизам и стручно-научен конгрес со Центар за психофизичко здравје Гаспар од Скопје со кого од септември 2024 им овозможивме пристап до дефектолошки, логопедски и психолошки индивидуални третмани на жителите на општината.
Денес, на наше огромно задоволство, официјално го потпишуваме меморандумот за соработка со Деканот на Филозофскиот факултет од Скопје, со проф. д-р Оливер Бакрески и Институтот за специјална едукација и рехабилитација.Во рамките на оваа соработка ќе има стручна пракса со студентите и наставниот кадар од институтот при што ќе се користат сензорните соби кои ни се комплетно опремени. Целта на оваа соработка е да им овозможиме на родителите поддршка и згрижување на децата со атипичен развој вон наставата и во попладневните часови и да им овозможиме стручна помош од страна на стручни лица. Остануваме посветени во грижата на оние на кои сме им најпотребни-изјави Ѓорѓиевски.
Македонија
Мицкоски за Шекеринска: Ѝ честитав за изборот за заменик-генерална секретарка на НАТО, за нас – националното единство е пред партиските интереси
„Не е тајна дека во минатото сме имале многу концептуални разлики кога станува збор за справувањето со актуелните проблеми, политиките, идеолошките разлики – и тоа не треба да го криеме бидејќи доаѓаме од разни политички семејства и опции. Но, како Влада имавме предизвик за одлуката кого и како да го поддржиме за заменик-генерален секретар на НАТО бидејќи имаше кандидати од неколку земји. Ние немавме никаква дилема бидејќи честопати повикуваме на единство и на дијалог со опозицијата, но ако тоа не го правиме на дело, а повикуваме, тогаш тоа е лицемерство“, вели претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за изборот на Шекеринска за втор човек во НАТО.
Премиерот Мицкоски нагласи дека, за него, националното единство е пред партиските интереси и да се има Македонка за заменик-генерален секретар во најмоќната и најдобро организирана алијанса во историјата е навистина чест.
„Затоа ние како Влада не само што ја поддржавме кандидатурата на Радмила Шекеринска туку и активно разговаравме со нашите сојузници. За нас, националното единство е пред партиските интереси и да се има Македонка за заменик-генерален секретар во најмоќната и најдобро организирана алијанса во историјата е навистина чест. И тука немавме дилема и добро е што успешно се заврши. Во текот на вчерашниот ден се слушнав со Радмила Шекеринска, разговаравме, и нема дилема дека треба заедно да соработуваме и треба да направиме сè што е во наша моќ да ѝ помогнеме на македонската Армија, а со тоа да помогнеме и за безбедноста и за сето она што им е потребно на македонските граѓани“, посочи Мицкоски.