Македонија
Курто Дудуш организира протест поради хаосот со градскиот превоз: Да ѝ пренесеме порака на градоначалничката
Градоначалникот на скопската општина Шуто Оризари, Курто Дудуш, ги повика сите граѓани да се приклучат на протестот в петок од 13 часот пред канцелариите на Град Скопје поради хаосот со јавниот градски превоз.
„Со цел изразување на своето незадоволство од нефункционирањето на јавниот сообраќаен превоз, Општина Шуто Оризари ги подржува своите граѓани во организација на голем сенароден протест на граѓаните на општина Шуто Оризари пред Град Скопје и ги повикува сите граѓани на Скопје да се приклучат“, вели Дудуш.
Тој ги повика сите засегнати граѓани, ученици, студенти, работници и пензионери да бидат дел од протестот, кој, како што вели, „во моментот ни е крајно решение за да ни се реши проблемот со кој две години живееме во Шуто Оризари и во Скопје“.
„Очекуваме преку протестот да пренесеме пораката до градоначалничката на градот Скопје и до ЈСП дека граѓаните на општина Шуто Оризари и воопшто граѓаните на Скопје треба да добиваат услуги за кои плаќаат и дека нефункционирањето на јавниот превоз веќе втора година не само што влијае на влошување на економската состојба на граѓаните, кои треба да користат приватен превоз, туку влијае и на губење на нивните работни места поради нередовост на работа, отсуство од часови на учениците и непосета на лекари од страна на постарите и болните лица“, додава градоначалникот на Шуто Оризари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Тренчевска: Пратениците да гласаат за 600 евра минималец, трудот на работникот мора да се вреднува
Воведувањето и зголемувањето на минималната плата е една од клучните економско-социјални политики насочени кон заштита на животниот стандард на граѓаните и секоја влада која сака да го заштити стандардот на работниците треба да ја зголеми минималната плата согласно инфлацијата и куповната моќ на граѓаните, нагласи пратеничката на СДСМ, Јована Тренчевска на денешната собраниска Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, на која на дневен ред е Предлог на законoт за изменување и дополнување на Законот за минимална плата во Република Северна Македонија, поднесен од пратенчката група на СДСМ и коалицијата.
Во образложувањето на предлог-измените, Тренчевска ги повика сите пратеници да го поддржат зголемувањето на минималната плата на 600 евра, за да се почитува трудот на работниците и да се овозможи секое семејство кое живее со минимална плата да има достоинсвен живот.
Тренчевска посочи дека барањето за 600 евра минимална плата е оправдано. Инфлацијата и трошоците за живот континуирано растат, а мерките кои што владата ги презема не дадоа никаков ефект.
„Имаме годишна инфлација од 4,1%, а кај храната таа инфлација е многу повисока, односно над 5%. Оваа инфлација многу повеќе ја чувствуваат оние граѓани и работници кои имаат ниски примања. Сите оние мерки кои божем ги преземаше владата за да се органичи растот на цените не дадоа никаков ефект. Куповната моќ на граѓаните од месец во месец, од ден во ден, сè повеќе паѓа. Во февруари годинава, само за еден месец синдикалната кошничка се зголемила за околу илјада денари, а во однос на февруари 2025 година, таа се зголемила за 3.609 денари, а во споредба со 2022 година за повеќе од 30.000 денари. Денес ни требаат скоро три минимална плати за да може да се исполни она што е предвидено како основни производи за живот во синдикалната кошничка“, рече Тренчевска.
Во образложението таа нагласи дека улогата на владата во Економско-социјалниот совет како трипартитно тело не треба да се сведе на посредник.
„Таа секогаш треба да биде во заштита на работникот, а не да смета дека е само посредник или модератор на Економско-социјалниот совет. Напротив, Владата е дел од советот, партнер и учесник којшто директно преговара и соработува и со работниците и со работодавачите, а не ги остава работодавачите сами да одлучуваат дали им одговара да се покачи минималната плата на барање на работниците, затоа што тоа никогаш нема да го видиме“, рече Тренчевска.
Потсети дека во 2022 и 2023 година, кога се зголеми минималната плата, владата на СДСМ не ја префрли целата тежина врз работодавачите, ги субвенционираше придонесите, за компаниите да ги зголемат платите а истовремено да не им се наруши ликвидноста.
„Преку субвенционирање на придонесите се обезбеди поддршка за околу 130 илјади граѓани кои зимаа повисоки плати во компаниите. А за сите оние кои беа на минимална плата, Владата обезбеди поддршка на разликата помеѓу претходната минимална плата и онаам минимална плата што беше утврдена во 2022–2023 година. Тоа значи дека компаниите не беа оставени сами на себе, туку и тука се гледа улогата на Владата, да може да ги поддржи и барањата на работниците, но и барањата на работодавачите“, рече Тренчевска.
Македонија
Филков ги повика судскиот и обвинителскиот совет да утврдат дали има одговорност кај судијата и јавниот обвинител за одлуката за куќен притвор
Министерот за правда Игор Филков на прес-конференција упати пораки во врска со одлуката за замена на мерката притвор со куќен притвор во случај поврзан со истрага за проневера од над осум милиони евра.
Во своето обраќање, министерот потенцираше дека Министерството за правда нема да биде нем сведок кога довербата на граѓаните во правниот систем е разнишана, ниту ќе стои на страна кога јавноста со право бара одговори.
„Досега, почитувајќи го принципот на поделба на власта, не сум коментирал конкретни судски и обвинителски одлуки. Тоа е темел на правната држава. Но кога одлуките отвораат сериозни дилеми и ја доведуваат во прашање еднаквоста пред законот, должност ми е да побарам отчетност“, истакна Филков.
Тој нагласи дека станува збор за лице кое 14 месеци било во бегство, за кое бил утврден ризик од бегство – ризик што се остварил – и дека јавноста има право да знае врз основа на кои конкретни факти и правни аргументи е донесена одлуката за поблага мерка.
Министерот јавно ги повика сите инволвирани во постапката да дадат детално и транспарентно образложение за своите одлуки, потенцирајќи дека одговорноста мора да биде лоцирана со име и презиме.
,,Јавно ги повикувам сите актери во постапката да дадат објаснување:
Јавниот обвинител Даниел Коцев,
– да објасни, врз основа на кои конкретни факти и правни аргументи е дадено позитивно мислење за замена на притворот?
Раководителот на обвинителството Анел Фидоски, –дали стои зад оваа одлука и дали смета дека ова е порака за еднаква примена на законот?
Судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, Марин Станевски,
– кои околности го надминале ризикот од бегство кај лице кое веќе 14 месеци беше недостапно?” изјави министерот за правда Игор Филков.
Тој информираше дека побарал објаснување и од надлежните институции во однос на условите во притворските установи и најави вонреден надзор во казнено-поправните установи со цел утврдување на безбедносната состојба.
„Залудно носиме закони ако не се спроведуваат. Залудно зборуваме за реформи ако практиката ја руши довербата. Ова не е прашање на политика, туку на принцип“, порача Филков.
Македонија
Ѓорѓиевски на средба со амбасадорите на Германија, Словенија и Италија: со цел унапредување на Скопје како модерен, безбеден и функционален европски град
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски оствари работни средби со амбасадорката на Германија, Петра Дрекслер, амбасадорот на Италија, Паоло Палминтери и амбасадорот на Словенија, Грегор Прескер.
На средбите беа презентирани тековните проекти и развојните планови на Градот, со цел унапредување на Скопје како модерен, безбеден и функционален европски град. Беше истакната важноста од продлабочување на соработката во областа на економијата, културата, образованието, туризмот, управувањето со сообраќајот и одржливото управување со отпадот.
Соговорниците изразија взаемна подготвеност за понатамошна соработка, размена на искуства и реализација на заеднички иницијативи во интерес на граѓаните.

