Македонија
Децата со атипичен развој од Кисела Вода ќе добиваат бесплатна стручна поддршка од Институтот за специјална едукација и рехабилитација

Како дел од мерките за детска и социјална заштита и заштитата на лицата со попреченост, градоначалниот Орце Ѓорѓиевски потпиша меморандум за соработка со Деканот на Филозофскиот факултет од Скопје, Оливер Бакрески и Институтот за специјална едукација и рехабилитација. Согласно договореното, во сензорните соби низ основните училишта во општината ќе се одвива стручна пракса на студентите и наставниот кадар од институтот, што ќе овозможи поддршка, згрижување и стручна помош за децата со атипичен развој вон наставата и во попладневните часови, информираат од општината.
-Општина Кисела Вода е една од водечките општини во Македонија, која максимално е посветена во делот на детската и социјална заштита. Посебен фокус е ставен во делот на заштитата на лицата со попреченост. Во изминатиот период опремивме 6 сензорни соби во основните училишта, реализиравме многу едукативни настани како и трибина во партнерство со Македонското научно здружение за аутизам и стручно-научен конгрес со Центар за психофизичко здравје Гаспар од Скопје со кого од септември 2024 им овозможивме пристап до дефектолошки, логопедски и психолошки индивидуални третмани на жителите на општината.
Денес, на наше огромно задоволство, официјално го потпишуваме меморандумот за соработка со Деканот на Филозофскиот факултет од Скопје, со проф. д-р Оливер Бакрески и Институтот за специјална едукација и рехабилитација.Во рамките на оваа соработка ќе има стручна пракса со студентите и наставниот кадар од институтот при што ќе се користат сензорните соби кои ни се комплетно опремени. Целта на оваа соработка е да им овозможиме на родителите поддршка и згрижување на децата со атипичен развој вон наставата и во попладневните часови и да им овозможиме стручна помош од страна на стручни лица. Остануваме посветени во грижата на оние на кои сме им најпотребни-изјави Ѓорѓиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„И брат на пратеник на СДС се офајдил со над 200 илјади евра од Еразмус+“, вели ВМРО-ДПМНЕ

„Сумите од по 200 илјади евра од Еразмус +, како од шала, се делеле на лица блиски од СДС. Покрај Фрчкоски, судијата Лазар Нанев, во времето на Лидија Димова и Зоран Заев, со 205 илјади евра, пари од агенцијата, се офајдил и брат на пратеник од редовите на СДС“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Станува збор за братот на тогашниот пратеник од СДС, Диме Велковски. На него, Заев и Димова преку Еразмус+ му доделиле грантови финансиски средства за два проекти и тоа, за дресирање магариња и правење сирење.
Едниот бил во висина од 83 илјади евра, и тоа, верувале или не, за дресура на магариња. Нешто до тогаш, но и до сега, невидено и невообичаено. Наместо средствата да завршат за образовни проекти за младите, тие завршиле кај брат на пратеник од СДС, за дресирање магариња.
Но, СДС не застанаа тука, на братот на пратеникот Велковски од Агенцијата му доделиле дополнителни 125 илјади евра, и повторно не за образовен проект, туку за проект „Избери сирење“, кој нема никаква врска со образовни програми.
Преку Димова, СДС и Зоран Заев ги цедеа финансиските средства од Еразмус+, за парите да ги делат на нив блиски луѓе. За да ги задоволат партиските потреби, делеа пари на судии, професори, на браќа на пратеници.
Ваквата злоупотреба и проневера на финансиски средства наменети за образовни програми за младите, не помина незабележана ниту од јавноста, ниту од Европската заедница која бара да и се вратат дел од проневерените пари.
Ова е потврда и доказ дека СДС, Заев и Димова не си ја вршеле чесно својата работа, туку дека финансиските средства ги користеле за задоволување на партиските интереси, со што го уривале и угледот на државата.
Затоа го повикуваме обвинителството, да не молчи и да ги штити како до сега, туку да се стави во служба интересите на државата и конечно да донесе правда и секој кој се огрешил или проневерил финансиски средства, да одговара“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
(Видео) Ангелов: Пожарот кај Јасен е ставен под контрола

Дождот којшто вчера попладне заврна во делови од државата, меѓу другото ни помогна во гаснењето на пожарот во ловиштето Јасен, извести директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.
„Иако за жал во текот на ноќта детектиравме пламени јазици на еден крај од ловиштето и не можам да кажам дека овој пожар е изгаснат, туку дека е ставен под целосна контрола. Рано утрово 30-тина припадници на армиските специјалци волци и ренџери се упатија кон местото кадешто има активно горење, притоа се спуштаат по исклучително стрмен и непристапен терен за да го зададат завршниот удар на овој исклучително тежок за гаснење пожар“, изјави Ангелов.
Сезоната на пожари не е завршена, а тој апелираше до сите граѓани да бидат исклучително внимателни и да го пријавуваат секое сомнително поведение на граѓани за кои се сомневаат дека можеби подметнуваат или несакајќи ќе предизвикаат пожар.
Македонија
„Влен“: 23 години лаги, доста е!

„ДУИ и нејзините сојузници ја претворија политиката во игра на логоа и бои. Понекогаш се прогласуваат за Европски фронт, понекогаш за Национален фронт, денес под името НАИ, секој ден нов идентитет, само за да ја сокријат внатрешната криза и 22-годишните неуспеси“, велат од „Влен“.
„Ова е јасен показател за партија која не знае која е и каде оди. Еден ден зелена боја, следниот ден сина, но во секој случај, граѓаните ги гледаат истите луѓе, со истите неуспеси и истата корупција.
Во меѓувреме, “Фронтот“ еден по еден, го напуштаат, турската партија, која беше сериозна сила со околу 20 илјади поддржувачи, си замина; Мендух Тачи си замина, и ова е само почеток. Силите што во минатото жестоко се судрија едни со други, денес се обидуваат да се сокријат под заедничко лого, но граѓаните добро знаат дека ова е само фасада. Од друга страна, ВЛЕН никогаш не била поуникатна, никогаш пообединета. Го докажуваме ова секој ден, во секоја одлука и пред сè со нашите заеднички кандидатури, кои се надежта на граѓаните за промена.
Вредноста не се мери со променети логоа и бои, туку со конкретни дела за граѓаните. Во овој поглед, ВЛЕН е единствената вистинска алтернатива за промени и развој. 22 години на власт, а сега мислат дека со промена на боите и името можат да ја избришат историјата на измами. Но, Албанците не забораваат: корупцијата, пазарењето и разочарувањата не се покриени со никакво ново лого. Октомври ќе има само еден победник, а тоа е ВЛЕН!“, се додава во соопштението на „Влен“.