Македонија
Битиќи: Поддршката за домашното стопанство не е приоритет на ВМРО-ДПМНЕ
Собраниската комисија за финансирање и буџет го отфрли амандманот, предложен од пратеници од СДСМ за дополнителни 307 милиони денари за поддршка на компаниите преку законот за финансиска поддршка на инвестиции, со што упати јасна порака дека владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ не се грижи за економскиот напредок и ги занемарува домашните компании, кои ја носат економијата на своите плеќи.
Пратеникот на СДСМ Фатмир Битиќи претходно во образложение на амандманот истакна дека во време на најголеми економски предизвици, приоритетите на оваа влада се насочени кон се друго, како мебел, автомобили, договорни услуги и тајни кредити, додека реалните потреби на стопанството се занемаруваат.
Преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите (ЗФПИ), СДСМ воспостави систем кој конечно ги изедначи условите за домашните и странските инвеститори. Наместо да склучуваме тајни договори „по кафеани“ или зад затворени врати на владини седници, ние воведовме транспарентен и фер систем. Благодарение на овој систем, 919 компании имаа можност да инвестираат околу 500 милиони евра, за што беа поддржани од државата со речиси 100 милиони евра. А тоа резултираше со отворање на 5.000 нови работни места, со достоинствени плати за нашите сограѓани, нагласи Битиќи.
Тој истакна дека новата влада со ребалансот на буџетот за 2024 година, наместо да го продолжи трендот на растечка поддршка, која во 2023 година достигна ниво од речиси 37 милиони евра, одлучи да ги скрати средствата на само 17,8 милиони евра.
Ова не беше само техничка одлука – тоа беше порака дека поддршката за домашното стопанство не е нивен приоритет. Каде се приоритетите на ВМРО-ДПМНЕ? Сега, со буџетот за 2025 година, ВМРО-ДПМНЕ предвидува 38,6 милиони евра за ЗФПИ – бројка која, иако е подобра од минатогодишната, сепак не го достигнува нивото кое го поставивме ние. И тука се поставуваат прашања: што ги предомисли? Дали тоа е несигурноста околу унгарскиот кредит, кој се чини дека е голема непознаница и за нив? Или можеби тоа е резултат на неуспешните обиди за притисок врз банкарскиот сектор да ги сноси трошоците за овој кредит? А можеби ова е само маневар за создавање „резервоар“ на пари кои ќе бидат пренасочени на првиот ребаланс кон непродуктивни удобности?, рече пратеникот на СДСМ Фатмир Битиќи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ ги осуди заканите и навредите кон новинарот Видиновски: Институциите да реагираат
„СДСМ најостро ги осудува заканите и личните навреди кон новинарот Александар Видиновски, кон граѓаните и директорот на Канал 5 Телевизија од бугарски државјани“, велат од СДСМ.
„Говорот на омраза, заканите и навредите се недозволиви, претставуваат атак врз целата новинарска професија, слободата на говорот и слободата на информирање кои се европски вредности.
Ги повикуваме институциите да реагираат и да ги преземат сите мерки за санкционирање“, соопшти СДСМ.
Македонија
Случајот со смртните закани врз новинарот Александар Видиновски да се истера до крај, бара Демократскиот сојуз
Демократскиот сојуз жестоко ги осудува примитивните напади и смртните закани врз новинарот Александар Видиновски на социјалните мрежи и ја поздравува одлуката на Јавното обвинителство да отвори предмет против сторителите на овие кривични дела.
„Во општество каде што слободата на медиумите е загарантирана со устав и закон, а новинарите имаат посебна улога при откривањето злоупотреби и креирањето јавно мислење за потребата од владеење на правото, недозволени се закани врз нивниот физички интегритет и загрозување на нивниот живот“, велат од Демократскиот сојуз.
„Новинарот Видиновски професионално си ги извршува своите новинарски задачи и со својата работа покажува дека не смее да има недопирливи луѓе или институции, домашни или странски, сеедно, за кои нема да важи законот во Македонија.
Демократски сојуз потсетува дека безбедноста на новинарите мора да биде еден од приоритетите на секое демократско општество кое ја негува слободата на говорот, истовремено ги охрабрува надлежните институции да го истераат до крај случајот со новинарот Видиновски и виновниците да ги изведат пред лицето на правдата“, се наведува во соопштението на Демократскиот сојуз.
Македонија
(Фото) Сиљановска-Давкова се сретна со претседателот на ОАЕ: перспективите за продлабочување на билатералната соработка во фокусот на разговорот
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на Светскиот самит на владите во Дубаи, оствари средба со претседателот на Обединетите Арапски Емирати, шеик Мохамед бин Зајед Ал Нахјан.
Претседателката се заблагодари за гостопримството и за можноста да учествува на престижниот самит, оценувајќи го како исклучително значајна платформа за справување со глобалните и регионалните предизвици и за водење значаен дијалог со истакнати лидери и партнери од целиот свет.
Во фокусот на разговорот беа перспективите за продлабочување на билатералната соработка и беше посочена потребата од унапредување на правната рамка, се наведува во соопштението од кабинетот на Претседателката.

Посебен акцент беше ставен на економските односи и можноста за забрзување на проектите од взаемен интерес, коишто се во подготвителна фаза.
Претседателката го поздрави воведувањето на безвизен режим меѓу двете држави, оценувајќи го како одлична можност за олеснување на севкупната комуникација меѓу двете општества.
Таа изрази уверување дека средбата, што се реализира во пресрет на 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете држави, ќе даде силен импулс во севкупното натамошно унапредување на соработката меѓу двете земји.
Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните глобални прашања и важноста на напорите за разрешување на постоечките конфликти.
Во тој контекст, претседателката ја поздрави конструктивната и одговорна улога на Обединетите Арапски Емирати, којашто се базира на принципите на мир и толеранција. Претседателката го истакна интересот од македонска страна за продлабочена соработка преку заеднички иницијативи за меѓукултурен дијалог и промоција на општите цивилизациски вредности, се додава во соопштението.

