Македонија
Средба на министерот Муцунски со постојаниот претставник на УНДП, Армен Григоријан

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска на средба го прими постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), Армен Григоријан.
На средбата министерот Муцунски ја потврди посветеноста на Владата на Република Северна Македонија како партнер на Обединетите нации, истакнувајќи дека напорите се насочени кон целосно исполнување на Целите за одржлив развој и реализација на Агендата 2030. Притоа, тој изрази благодарност за досегашната и идната соработка на УНДП со националните институции, со акцент на почетокот на подготовката на новата Рамка за соработка за одржлив развој (2026-2030).
Соговорниците се осврнаа на клучните иницијативи и активности на УНДП, вклучително и идните проекти што ќе произлезат од новата Рамка. Во фокусот на дискусијата беа теми како што се зајакнувањето на институциите, децентрализацијата, локалниот развој, поддршката за младите, социјалната инклузија, родовата еднаквост и животната средина, кои остануваат високо на агендата на соработката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Се излеа Маркова Река кај Батинци

Маркова Река се излеа денес по обилните врнежи од дожд.
Во селото Батинци, водата е надојдена, излевајќи се на неколку места околу речното корито.
Ангажирана е механизација за санирање на штетата, а градоначалник на Студеничани, Азем Садики, објави дека забележана е материјална штета во дворовите од куќите кои се наоѓаат во близина на реката.
Засега, според градоначалникот, нема потреба од евакуација.
Фото: ТВ21/скриншот
Македонија
Тетово повика на јавна дебата за промена на имињата на улиците

Општина Тетово в петок, со почеток во 15:00 часот, организира јавна дебата за предлози за имиња на улиците.
„Ги повикуваме сите граѓани, здруженија, невладини организации и граѓанскиот сектор да учествуваат на оваа јавна дебата за именување на улиците“, велат од општината преку допис.
Додаваат дека секој предлог од граѓаните е важен и помага овој процес да биде инклузивен и успешен за граѓаните и градот Тетово.
Македонија
Тошковски: Припадниците на МВР денеска примија плата зголемена за 10 отсто

Припадниците на МВР денеска примија плата зголемена за 10 отсто, информира министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
„Изминативе години сосема оправдано имаше критики дека платите во МВР се ниски, а очекувањата и одговорностите големи. Често се укажуваше на разлики во однос на некои сродни служби, а чувството на потценетост беше реално и оправдано. Ова зголемување не е доволно, но е еден од многуте чекори што ќе следат во насока на враќање на достоинството и угледот на полицаецот. Целта е јасна – да изградиме модерна, професионална и силна полиција која ќе биде вистински сервис на граѓаните. Продолжуваме понатаму кон обезбедување на подобри услови, поголема поддршка и вистинско вреднување на трудот што секојдневно се вложува“, напиша Тошковски во објавата на социјалните мрежи.