Македонија
Талески до Сања Божиновска: Мицкоски Ви направи посебно министерство и Ве направи министерка, граѓаните не знаат што воопшто работите
На денешната седница за пратенички прашања, пратеникот на СДСМ, Миле Талески ја праша министерката Сања Божиновска кога ќе го врати долгот од 1 милион евра којшто го направила фирма каде што била основач и еден од управителите.
„Важите за близок човек на премиерот Христијан Мицкоски. Ви направи посебно министерство за енергетика и ве постави за министерка. За многу кратко време слободно може да кажеме дека голем број на скандали се поврзуваат со вас и во вашето министерство. Додека нема ниту едена добра вест во енерегтиката и граѓаните не знаат што воопшто работите и дали нешто работите. За сите овие скандали нема соодветни одговори во јавноста досега и затоа овде, пред граѓаните, пред народните избраници имате должност да одговорите во целост. Одиме по ред, вели Талески и посочи:
„Компанијата „ЕНГ сервис трејд ДОО Скопје“, е фирма чиј основач и еден од управителите сте биле токму вие госпоѓо Божиновска. Е сега во период од 2016 до 2017 година токму оваа фирма направила долгови од речиси 1 милион евра кон државната МЕПСО. Над 70% од вкупниот долг на МЕПСО во тоа време го направила вашата фирма. А тоа е пред промена на власта. Долгот е за неплатена електрична енергија и до крајот на 2017 година достигнал 59 милиони денари или скоро 1 милион евра. Тој долг од 1 милион евра според нашите информации никогаш не е наплатен досега. Иако, по одредено време, МЕПСО покренува постапка за наплата на долгот и иницира тужба против фирмата. Во 2019 година, спроведено е и вештачење од судски вештак кој ја утврдил вистината на каматите на фирмата на Божиновска која му должена на МЕПСО. Значи цели две и пол години вие сте немале никаков абер од плаќање на долгот за струја. Народот да плаќа, фирмите да плаќаат, само вие да не плаќате. Со наталожен долг кон државата, го менувате името на фирмата која прераснува во друг субјект. Наместо „ЕНГ Сервис Трејд“ потоа се вика „КАРСЗЗ ТРАДЕ ДООЕЛ Скопје“. Веќе во 2022 година, оваа фирма „КАРСЗЗ ТРАДЕ ДООЕЛ Скопје“ работи со загуби и станува деловно неактивна. Причина за бришењето е поради тоа што не поднела годишна даночна пријава. Но што е со долгот од 1 милин евра? Според информациите коишто ние располагаме никогаш не сте го платиле долгот. Затоа и молчите и бегате од јавноста. Епа сега нема каде да багета, еве сме тука, пред јавноста, пред граѓаните, пред народните избраници. Станува збор 1 милион евра пари на граѓаните. Знаете што се може да се направи со 1 милион евра? Едно училиште за 500 ученици чини околу 1 милион евра. Или на пример во енергетиката, државата зеде инвестициски гранд во вредност од над 1.5 милиони евра од Европската банка за поддршка на финансирање на Фотонапонска електрана Осломеј од 10 MW. Вие знам дека знаете колку се 1 милион евра. Според вашиот анкетен лист, вие поседувате недвижнини од речиси еден милион евра, онолку колку што таа фирма и должела на државата, на народот. Многу чудна коинциденција ќе се сложите. Имате имот. Моето конкретно прашање е зошто досега не сте го вратиле овој долг и кога ќе го вратите? Кога ќе ги вратите 1 милион пари назад кај граѓаните? Само имајте предвид кога ќе одговарате на прашањата не да се вадите на адвокатите ве молам како што тоа го направивте за вашето чувство. Јасни одговори очекуваме“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

