Македонија
Мицкоски: Денот на албанската азбука е потсетник за тоа како писменоста и образованието може да бидат мостови меѓу луѓето
Премиерот Христијан Мицкоски денеска се обрати на свечената седница по повод 22 Ноември – Ден на албанската азбука.
„Денес, со почит се собираме заедно да го одбележиме Денот на албанската азбука – симбол на образованието, културното богатство и напредокот на албанскиот народ. Овој ден, 22 ноември, нè потсетува на Конгресот во Битола, одржан во 1908 година. Таму, со мудрост и единство, интелектуалците донесоа одлука која ќе го трасира патот на албанскиот јазик кон иднината – создавањето на единствена и стандардизирана азбука. Оваа одлука не беше само лингвистичка; тоа беше акт на создавање на иднина и едно културно обележје. Живееме во време на силна диверзификација на различности. Албанската заедница е дел од оваа мозаична слика. Наша заедничка обврска е да продолжиме да градиме општество во кое секој граѓанин, независно од етничката или јазичната припадност, ќе се чувствува рамноправен и ќе има можност да го даде својот придонес за заедничкото добро“, рече Мицкоски и додаде:
„Во овој дух, Денот на албанската азбука е потсетник за тоа како писменоста и образованието можат да бидат мостови меѓу луѓето. Не темите кои не разделуваат, не политичките барања на поединци кои многу години претходно се криеја позади народот кого го крадеа. Јасното фокусирање кон приоритетите, кон реалните потреби за образование, економија и напредок ни помагаат да ги надминеме разликите, да ги споделиме нашите вредности и да изградиме посилна, поединствена заедница. Воедно денешниот ден ќе го искористам да зборувам за двете основни вредности кои го обликуваат секое општество – писменоста и образованието. Тие се основата на нашиот индивидуален и колективен развој, алатките што ни овозможуваат да ги оствариме своите цели и да изградиме подобра иднина. Писменоста е првиот чекор кон слободата. Таа ни овозможува да комуницираме, да разбираме и да го изразуваме својот потенцијал. Таа е алатка за стекнување знаење, за развивање критичко размислување и за навигација низ светот. Но, писменоста не е само учење на буквите и бројките – таа е мост што нè поврзува со нашата култура, историја и со светот што нè опкружува. Образованието, пак, ја надградува писменоста и ни овозможува да го откриеме целиот спектар на можности што ни стојат на располагање. Преку образованието, ги учиме основните вредности на човештвото – толеранцијата, почитта и емпатијата. Ги развиваме нашите способности, ги отвораме вратите кон нови идеи и стекнуваме алатки за решавање на предизвиците“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Партијата Левица со Иницијатива во Град Скопје за чекор кон енергетска независност и крај на скапата струја
„Советничката група на Левица во Советот на Град Скопје поднесе иницијатива за формирање на градско енергетско претпријатие „Енергија Скопје“ ДООЕЛ, чија цел е Градот Скопје конечно да ја намали зависноста од скапото купување електрична енергија и да обезбеди сопствено производство од обновливи извори“, известуваат од Левица.
„Градот Скопје и јавните претпријатија во моментов плаќаат огромни износи за струја.
Наместо средствата да се трошат на комунални услуги, инфраструктура и подобар јавен превоз, тие завршуваат во надворешни снабдувачи.
Со ова решение, Градот ќе може сам да произведува дел од потребната електрична енергија, да ги снабдува своите институции по минимални цени и да продава вишок на пазарот, со што ќе обезбеди нови приходи.
Ова е стратешки проект кој обезбедува долгорочна стабилност и независност, а не краткорочна мерка.
Градот има огромен неискористен потенцијал, кровови, објекти и локации каде може да се развијат фотоволтаични централи и системи за складирање енергија.
Затоа очекуваме мнозинството во Советот, предводено од ВМРО–ДПМНЕ, да ја поддржи иницијативата ако навистина им е приоритет јавниот интерес. Ова не е партиска идеја, ова е решение кое му користи на целиот град.
Одбивањето на оваа иницијатива би значело дека некој става политички интерес пред интересот на скопјани, и дека не се сака долгорочно решение за намалување на трошоците, модернизација и енергетска независност.
Левица ќе продолжи да предлага системски и развојни проекти со кои Градот ќе стане финансиски постабилен, енергетски ефикасен и поеколошки“, се наведува во соопштението на Левица.
Македонија
Без струја денеска дел од Карпош
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 09:00 до 15:00 часот, дел од корисниците на ул. Струшка бр.7А (општина Карпош)
Македонија
До сабота ќе преовладува претежно облачно време со повремени врнежи од дожд
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд пообилни во источните делови. На повисоките планини врнежите ќе преминуваат во снег, а на некои од повисоките места од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 8, а максималната ќе достигне од 6 до 11 степени.
Во Скопје, претежно облачно, со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен северен ветер.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
До сабота ќе преовладува претежно облачно време со повремени врнежи од дожд. Пообилни врнежи се очекуваат денес (над 25 l/m² за 24 часа). Денеска на планините врнежите ќе преминуваат во снег, а во некои од повисоките места ќе бидат од дожд и снег. Од денеска ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер.

