Регион
Денеска ќе се одлучува за притворот за 12 уапсени поради трагедијата во Нови Сад

Сите уапсени поради падот на натстрешникот на Железничката станица во Нови Сад денеска ќе бидат сослушани, објави српски „Блиц“. Како што јавуваат, потоа тоа судот ќе донесе одлука за евентуален притвор.
Вишото јавно обвинителство во Нови Сад вчера соопшти дека се уапсени и приведени вкупно 12 лица во врска со трагедијата во Нови Сад кога падна натстрешникот на Железничката станица во Нови Сад, при што вкупно 15 лица го загубија животот, а двајца се тешко повредени.
Меѓу уапсените се Горан Весиќ, до неодамна министер за градежништво, транспорт и инфраструктура, потоа Анита Димовски, в.д. помошник-министер за железници и интермодален транспорт, и Јелена Танасковиќ, до неодамна вршител на должноста директор на „Српската железничка инфраструктура“. Горан Весиќ поднесе оставка на 5 ноември, а Јелена Танасковиќ во средата.
Порталот „Република“ јавува дека меѓу уапсените е и Небојша Шурлан, поранешен директор на „Српската железничка инфраструктура“, кој на оваа функција беше до март годинава кога поднесе оставка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Детали за пукањето во Белград: Напаѓачите дошле со комбе до кафулето и почнале да пукаат кон гостите

Репортерка на „Н1 Белград“ од Вишњичка бања, каде денеска околу 14:30 часот се случи пукање во кое пет лица беа ранети, јави дека едно комбе дошло по Сланачки пат до локалниот бар и почнало да пука по присутните.
Претходно повеќе медиуми објавија дека починала жена, но според информациите од српската полиција, петмина се повредени. „Еуроњуз“ јави дека жената била донесена во болница без знаци на живот, но спасена е со реанимација. Во моментот се наоѓа во тешка состојба.
На местото на настанот има полиција и форензичари, а полицајците ги замолиле медиумските екипи да се оддалечат бидејќи е во тек увид.
Според жителите, кафулето е познато по тоа што таму се собираат и навивачи, а во него има и простор наменет за деца.
Не е познато дали во моментот на пукањето имало деца во кафулето, но жители и очевидци изјавиле дека на автобуската станица имало голем број деца кои се уплашиле и се разбегале, и додале дека долго се чекало на пристигнувањето на итната помош.
Жителите посочиле дека последните месеци имале големи проблеми со навивачки групи, за што редовно пријавувале во полиција. Полицијата и обвинителството реагирале кога медиумите укажувале на тоа.
„За нив ова е шокантно, но не толку изненадувачко, затоа што навивачките групи одамна прават проблеми,“ јави репортерката на „Н1“.
Засега нема официјални информации за мотивот за пукањето, а српски „Телеграф“ пишува дека станува збор за пресметка меѓу навивачи.
Регион
„Се пукаше од повеќе страни, луѓето се разбегаа“: Во пукање во Белград петмина ранети

Пет лица се повредени во пукање што се случи околу 14:25 часот во белградската населба Вишњичка бања.
Според официјалните информации, повредени се тројца мажи и две жени, а пукањето се случило во угостителски објект.
Сите се хоспитализирани.
Сведок на настанот во изјава за „Нова.рс“ рекол дека напаѓачите го опколиле кафулето и дека, во моментот кога отвориле оган, настанал општ хаос, бидејќи на улицата се нашле неколку минувачи.
Сведокот, со кого новинарот разговарал на лице место, рекол дека сè се случило околу 14:30 часот, кога излегол да земе нешто од автомобилот.
„Одеднаш слушнав пукање. На почетокот не знаев што се случува, но кога видов, се сокрив. Се пукаше од повеќе страни, трчаа оддолу и од оваа страна, близу кафулето. Имаше луѓе на улица и на автобуската станица, сите избегаа“, рекол соговорникот.
„Имаше седум или осум истрели, беа поединечни.“
Сепак, рекол дека не знае што би можел да биде мотивот за ова пукање.
„Сите ние што живееме во близина седиме овде. Тука има и детска игротека, за време на викенд има многу деца. Немало проблеми од отворањето,“ додал сведокот.
Голем број полициски службеници се на местото на настанот и потрагата по напаѓачите е во тек.
Фото: колаж/нова.рс
Регион
(Видео) Општа тепачка на свадба во Србија: гостинка ја удри невестата, возврати младоженецот

Свадбена прослава во Горњи Милановац се претвори во вистинска драма кога избувна масовна тепачка меѓу гостите.
Според порталот „192.рс“, инцидентот почнал кога гостинка на свадбата, од причини што засега се непознати, физички ја нападнала невестата и ја удрила.
Потоа реагирал младоженецот обидувајќи се да ја заштити својата сопруга, а конфликтот набргу се проширил и на другите гости.
View this post on Instagram
Според снимката, во салата владеел целосен хаос, а некои од присутните се обидувале да ја смират ситуацијата.
фото: принтскрин