Свет
Романците денес на избори, се зголемуваат шансите за победа на обожавателот на Трамп и противник на Украина
Романците гласаат во првиот круг од претседателските избори денес, а загриженоста за зголемените трошоци за живот му дава можност за победа на десничарскиот лидер Џорџ Симион, кој се противи на испраќање воена помош за Украина.
Доколку ниту еден од кандидатите не добие апсолутно мнозинство гласови, на 8 декември ќе се одржи вториот круг на избори за да го замени двомандатниот претседател и верен украински сојузник Клаус Јоханис.
Предизборните анкети покажуваат дека Марсел Чиолаку, 56-годишниот лидер на Социјалдемократите (ПСД), најголемата партија во земјата, ќе влезе во вториот круг. Најверојатен противник ќе му биде 38-годишниот Симион од Алијансата за обединување на Романија (АУР).
Аналитичарите тврдат дека поголема е веројатноста да победи Чиолаку, кој им се допаѓа на умерените гласачи и има искуство во управувањето со земјата додека војната беснее во соседството, но тие не ја исклучуваат ниту победата на Симион.
Новиот претседател ќе се соочи со забавена европска економија, корекција на буџетот на Романија со најголем дефицит во Европската унија и притисок да ги исполни целите на НАТО за трошоците за одбрана за време на вториот мандат на Доналд Трамп како претседател на САД.
Откако Русија ја нападна Украина во 2022 година, Романија го олесни извозот на милиони тони жито преку нејзиното црноморско пристаниште Констанца и обезбеди воена помош за Киев, вклучително и донација на системот за воздушна одбрана Патриот.
Симион го прикажува гласањето како избор помеѓу етаблираната политичка класа која се потчинува на странските интереси и себеси, аутсајдер кој ќе ја брани економијата и суверенитетот на Романија.
Тој се противи на воената помош за Украина и ја обвини коалициската влада дека подобро ги третира бегалците од домашните жртви од поплавите. Некои политички ривали го обвинуваат дека е руски агент, што тој го негира.
„Не ја ставив раката во касичката и не ви ги крадам парите“, им рекол Симион на своите поддржувачи овој месец.
„Јас сум еден од вас, не еден од нив. Отсекогаш сум бил меѓу луѓето, зборував за затворени фабрики, невработеност, сиромаштија што ги тера младите да ја напуштат државата“.
Патем, Симион се профилираше како поддржувач на Трамп и застапник на антиукраинската политика.
Во конкуренција се и двајца кандидати од десниот центар: претседателот на Горниот дом на парламентот Николае Чиука, лидер на либералната партија (ПНЛ) која е во кревка владејачка коалиција со ПСД, и Елена Ласкони, лидер на опозициската партија УСР.
„Исходот е сè уште многу тешко да се предвиди поради високата концентрација на кандидати и поделбата на гласовите на десниот центар“, рече Сергиу Мискоиу, професор по политички науки на Универзитетот Бабес-Бољаи.
Тој додаде дека повеќето од кандидатите во нивните предизборни кампањи се фокусирале на претежно конзервативни пораки како што е заштитата на семејните вредности.
Кандидатите на етаблираните партии имаат многу сеопфатни пораки: од една страна нацијата, војската, религијата и сл. Од друга страна, гледаме посветеност кон Европа, иако на неа се гледа повеќе како извор на приход отколку како систем на вредности.
Романскиот претседател, ограничен на два мандати од пет години, има полу-извршна улога, која вклучува командување на вооружените сили и претседавање со Врховниот совет за одбрана, кој одлучува за воената помош.
Претседателот ја претставува земјата на самитите на ЕУ и НАТО и назначува премиери, главни судии, обвинители и шефови на тајни служби.
Јоханис дојде на власт пред 10 години ветувајќи дека ќе ја зајакне борбата против корупцијата во земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во Белград се урна напуштен двокатен објект
Дел од напуштен двокатен објект се урна попладнево во Белград и според службите за справување во итни случаи, нема повредени.
Шефот на Одделот за вонредни ситуации, Лука Чаушиќ, изјави дека стар напуштен двокатен објект се урнал на улицата „Џорџ Вашингтон“ во Белград околу 13:30 часот и дека е урнато градежно скеле што било наслонето на објектот.
Тој додаде дека според моментално достапните информации, нема повредени, ниту жртви.
При уривањето уништени се четири возила паркирани пред двоспратниот објект.
Во моментот се уште се врши пребарување на теренот каде се урнал објектот.
Опозициски партии упатија критики до градските власти и побараа оставка од градоначалникот на Белград, Александар Шапиќ.
Свет
Прекинот на струја во Киев го запре железничкиот сообраќај
Прекинот на електричната енергија во Киев го запре железничкиот и метро сообраќајот и ескалаторите низ целиот град, соопштија градските власти на социјалните мрежи.
Според градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, подземните метро станици сега функционираат како засолништа.
– „Во Киев, како и во многу градови во Украина, имаше итни прекини на електричната енергија. Сообраќајот во метрото беше запрен поради низок напон во електричната мрежа. Подземните метро станици моментално можат да работат само како засолништа, на резервна електрична енергија, соопшти Кличко на Телеграм.
Технички прекини на два далноводи што ги поврзуваат Украина, Молдавија и Романија денеска доведоа до прекин на електричната енергија на украинската мрежа, соопшти украинското Министерство за енергетика и потврди дека во најмалку три региони и главниот град Киев имало итни исклучувања.
Свет
Речиси половина Германци во текот на животот заболуваат од рак
Во текот на животот речиси секој втор граѓанин на Германија заболува од рак, објави денеска државниот имунолошки завод „Роберт Кох“ во Берлин.
– Кај 49 проценти од мажите и 46 проценти од жените во текот на животот се дијагностицира рак, објавено е во редовното издание на Институтот „Роберт Кох“ (РКИ) во пресрет на денот за борба против ракот, 4 февруари.
Според истите податоци, секоја шеста жена и секој седми маж од рак заболуваат пред својата 65-та година.
Според податоците за 2023 година, од околу половина милион дијагностицирани нови случаи на рак, најголемиот број отпаѓа на рак на простата, по што следуваат ракот на дојка, бели дробови и дебело црево.
Истата година од рак починале 230.000 лица.
Истовремено, како што објави РКИ, стапката на смртност на заболените од рак во последните 25 години значително е падната, кај мажите за 30, а кај жените за 20 проценти.
Секоја година во пресрет на Светскиот ден за борба против ракот, РКИ објавува статистики со цел подобра превенција на заболувањата и поттикнување на свеста кај граѓаните.

