Спорт
(Видео) Доминација на Јокиќ и Денвер против Лејкерси

Денвер Нагетс убедливо славеа во Лос Анџелес кај Лејкерси со 127:102. Уште една брилијантна партија одигра актуелниот МВП, Никола Јокиќ.
Јокиќ за 36 минути на теренот постигна 34 поени (12/20 од поле) со 13 скока и осум асистенции.
Одличен натпревар одигра и Мајк Портер кој мечот го заврши со 24 поени и 11 скока (4/7 за три). Заедно со Јокиќ и Портер, со двоцифрен учинок натпреварот го завршија уште четворица кошаркари на Денвер. Трет кој забележа дабл-дабл беше Расел Вестбрук со 14 поени и 11 асистенции.
Кај тимот од Лос Анџелес најефикасен беше Остин Ривс со 19 поени (3/7 тројки), Леброн Џејмс постигна 18 поени, но со лош удар од поле (7/17), додека Ентони Дејвис не блескаше. за 35 минути имаше 14 поени и десет скока.
Неизвесно беше во прво полувреме во Лос Анџелес, Лејкерси имаа предност од 65:63. Во вториот дел од натпреварот имаше поинаков тек.
Шампионот на НБА од 2023 година во средишницата на третиот период Денвер побегна на двоцифрена разлика која не ја испушти до крајот на мечот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Раниери ја одби Италија

Клаудио Раниери (73) ја одбил понудата да биде селектор на италијанската репрезентација по заминувањето на Лучијано Спалети (66).
„Му се заблагодарувам на претседателот на Италијанската фудбалска федерација, Габриеле Гравина, за оваа можност. Тоа е голема чест, но по внимателно разгледување, решив целосно да останам на располагање на Рома во мојата нова улога“, рече Раниери.
„Фридкинс (сопствениците на Рома) ми дадоа целосна поддршка за секоја одлука што би ја донел во врска со националниот тим, но ова е исклучиво моја одлука“, додаде Раниери.
Раниери, кој во својата кариера ги водеше Интер, Јувентус, Атлетико Мадрид, Челзи, Лестер, со кого ја освои титулата во англиската Премиер лига во 2016 година, и Монако, неодамна ја презеде улогата на стратешки советник на американските сопственици на Рома.
Минатиот ноември ја прекина пензијата за да ја спаси Рома, која се мачеше во Серија А. Раниери беше фаворит да го наследи Спалети, кој последен пат ја водеше италијанската репрезентација во победата од 2:0 над Молдавија во понеделник.
Спорт
Тудор и следната сезона ќе го предводи Јувентус

Игор Тудор ќе остане тренер на Јувентус и следната сезона. Тудор среде сезоната го замени Тијаго Мота и успеа да го освои четвртото место.
„Одлучивме да ја продолжиме соработката со Игор за Светското клупско првенство, но и за следната сезона, а се надевам и подолго од тоа“, изјави новиот генерален директор на Јувентус, Дамиен Комоли, на својата прва прес-конференција.
Ова е крај на долга сага во која се шпекулираше со иднината на хрвастскиот тренер.
Во март тој потпиша договор до крајот на сезоната, со клаузула дека автоматски ќе биде продолжен за една година доколку избори пласман во Лигата на шампионите.
Во девет натпревари со Јувентус, Тудор постигна пет победи, три нерешени резултати и еден пораз, а неговиот следен тест е Светското клупско првенство овој јуни и јули. Јувентус е во група со Манчестер Сити, Ал Аин и Видад Казабланка.
За потсетување, Тудор помина девет години како играч во Јувентус, додека во сезоната 2020/21 му беше помошник на Андреа Пирло. Потоа, тој ги водеше Верона, Марсеј и Лацио. Претходно во својата кариера, тој двапати ги тренираше Хајдук и Удинезе, а исто така ги водеше и ПАОК, Карабукспор и Галатасарај.
Спорт
Кипар ги одби Макаби и Хапоел

Властите на Кипар нема да дозволат израелските клубови да бидат домаќини во нивната земја. Планот на екипите од Евролигата, Макаби и Хапоел, беше во новата сезона да бида домаќини на Кипар. Макаби изминатите две сезони, беше домаќин во Белград.
Грчките медиуми објавија претходно дека Лимасол ќе биде градот каде што израелските клубови ќе ги играат своите домашни натпревари во елитното натпреварување.
Сепак, според грчките медиуми, дошло до пресврт. На израелските клубови им е забрането да бидат домаќини поради безбедносните мерки и технологијата што ги придружува ваквите натпревари.
Се пишуваше дека Израелците размислуваат и за Родос, додека Белград беше нивниот безбеден дом во претходниот период.
Останува да се види каде Макаби и Хапоел ќе ги играат своите домашни натпревари.