Македонија
Поради бизнис интересите на СДСМ граѓаните плаќаат поскапа струја, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Нема област во која во владеење на СДС и ДУИ не преовладувал нивниот бизнис интерес, на место интересот на државата и граѓаните, велат од ВМРО-ДПМНЕ и додаваат дека како и се што уништија во државата, СДС и ДУИ за свои лукративни интереси го девалвираа и уништија и енергетскиот сектор.
„Поради нивите бизнис интереси со цел големи профити, направија граѓаните да плаќаат поскапа електрична енергија. Поскапата струја која што ја плаќаат граѓаните, како и финансиските проблеми на некогаш најпрофитабилното македонско претпријатие, ЕСМ е последица на седум годишното криминалното и недомаќинско работење на кадрите на СДС и ДУИ. Дека тоа е така може да се споредат сумите во различни периоди. На пример, во 2017 година кога со ЕСМ раководеше премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски просечната цена за еден мегават час електрична енергија беше 33 евра, а сега истата изнесува 133 евра за мегават-час. Освен ова, во периодот кога премиерот Мицкоски управувал со ЕСМ, производната цена за електрична енергија се намалила за 25% во однос на претходната. Ова само покажува одговорно и домаќинско работење, што не е случај со изминатото седумгодишно раководство кое мислело на само на свои бизнис и лукративни интереси. И со секоја следна година од доаѓањето на власт на СДС и ДУИ, цената на произведената електрична енергија по мегават-час постојано растеше, за годинава да достигне рекордни 133 евра“, се вели во соопштението на партијата.
Оттаму додаваат дека една од причините за енормниот раст на цената на струјата е не ископот на јаглен и скапо увезениот.
„И тоа најверојатно се направило за да се им овозможи на одредени компании блиски до СДС и ДУИ, да увезуваат јаглен и со тоа да остварат големи профити. Бизнис интересот и лакомоста за големи профити на СДС и ДУИ ги плаќаме сите ние, преку поскапа цена на струјата. Можеби ќе треба време за да се намали цената на струјата, но преку посветено, одговорно и домаќинско работење на новото раководство на ЕСМ тоа ќе се постигне. Набрзо од денес енергетскиот систем во Македонија ќе биде целосно консолидиран и вратен во нормална состојба, што ќе доведе и до пониски цени на електричната енергија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
МВР ги отфрла како невистинити и неосновани тврдењата на СДСМ за наводна набавка на „софтвер за шпионажа“

Министерството за внатрешни работи категорично ги отфрла како невистинити и неосновани тврдењата изнесени од страна на политичката партија СДСМ за наводна набавка на „софтвер за шпионажа“.
„Потенцираме дека станува збор за редовно обновување на лиценци за специјализиран форензички софтвер, кој Министерството веќе повеќе од една деценија го користи за екстракција и анализа на дигитални податоци од мобилни телефони и други електронски уреди, во рамки на истраги што се водат исклучиво врз основа на наредби и во согласност со законските процедури.
Овие алатки не овозможуваат и не се користат за прислушкување, туку претставуваат стандардна опрема за дигитална форензика, каква што се користи и од други безбедносни институции ширум светот.
Напоменуваме дека ист софтвер бил набавен и во 2021 година, во време кога Министерството било раководено од министер од политичката партија СДСМ, што како факт сам по себе ја нагласува противречноста на денешните обвинувања.
Набавката е спроведена транспарентно и во согласност со Законот за јавни набавки и има единствена цел да го засили капацитетот на Одделот за форензички испитувања во откривање и докажување на кривични дела.
Министерството апелира до сите политички чинители да се воздржат од пласирање на дезинформации кои ја поткопуваат довербата во институциите. Очекуваме поддршка за професионалното и законито постапување на службите во интерес на јавната безбедност.
Борбата против криминалот мора да биде заеднички приоритет, а не повод за политички конструкции што одговараат само на оние кои се плашат од функционални институции и владеење на правото“, пишува во демантот на МВР.
Македонија
Предлогот Азир Алиу да биде министер за здравство утре пред пратениците, Владата од него очекува макотрпна работа и посветеност

Собранието утре треба да го разгледа владиниот предлог Азир Алиу да биде министер за здравство.
Во биографијата пишува дека Алиу е дипломиран електроинженер и доктор по информатички науки кој моментно ја извршува функцијата редовен професор на Факултетот за компјутерски науки и технологии при Универзитетот на ЈИЕ во Тетово. Алиу беше министер за информатичко општество и администрација во 2023 и 2024 година.
Алиу е дел од Алијансата за Албанците која останува во Вреди по оставката од 15 мај годинава на Арбен Таравари и неговата одлука да замине во опозиција.
Владата од Алиу очекува макотрпна работа, посветеност и реализација на Програмата во делот на здравството.
„Можам да кажам дека Предлогот ќе биде утре во Собранието и дека ќе наиде на поддршка. Очекувам Алиу да биде посветен на ресорот здравсто, да направи добра реорганизација и да ги спороведе сите политики што се наш приоритет“, рече денеска владината портпаролка Марија Митева, одговарајќи на новинарско прашање.
На утрешната собраниска седница, според дневниот ред, е и предлогот за именување на Албрим Хоџа за заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство. Во неговата биографија се наведува дека тој е новинар со повеќегодишно работно искуство, а своето образование го стекнал на Правниот факултет при Државниот универзитет во Тетово.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Наодите на СДС дека е набавен софтвер за прислушување во МВР се брутална лага, очекуваме извинување од СДС

Наводите на СДС дека е набавен софтвер за прислушкување во МВР се невистина и брутална лага, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на потпретседателот на СДСМ, Методија Илиевски.
„Очекуваме СДС да се извинат.
Софтверите се набавуваат за системот за форензика кој е набавен од СДС кога тие биле на власт.
Многу добро знае СДС дека инсинуациите од денешниот прес им се целосна измислица, но жално е како мислат дека го лажат народот.
Да потсетиме дека СДС е партија која многупати до сега е осудена за клевети и партија која нена никаков проблем да лаже и клевети за да растура пердуви“, пишува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.