Македонија
Со банките е договорена каматна стапка од 1,95 проценти за унгарскиот кредит, најави Мицкоски
„Од неколку од банките веќе имаме потврда и очекувам најголем дел од нив да застанат зад проектот и конечно 250-те милиони евра од унгарскиот заем да бидат поделени на македонското стопанство“, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски.
-Договорена е каматна стапка од 1,95 проценти, до три години грејс период и до 15 години рок на отплата во зависност од потребите на компаниите. Ценам дека е ова историски договор со историска најниска каматна стапка, рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање по денешното пуштање во употреба на новата спортска сала во ООУ „Наум Охридски“ во скопското село Булачани.
Нагласи дека за да добијат кредит компаниите ќе треба да имаат минимум 20 отсто сопствено учество, а максималниот износ кој можат да го добијат е ограничен на 10 милиони евра.
-Тоа значи дека ќе имаме инвестициски бран од 300 милиони евра. Сите компании ќе имаат можност да ги вложат овие средства во основни средства за работа, во обновливи извори на енергија, како и во објекти кои ќе ги користат како свои административни згради, односно за сопствена потреба, рече Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Илинден и Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09:00 до 13:00 часот, улица Бунарџик. (Општина Илинден)
– во периот од 09-00 до 15-00 часот, дел од корисниците на улиците: Мице Козар и Ѓуро Салај. (Општина Ѓорче Петров)
Македонија
Сончево и релативно топло со мала до умерена облачност
Сончево и релативно топло со мала до умерена облачност. Во утринските часови наместа ќе има зголемена облачност која во текот на денот ќе се намали. Ќе дува слаб ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 3, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има услови за појава на слаба магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и претежно тивко. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредниот период
Продолжува период на стабилно и релативно топло време. Во текот на ноќите и во утринските часови ќе има појава на магла на одредени места и зголемена облачност која во текот на денот ќе се намалува.
Македонија
Сообраќајот на граничниот премин Евзони (ГП Богородица) се одвива нормално
Сообраќајот на ГП Евзони (ГП Богородица) се одвива нормално, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

