Свет
Земјите на ОН не може да се договорат за намалување на загадувањето со пластика
Емисари од 175 земји се собраа во Бусан, Јужна Кореја, на петтата рунда преговори за постигнување меѓународен договор, чија цел е да се намали загадувањето со пластика на планетата, но постојаните поделби фрлаат сомнеж дека договор е на повидок.
Јужна Кореја е домаќин на петтиот и наводно последен состанок на Меѓувладиниот преговарачки комитет на ОН (INC-5) оваа недела откако претходната рунда разговори во Отава во април заврши без јасен пат кон ограничување на производството на пластика.
Разговорите во Бусан ќе се фокусираат на хемикалиите што предизвикуваат загриженост и други мерки откако петрохемиските земји, како Кина и Саудиска Арабија, силно се спротивставија на напорите за ограничување на производството на пластика.
Поделбите што ги кочат разговорите за договорот за пластика ги одразуваат конфликтите, кои долго време ги закочија напорите на ОН за спречување на глобалното затоплување, при што последниот самит за климата, COP29, штотуку заврши со договор, којпосиромашните земји го оценија како несоодветен.
Претседателот на INC, Луис Вајас Валдивиесо, им рече на новинарите дека е уверен оти разговорите оваа недела ќе завршат со некаков договор или барем документ што ќе му претходи на договорот.
„Без сеопфатна интервенција, се очекува дека до 2040 година количината пластика што завршува во животната средина годишно ќе се удвои во споредба со 2022 година“, рече Валдивиесо на отворањето на состанокот во Бусан.
„Ова е за способноста на човештвото да одговори на егзистенцијална закана“, рече тој додавајќи дека микропластиката е пронајдена во човечки органи.
Во август САД изненадија со својата поддршка да се вклучи ограничување за производството на пластика во договорот по примерот на ЕУ, Кенија, Перу и други земји.
Сепак, победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД ја доведува во прашање позицијата на САД знаејќи дека за време на неговиот прв мандат тој малку се грижеше за мултилатералните договори и ветувањата дека ќе го забави или запре производството на нафта и петрохемиското производство во неговата земја.
Делегацијата на САД не кажа дали ќе ја промени својата нова позиција за ограничувањата на производството на пластика, но Советот на Белата куќа за квалитетот на животната средина рече дека поддржува „глобален инструмент за решавање на проблемите со производството на пластика, хемикалиите што се користат во пластичните производи и снабдувањето со примарни пластични полимери“.
На собранието на Обединетите нации за животна средина, одржано во март 2022 година, владите на земјите членки официјално се обврзаа да отворат преговори за глобален, правно обврзувачки договор за пластика.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Италијанската полиција конфискува 1,4 тони наркотици и уапси 384 луѓе
Во голема операција против илегалната трговија со дрога италијанската полиција откри и конфискува 1,4 тони наркотици и уапси 384 лица.
Во операцијата 655 лица се ставени под истрага, од кои 39 малолетни, а конфискувани се 35 килограми кокаин и повеќе од 40 парчиња огнено оружје.
Полицијата изврши контроли и во 312 продавници за канабис, при што привремено се затворени пет продавници во три града откако биле извршени 312 контроли. Конфискувани се 296 килограми производи од канабис.
Италија во јуни одобри безбедносен декрет со кој се забранува така наречениот „легален“ канабис и трговијата со „лесен канабис“ или коноп се прогласува за нелегална трговијата, кој, за разлика од марихуаната, нема психоактивни ефекти.
Свет
Во САД заврши првата рунда разговори меѓу украинската и американската делегација, соопшти Зеленски
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека во САД веќе е завршена првата рунда разговори меѓу украинската и американската делегација и оти очекува извештај од шефот на украинската делегација Рустем Умеров пред следната рунда преговори.
Зеленски го изјави тоа за време на заедничкото обраќање до медиумите со премиерот на Португалија Луис Монтенегро.
– Нашиот тим ќе ме контактира, така се договоривме, и ќе ми ги изнесе резултатите од првиот блок на дијалогот, по што ќе одлучиме како да продолжиме, рече Зеленски.
Тој додаде дека во САД се наоѓаат и претставници на Русија и Европа, истакнувајќи дека ќе може да зборува за деталите од разговорите откако ќе го добие извештајот од Умеров.
Свет
Американски напад врз Сирија, загинаа припадници на Исламска држава
Најмалку пет припадници на Исламска држава загинаа во синоќешните американски напади врз цели на ИД во Сирија, соопшти Сирискиот центар за набљудување на човековите права, со седиште во Лондон.
– Помеѓу загинатите е и „водачот на ќелија“, задолжен за беспилотни летала. Тие се убиени во покраината Деир ез Зор, изјави претставникот на Сирискиот центар, Рами Абдел Рахман.
САД синоќа соопштија дека погодиле повеќе од 70 цели во неколку области на Сирија. Според неименуван безбедносен извор нападите биле насочени кон ќелиите на ИД во покраините Хомс, Деир ез Зор и Рака.
Претседателот на САД, Доналд Трап на сопствената платформа „Трут соушл“ (Truth Social), откако Пентагон соопшти за операцијата против Исламска држава, објави – „Напаѓаме многу силно против бастионите на ИД“.
Американската армија изврши „масовен напад“ врз цели поврзани со ИД во Сирија, како одговор на смртоносниот напад врз американските сили. На 13 декември во пустинска област во централната сириска покраина Хомс загинаа двајца американски војници и еден цивилен преведувач. Вашингтон за нападот ја обвини џихадистичката група, но ИД не презеде одговорноста за нападот.
Целта на операцијата, според Вашингтон, е да се ослабат капацитетите на ИД за понатамошно дејствување и да се спречат напади врз американскиот персонал во Сирија. Во Сирија распоредени се околу 1.000 американски војници.
Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет изјави дека операцијата „Хајкај страјк“ (Hawkeye Strike) е насочена кон елиминација на „борци, инфраструктура и локации со оружје“ на ИД. Тој посочи дека метите се избрани за да се погодат клучните ресурси на ИД, вклучително и оперативните капацитети и логистичка поддршка.
– Ова не е почеток на војна – ова е декларација за одмазда. Денеска ги гоневме и убивме нашите непријатели. Многу од нив. И ќе продолжиме да го правиме тоа, наведе Хегсет на социјалните мрежи.
Изминатите месеци Коалицијата предводена од САД против ИД изврши неколку воздушни напади и копнени операции во Сирија, насочени кон осомничени членови на терористичката организација. Во операциите беа вклучени и припадници на сириските безбедносни сили.

