Македонија
Почнува осмиот Медиумски фестивал – Скопје
Осмиот Медиумски фестивал – Скопје (МФС) од денеска до четврток ќе се одржи во мултимедијалниот простор „Котур“, во организација на Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА.
Оваа година Фестивалот е посветен на основната градбена клетка на новинарството – локалното известување.
Фестивалот ќе почне со дискусија на тема „Моќта на локалните гласови и новинарството на локално ниво“, каде што ќе се разгледаат предизвиците и улогата на локалните медиумски работници, како и проблемите со кои тие се соочуваат.
Филмската програма ја отвораат документарците „За весникот“ на добитничката на наградата „Еми“, Хедер Кортни, и „Лош печат“, преку чии примери се отсликува судбината на безброј локални весници во светот.
На вториот фестивалски ден ќе се прикажат „Залутани тела“ за принудниот т.н. медицински туризам во Европа и „Небото над Зеница“ за погубното загадување во Босна.
Фестивалот го затвора „Промена на вестите“ за дигитална платформа создадена како обид да се разбие едноличната машка доминација во редакциите во САД.
МФС традиционално ги разгледува предизвиците со кои се соочуваат жените во медиумската сфера во Македонија, годинава преку дискусија за солидарноста и градењето заедница меѓу жените во медиумите.
Третиот фестивалски ден е фокусиран на учеството на младите во медиумите,почнувајќи со работилница за фотоновинарство, каде што на младите новинари ќе им биде претставена моќта на визуелните приказни.
А дискусија за тоа како да се поттикне вклучувањето на младите во новинарската професија, ќе следува веднаш по прикажувањето на два кратки документарни филма изработени во рамките на програмата за млади новинари на ПИНА.
Како и секогаш, фестивалските содржини се бесплатни.
Целосната програма за осмото издание на Медиумскиот фестивал – Скопје може да се види на веб-страницата www.mfs.mk.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.


