Свет
Шефот на дипломатијата на ЕУ: Израел да го прифати предлогот за прекин на огнот во Либан

Високиот комесар за надворешни работи и безбедност на ЕУ денеска ја повика израелската влада да го поддржи предложениот договор за прекин на огнот во Либан, кој, според него, ги содржи сите неопходни безбедносни гаранции за Израел.
Жозеп Борел на состанокот на министрите за надворешни работи на Г7 во Италија изјави дека нема оправдување за неприфаќање на договорот и смета дека треба да се изврши притисок врз Израел веднаш да го одобри планот.
„Да се надеваме дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ќе го одобри договорот за прекин на огнот предложен од САД и Франција. Нема повеќе изговори и барања“, рече Борел.
Според висок израелски функционер, се чини дека Израел може да го прифати американскиот план за прекин на огнот со Хезболах.
Израелскиот безбедносен кабинет се очекува да се состане подоцна денеска за да разговара и евентуално да го одобри текстот на состанокот со кој претседава премиерот Нетанјаху, рече претставникот.
Либанскиот министер за надворешни работи, Абдала Бу Хабиб, изјави дека се надева оти до вечерва ќе биде постигнат прекин на огнот за ставање крај на борбите меѓу Израел и либанската вооружена група Хезболах.
Борел како една од спорните точки на планот го наведе учеството на Франција во комитетот за следење на прекинот на огнот со кој претседаваат САД. Борел потврди дека Либан конкретно побарал Франција да биде вклучена, но дека Израелците биле амбивалентни за учеството на Франција.
„Тоа е една од точките на планот што ни недостигаат“, рече Борел.
Предлогот подразбира повлекување на израелската армија од јужен Либан и распоредување редовни сили на либанската армија во пограничната област, упориште на Хезболах, во рок од 60 дена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
„Фајненшл тајмс“: Зеленски можно е оваа недела да го посети Трамп

Американскиот претседател Доналд Трамп може да го прими украинскиот претседател Володимир Зеленски оваа недела, објави новинарот на „Фајненшл тајмс“, Кристофер Милер, повикувајќи се на три извори.
Според Милер, средбата би можела да се одржи во петок, на 17 октомври, но други детали засега не се познати.
Двајцата лидери последен пат се сретнаа во септември за време на Генералното собрание на ОН во Њујорк, а во последните денови имале два телефонски разговора, меѓу другото и за можната испорака на американски крстосувачки ракети „Томахок“ на Украина.
Паралелно, украинската делегација предводена од премиерката Јулија Свириденко започнува недела на преговори со американските претставници во Вашингтон.
Свет
Скандал во Индија: Талибански министер не ги повикал новинарките на прес-конференција

Талибанскиот министер за надворешни работи на Авганистан, Амир Кан Мутаки, предизвика бурни реакции во Индија откако на својата прва прес-конференција во Делхи не ги повикал жените новинарки.
Настанот, на кој присуствувале околу 16 новинари, но ниту една жена, предизвика остри реакции од индиските медиумски организации и опозициски политичари. Тие го оценија инцидентот како „отворена родова дискриминација“.
Под притисок на јавноста, Мутаки следниот ден одржа нова, „инклузивна“ прес-конференција, каде изјави дека исклучувањето на жените било „техничка грешка“.
„Настанот беше организиран во краток рок и поканите беа испратени на ограничен список новинари, без никаква друга намера“, рече тој.
Мутаки моментално престојува во Индија на разговори со претставници од Русија и индиската влада, со цел јакнење на дипломатските врски.
Иако се обиде да ги оправда ограничувањата на жените во Авганистан, индиските новинари остро го прашаа зошто девојчињата таму веќе четири години немаат пристап до образование.
Свет
Лавров ги демантира гласините за труење на Башар ал-Асад

Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, ги отфрли наводите дека Москва наводно се обидела да го отруе поранешниот сириски претседател Башар ал-Асад, кој доби политички азил во Русија.
Како што објави руското издание Info24, Лавров на средба со претставници на арапските медиуми изјавил дека поранешниот сириски лидер и неговото семејство се наоѓаат во Москва „исклучиво од хуманитарни причини“.
„Тие беа изложени на закани со физичко насилство, па руските власти им овозможија азил. Асад нема никакви здравствени проблеми во нашата престолнина. Труење не се случило, а сите што ги шират тие гласини – нека останат со својата совест,“ изјавил Лавров.
Башар ал-Асад беше претседател на Сирија од 2000 година, а земјата ја напушти откако минатиот декември сириските бунтовнички сили влегоа во главниот град Дамаск.