Свет
Најстариот човек на светот почина на 112 години
Џон Алфред Тинсвуд, најстариот човек на светот, почина на 112-годишна возраст во Велика Британија, потврди неговото семејство.
Во моментот на неговата смрт, во понеделникот во домот за стари лица во Саутпорт, недалеку од Ливерпул, тој бил опкружен со музика и љубов, додале тие.
Роден е на 26 август 1912 година – годината кога потона Титаник – и стана најстариот човек на светот во април 2024 година, кога Хуан Висенте Перез Мора почина на 114-годишна возраст.
Потоа и официјално влезе во Гинисовата книга на рекорди.
Зад себе ги остави ќерката Сузан, внуците Анучка, Мариса, Тоби и Руперт и правнуците Табита, Калум и Нива.
„Беше интелигентен, решителен, храбар, смирен во секоја криза, талентиран за математика и одличен соговорник“, велат од неговото семејство.
Сето тоа го искористил за време на Втората светска војна, кога работел во британската армија за да најде изгубени војници и да организира резерви на храна.
Ја запознал сопругата Блодвен на танц и се венчале во 1942 година.
Тие беа заедно 44 години, таа починала во 1986 година.
Неговото семејство вели дека тој бил „активен пензионер“ и волонтирал во црквата.
За себе во интервју за Би-Би-Си изјави дека бил „прилично активен како млад“ и дека „шетал многу“, но дека не знае зошто живеел толку долго.
Тој инсистираше на тоа дека не се разликува од другите.
„Или живеете долго или живеете кратко – нема многу што можете да направите за тоа“.
Според неговите зборови, тој не држел никаква диета, освен што секој петок јадел риба и чипс.
Откако наполни еден век, секоја година добиваше роденденска честитка од кралицата Елизабета, а подоцна и нејзиниот син, кралот Чарлс.
„Би сакале да им се заблагодариме на сите во Обединетото Кралство и ширум светот кои испратија честитки и пораки со поддршка на Џон за неговите родендени, тој навистина ги ценеше.
Џон отсекогаш сакаше да се заблагодари, па затоа во негово име би сакале да им се заблагодариме на сите што се грижеа за него низ годините – негувателите во домот, неговите лекари, медицинските сестри и другиот персонал на NHS“, велат од семејството.
Тие побара сите донации во спомен на Џон да бидат испратени до „Ејџ УК“, организација која се занимава со правата на старите лица, или во добротворна организација по сопствен избор.
Најстариот човек во историјата бил Џиромон Кимура од Јапонија, кој во моментот на смртта во 2013 година имал 116 години и 54 дена.
Најстариот човек на светот моментално е Јапонецот Томико Итока, кој има 116 години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Странски турист испадна од кабина на жичницата на планината Дурмитор во Црна Гора
Еден странски турист загина, а тројца се спасени во несреќа на жичницата на планината Дурмитор во Црна Гора. Тамошните медиуми објавија дека двајца германски државјани испаднале од својата кабина, од кои еден починал, додека неговата сопруга е тешко повредена.
По неколкучасовниот прекин на работата на жичницата поради несреќата, спасени се тројца странски туристи кои беа заглавени на стрмниот и непристапен дел на скијалиштето на Дурмитор. Тие беа заглавени во горниот дел на жичницата, каде што температурите се пониски.
Црногорските медиуми објавија дека несреќата се случила откако жичницата поради дефект тргнала наназад, при што двајцата Германци испаднале од кабината.
Свет
Поради зимата во Газа умираат бебиња и деца, повик до Израел да дозволи помош
Организацијата „Лекари без граници“ (Médecins Sans Frontières – MSF) вчера предупреди дека бебиња и деца во Појасот Газа умираат од студ поради тешките зимски услови и го повика Израел да ја ублажи блокадата на хуманитарната помош, додека, како што наведуваат, воените дејствија продолжуваат и покрај примирјето.
МСФ соопшти дека во јужниот дел на Газа, во Кан Јунис, од тешка хипотермија починало прерано родено бебе на 29 дена, истакнувајќи дека зимата во комбинација со исклучително лошите животни услови значително ги зголемува здравствените ризици, пренесе Ал Џезира.
Според податоците на Министерството за здравство на Газа, бројот на смртни случаи поради екстремните временски услови достигнал 13, додека претходно оваа недела од студ починало и двонеделно бебе поради недостаиг на соодветно засолниште и облека.
Шефот на педијатриско-акушерското одделение во Медицинскиот комплекс „Насер“ Ахмед ал-Фара предупреди дека хипотермијата е исклучително опасна за новороденчињата и дека доколку на семејствата во шаторите не им се обезбедат средства за греење и соодветно сместување, бројот на смртни случаи ќе расте.
МСФ наведува дека бележи висок пораст на респираторни инфекции, кои во текот на зимата би можеле дополнително да се шират, особено загрозувајќи ги децата под пет години.
Во последните недели Газа се соочува со обилни врнежи, силни ветрови и ниски температури, при што повеќе од 53.000 шатори, кои служат како привремено сместување за раселените лица, се оштетени или уништени.
Поради уништената инфраструктура, улиците брзо се поплавуваат, а канализацијата се излева, додека семејствата се принудени да се засолнат во делумно урнати објекти.
Обединетите нации наведуваат дека Израел и натаму спречува испорака на шатори, ќебиња и други основни потреби, додека околу 55.000 семејства претрпеле штета за време на невреме, а оштетени се и просторите наменети за деца, што погодило околу 30.000 деца.
Организацијата „Refugees International“ оцени дека хуманитарната помош во Газа пристигнува во минимални количини, делумно поради списокот на „контролирани предмети“, кој, според наводите, вклучува и основни потреби како пелени, завои и шатори.
Свет
Брз патнички воз уби седум слонови на пруга во Индија
Седум диви азиски слонови загинаа, а еден мал е повреден кога брз патнички воз се судрил со крдо кое ја преминувало пругата во североисточната индиска сојузна држава Асам, соопштија локалните власти.
Машиновозачот забележал крдо од околу 100 слонови и ги употребил сопирачките за итни случаи, но возот сепак удрил во дел од животните, изјави портпаролот на Индиските железници, Капинџал Кишор Шарма.
Пет вагони и локомотивата излетале од шините по сударот, но немало човечки жртви.
Ветеринари извршиле обдукција на угинатите слонови, кои дополнително треба да бидат погребани.
Местото на несреќата е шумско подрачје на околу 125 километри југоисточно од главниот град на Асам, Гвахати.
Возот „Раџдани експрес“, кој сообраќал од Саиранг во државата Мизорам која се граничи со Мјанмар, бил на пат кон главниот град Њу Делхи со 650 патници кога удрил во слоновите.
Сударите на возови и диви слонови не се ретки во Асам, каде што живеат околу 7.000 диви азиски слонови, што претставува една од најголемите концентрации во Индија. Од 2020 година, најмалку десетина слонови биле убиени на овој начин.

