Регион
Укинат притворот на поранешниот министер за градежништво на Србија, Горан Весиќ

Укинат е притворот на поранешниот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура на Србија, Горан Весиќ, кој беше уапсен поради падот на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад кога загинаа 15 лица, соопшти Вишиот суд во Нови Сад, пренесуваат тамошните медиуми.
„Вонистражниот совет на Вишиот суд во Нови Сад, одлучувајќи по жалбите на Вишото јавно обвинителство и бранителот на осомничениот, му го прекина притворот на осомничениот Горан Весиќ, утврдувајќи дека и од наредбата за истрагата, како од доказите доставени од Вишото јавно обвинителство во Нови Сад во списите на предметот, засега не постои основано сомнение дека сторил тешко кривично дело против општата безбедност“, се вели во соопштението на Вишиот суд, стои во написите на медиумите.
Тој суд навел дека јавниот обвинител „досега не доставил докази кои укажуваат на постоење на основано сомнение за причинско-последична врска помеѓу дејствијата опишани од обвинителот и пропуштањето на осомничениот Горан Весиќ со последиците што произлегуваат од тоа“.
„Советот оцени дека жалбените наводи на В.Ј.Т за постоење на влијание врз сведоци и други стравови се бесмислени, па му го прекина притворот на осомничениот Горан Весиќ и нареди веднаш да биде пуштен на слобода“, соопшти Вишиот суд во Нови Сад.
Весиќ, кој поднесе оставка по падот на настрешницата на Железничката станица, беше уапсен на 21 ноември.
Под сомнение дека се одговорни за падот на настрешницата од зградата на железничката станица во Нови Сад, во која загинаа 15 лица, уапсени се уште 12 лица.
Горан Весиќ и Небојша Шурлан поради здравствени проблеми се пренесени од притвор во Заводот за кардиоваскуларни заболувања во Сремска Каменица, пишуваат српските медиуми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Локални избори во Заечар и Косјериќ

Денеска во Заечар и Косјериќ се одржуваат редовни локални избори, на кои се избираат советници во општинските совети на овие две локални самоуправи. Гласачките места се отворија утрово во 7:00 часот, а се затворија во 20:00 часот.
Осум изборни листи учествуваат на изборите во Заечар и три во Косјериќ. Изборниот молк ќе трае до затворањето на гласачките места.
Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, изјави дека нарушувањето на изборите е кривично дело и дека полицијата ќе реагира.
– Полицијата мора да си ја врши својата работа. Во кривичниот законик постои кривично дело попречување на избори. Доколку некој крши гласачки кутии или им попречува на луѓето да гласаат, тоа нема да биде дозволено – рече Дачиќ.
Општина Косјериќ има околу 10.000 жители, а право на глас имаат 8.897 гласачи.
Според податоците на Градската изборна комисија, вкупниот број на гласачи на територијата на Заечар е 47.357.
Прелиминарните резултати се очекуваат вечерва.
Регион
(Фото) Поскапо отколку на Ибица: лежалка на Јадранското море чини 1.300 евра на ден

Цените во хрватските туристички центри се зголемуваат од година во година, а се чини дека оваа сезона трката за профит започна порано од кога било. Од кафе кое чини пет евра, лежалки кои се изнајмуваат поскапо од ноќевање во соба, до порции риба кои достигнуваат цени како и во луксузните ресторани во европските метрополи – сето ова веќе ги загрижува и домашните и странските гости на Јадранското Море, пишува Блиц.
Едно е сигурно – сезоната сè уште не е ни започната, а за цените се зборува како да сме веќе во средината на август. Ова го потврдува и последната објава на Reddit, каде што еден корисник објави фотографија од ценовник од кафуле на плажа во Сплит.
„Можеби ценовникот е поставен на 100 метри од барот на плажата, но барот е во сенка (Жњан, Сплит)“, напиша тој во објавата со фотографијата и додаде: „Добредојдовте на Ибица“, алудирајќи на високите цени.
Цената за изнајмување лежалки се движи од 35 до 1.300 евра!
Možda je cjenik stavljen 100m dalje od beach bara, ali je bar u ladovini (Žnjan, Split)
byu/MantisTobogan_dr incroatia
Во коментарите, корисник ги спореди цените во популарно одморалиште во Шпанија, Ибица и Сплит. Според податоците од веб-страницата Numbeo, Сплит е поскап, барем кога станува збор за туристичките објекти. Авторот на објавата одговори на тоа:
„О, ужас! Сè уште му се потсмевам, а дури е поскап од Ибица“.
Многумина се прашуваат каков туристички бран нè очекува кога, веќе во предсезоната, цените на сместувањето, кафето или порциите лигњи достигнаа нивоа што до вчера беа резервирани за најскапите европски дестинации.
Регион
Силен земјотрес ја погоди Света Гора, почувствуван на Халкидики и во Солун

Земјотрес со магнитуда од 5,3 степени е регистриран попладнево во морската област на Света Гора.
Според Геодинамичкиот институт и Сеизмолошката станица на Универзитетот „Аристотел“ во Солун, епицентарот на потресот бил на 7 километри западно од Кареја, на длабочина од 12,5 километри.
Како што јавуваат грчките медиуми, силниот земјотрес го потресе целиот регион Халкидики, како и градот Солун. Бил почувствуван и на крајбрежните области на Кавала и Тасос.