Забава
Џејми Ли Кертис позира без шминка: „Го поддржувам трендот на Памела Андерсон“
Џејми Ли Кертис на „Инстаграм“ објави фотографија, на која позира без шминка.
„Селфито ‘штотуку излезена од туширање’. Навивам за трендот на Памела Андерсон. Само што забележав дека изгледа како да имам маскара, но, едноставно, не можев да ја тргнам како што треба“, напиша 66-годишната актерката во објавата.
Имено, Памела веќе некое време во јавноста се појавува без шминка и стана заштитно лице на движењето за природен изглед. Таа претходно изјави за „Ел“ дека престанала да се шминка откога нејзината долгогодишна шминкерка и пријателка Алексис Вогел почина од рак на дојката во 2019 година.
Кертис долго време е поддржувач на Памела и претходно изразуваше восхит за нејзината храброст. Актерките работеа заедно на филмот The Last Showgirl, во кој главната улога ја има Памела.
Филмот е сместен во блескавиот свет на Лас Вегас и ја следи Шели, искусна и гламурозна танчарка, која мора да ја планира иднината кога нејзиното шоу ненадејно ќе се затвори по 30 години настапи. Кертис игра келнерка и посветна пријателка на Шели.
Како што пренесува „Вараети“, филмот доби многу позитивни критики во Торонто, а некои критичари сметаат дека Андерсон треба да биде кандидат за „Оскар“ за најдобра актерка. Премиерата на филмот е закажана во Лос Анџелес на 13 декември. The Last Showgirl ќе почне да се прикажува во кината во САД во јануари 2025 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Забава
(Видео) „Весник“ ново дело на хармоникашот Мишел Трајковски и актерката Јана Стојановска
Хармоникашот Мишел Трајковски и познатата актерка Јана Стојановска ја претставуваат својата најнова креација – песната „Весник“. Ова дело е уникатна комбинација на музика и актерска емоција, која допира до душата на слушателите.
Видео записот за „Весник“ е снимен на неколку препознатливи локации низ Скопје, доловувајќи ја убавината и магијата на градот. Со впечатливи визуелни елементи и моќна изведба, песната носи порака за љубов, носталгија и животните патишта.
Оваа соработка ја истакнува способноста на уметниците да создадат нешто навистина посебно, обединувајќи две различни, но комплементарни уметнички форми. Песната „Весник“ е на пат да стане вистински хит, инспирирајќи ги слушателите со својата искреност и емоција.
Музиката, текстот и аранжманот се на Мишел Трајковски.
Забава
Преработката на „Има една земја“ ќе биде отпеана на концертот „Македонијо, во срце те носиме“ на 7 декември во Филхармонијата
„Има една земја сонце што ја грее, оди таму, в’ срце земи ја, слушни вечна песна таму што се пее: Нека живеј Македонија“!…, дел од стиховите на една од трите најавени нови преработки со наслов „Има една земја“, а која ќе биде отпеана на концертот „Македонијо, во срце те носиме“, закажан на 7 декември во Филхармонијата.
Песната е со потписот на Григор Копров, а е отпеана во далечната 1986 година од страна на легендарниот Гоце Николовски и се нашла на албумот што го носел неговото име. Песната носи моќни стихови, а во себе крие и интересна приказна за тоа како станала дел од опусот на Николовски, кој во тоа време живеел во Ниш, пеел шлагери и бил дел од една од легендарните нишки групи, познатите „Далтони“. Набргу влегол во етноводите и светот на народната музика, а токму со Копров работел на споменатиот албум, кој бил издаден за РТВ Словенија. Всушност, тоа бил неговиот прв фолк-албум.
„Кога го побаравме Копров, беше изненаден што некој воопшто се сетил на оваа композиција,која одлично се вклопува во целата наша приказна што ја раскажуваме во изминатите две години. На сцената на Филхармонијата сега ќе биде отпеана во дует, и тоа од Сузана Спасовска и Александар Тарабунов“, велат од „Скендеровски продукција“, инаку задолжени за целата ова убава приказна, која се раскажа во сите поголеми градови во земјата.
Освен „Има една земја“, веќе добро познатите 12 нумери, кои публиката имаше можност да ги чуе, на сцената ќе ја чуеме и „Молитва“ на авторот Миле Барбаровски, а што ќе ја отпее Бојана Скендеровски. За преработките, но и оркестрациите, ќе се погрижи маестро Николче Мицевски, а симфонискиот оркестар ќе музицира под диригентската палка на Сашо Татарчевски.
Низ целиот музичко-драмски перформанс, пак, публиката ќе ја води актерот Дејан Лилиќ.
7 декември, со почеток од 20 часот, бидете во Филхармонијата, бидете дел од завршниот концерт во рамките на приказната „Македонијо, во срце те носиме“ за уште еднаш да ја обоиме Македонија со најубавите звуци и да се потсетиме на аманетот што ни го оставиле генерациите пред нас, велат од продукцијата.
Сите заедно да уживаме во некои од најубавите македонски патриотски песни и во изведбите на Бојана Скендеровски, Миле Кузмановски, Сузана Спасовска, ДНК, Наум Петрески, Зуица Лазова, Александар Тарабунов, Мина Блажев, Андријана Јаневска, Марија Спасовска, Огнен Здравковски и Ламбе Алабаковски, додаваат во соопштението.
Забава
(Видео) Ѕвездата од „Очајни домаќинки“: Сите мислат дека мажите стојат во ред за да ме викнат на состанок
Ѕвездата од серијата „Очајни домаќинки“, Тери Хачер (59), ужива во самечкиот живот.
Тери го сними божиќниот филм How to Fall in Love by Christmas и гостуваше во емисијата Sherri Shepherd. Таму, меѓу другото, зборуваше и за својот љубовен живот. Таа призна дека состанувањето во последно време ѝ изгледа малку досадно.
View this post on Instagram
„Што се однесува до мене – луѓето ме прашуваат дали се гледам со некого, а јас секогаш велам дека веќе не одам на состаноци многу често. Порано одев на состаноци, го гледав човекот што седеше спроти мене и си мислев: „Добро, се прашувам дали ќе завршиме во кревет“. И сега ги гледам и се прашувам кога ќе треба да му ја сменам пелената на тој човек. Едноставно, веќе не е толку забавно“, рече Тери.
„Не излегувам многу. Најчесто се гледам со мојата мачка“, рекла таа и објаснила дека „дружењето со мачката е подобро од кој било состанок“. Водителот потоа ја советуваше да почне да излегува со помлади мажи бидејќи очигледно тоа функционира за Шер, која е 37 години постара од момчето Александар Едвардс.
View this post on Instagram
„Луѓето ми велат: ‘Не можеме да веруваме дека не излегуваш, сигурно стојат во ред пред вратата’. Им велам: ‘Не. Ја отворам вратата одвреме-навреме, нема никој’“, додава актерката.
Иако Хачер сега е сама, таа претходно беше во брак двапати – со Џон Тени од 1994 до 2003 година и со Маркус Литхолд од 1988 до 1989 година.