Македонија
Нови средства за зелени проекти – Европската банка за обнова и развој инвестира во македонската енергетика
Стратегијата 2025 – 2030 предвидува нови средства и подршка за зелени проекти – Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ја зајакнува соработката со Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), соопштија од ова Министерство.
Министерката за енергетика и рударство и минерални суровини Сања Божиновска одржа продуктивна средба со претставници на Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), на која беа разгледани можностите за продлабочување на соработката и поддршката во насока на зелената транзиција и одржливиот развој на Македонија.
Една од главните теми на состанокот беше новата стратегија за Северна Македонија за периодот 2025 – 2030 година, која е во фаза на изработка. Оваа стратегија има цел да ги адресира предизвиците со кои се соочува земјата и да го зајакне одржливиот развој. Нејзината финализација се очекува во првата половина на 2025 година, а ќе биде насочена кон поддршка на зелена економија, одржлива инфраструктура и регионална интеграција.
ЕБРД, како главен институционален инвеститор во земјата, ја реафирмира својата посветеност за поддршка на реформите во инфраструктурата и енергетиката. Особен фокус беше ставен на можностите за зголемување на инвестициите во обновливи извори на енергија, модернизација на енергетската мрежа и унапредување на прекуграничната поврзаност.
Претставниците на Министерството и ЕБРД истакнаа дека досегашната соработка донесе значајни резултати, вклучително и финансиската поддршка за изградба на првите соларни фотоволтаични капацитети во сопственост на ЕСМ, како и проектите за проширување на капацитетите во Осломеј и термоелектраната во Битола.
ЕБРД досега има инвестирано над 2,9 милијарди евра во 196 проекти во Македонија, со акцент на енергетската транзиција, инфраструктурата и зголемување на ликвидноста на енергетскиот пазар.
Министерството за енергетика и рударство и ЕБРД, како што е нагласено, остануваат посветени на редовни средби и партнерство со цел остварување на заедничката визија за економски напредок и зелена иднина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Манасиевски: Вториот стожер на стратегијата „Македонија 2030“ е економска конкурентност и нов модел на раст
Вториот стожер на Стратегијата Македонија 2030 е економска конкурентност и нов модел на раст, изјави Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Стратегијата „Ново поглавје – Македонија 2030“ поставува јасна цел за создавање на модерна и просперитетна држава што се потпира на работа, знаење и стабилни институции. Нашата економија мора да премине кон систем што создава вредност, а не зависност. Вториот стожер кој денес го претставуваме е економска конкурентност и нов модел на раст. Нашиот фокус е структурна трансформација, односно од економија базирана на ниски плати во минатото, да се стремиме кон економија базирана на знаење, иновации и висококвалификуван кадар“, рече тој.
Манасиевски кажа дека ВМРО-ДПМНЕ има конкретни чекори и план како да стигнат до оваа реализација.
„Развој на индустрии со висока додадена вредност, како модерна технологија, ИКТ, биотехнологија, фармација и инженеринг да бидат нашите двигатели на новата економија. Следен чекор е дигитализација и автоматизација во бизнис-секторот. Само модерни компании можат да влезат во европските производствени и технолошки синџири. Планираме голема поддршка за домашните претпријатија. Домашниот бизнис е мотор на економијата. Затоа, обезбедуваме подобри услови за инвестиции, пристап до капитал и намалени административни бариери. Стабилен и предвидлив даночен систем. Ниту една компанија не би инвестирала во држава која ги менува правилата според дневна политика, затоа стабилноста е суштинска“, рече Манасиевски.
Додаде дека последен чекор во овој стожер, но и многу важен е зелена транзиција и енергетска независност.
„Работиме на зголемени инвестиции во обновливи извори, модернизација на енергетските мрежи и развој на зелени технологии“, рече Манасиевски.
Македонија
Ѓорѓиевски и францускиот амбасадор разговараа за развојот на Скопје и за партнерството со Дижон
Градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска оствари работна средба со амбасадорот на Франција, Кристоф Ле Риголер. На состанокот беше претставена визијата за долгорочен развој на Скопје, заснована на одржливи политики, европски стандарди и продлабочена меѓународна соработка.
Разговорот опфати и унапредување на партнерството со збратимениот град Дижон, како и можности за нови заеднички проекти и иницијативи од интерес за граѓаните на главниот град.
Градоначалникот Ѓорѓиевски во својата изјава го нагласи стремежот Скопје целосно да ги интегрира европските стандарди во економскиот развој, културата и зелените политики. Амбасадорот Ле Риголер ја изрази подготвеноста на Франција да сподели искуства и иницијативи, кои може да придонесат за подобрување на инфраструктурата и на квалитетот на живот во Скопје.
Двете страни ја истакнаа важноста од континуирана институционална комуникација и координација, со цел отворање нови можности за партнерства и долгорочни проекти.
Ѓорѓиевски оцени дека соработката ќе придонесе Скопје да продолжи да се развива како современ европски град, ориентиран кон иновативни решенија и меѓународна отвореност.
Македонија
Повторно блокиран граничниот премин Богородица
Од 11 часот сообраќајот на ГП Евзони (Богородица) е блокиран за влез и излез, информира АМСМ. Преминот беше блокиран и вчера поради штрајк на земјоделците.
Од 9 до 13 часот на ГП Ники (Меџитлија) сообраќајот е блокиран само за товарни возила и автобуси.
На ГП Дојран сообраќајот се одвива непречено.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува приспособена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што има можност од појава на одрони. Ова особено се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

