Свет
Воспитувач силувал 60 девојчиња, бакнувал и бебиња: осуден на доживотен затвор во Австралија
Поранешен воспитувач е осуден на доживотен затвор за силување и сексуално вознемирување речиси 70 девојчиња во Австралија и Европа.
Ешли Пол Грифит (47), кој е познат како еден од најлошите педофили во историјата на Австралија, признал 307 напади, кои ги извршил во центрите за згрижување деца во Квинсленд и во Европа во периодот од 2003 до 2022 година. Неговите жртви биле на возраст од една до седум години.
Судијата рече дека обемот и природата на злосторствата извршени од Грифит се ужасни. Покрај овој случај, според Би-би-си, Грифит е обвинет за злоупотреба на повеќе од 20 деца во Нов Јужен Велс и Италија.
Во Окружниот суд во Бризбејн денеска судијата рече дека постои висок ризик од повторно прекршување во случајот на Грифит – за кого судот слушна дека има педофилско нарушување – и нареди период без условно ослободување од најмалку 27 години.
Грифит првпат беше уапсен од австралиската федерална полиција во август 2022 година, а една година подоцна беше обвинет за повеќе од 1.600 сексуални престапи. Повеќето од нив на крајот беа отфрлени.
Инспекторите пронашле илјадници фотографии и видеа од насилството, кои Грифит ги направил и потоа ги објавил на dark veb. Иако лицата беа исечени од снимката, инспекторите успеаја да ги поврзат со Грифит благодарение на уникатната постелнина, која може да се види во заднината на некои од снимките. Предметната постелнина е направена специјално за Детскиот центар во Квинсленд.
Грифит признал 28 точки за силување, речиси 200 случаи на несоодветно однесување кон дете и неколку други обвиненија поврзани со создавање и дистрибуција на педофилска содржина.
Четирите девојчиња идентификувани во видеата на Грифит се од Детскиот центар во Пиза, Италија. Другите 65 жртви биле од 11 локации во Бризбејн.
Пред изрекувањето на пресудата судот слушнал низа емотивни изјави од некои од жртвите и нивните родители, кои не може да се идентификуваат од правни причини. Меѓу нив имало и две сестри, кои биле малтретирани во градинка, од кои едната се сеќава дека Грифит ѝ бил омилен воспитувач.
Друга девојка раскажала како постапките на Грифит ѝ го одзеле нормалното детство и истакнала дека со години има психички проблеми.
„Никогаш нема да знам каков можеше да ми биде животот. Никогаш нема да знам дали можев да пораснам во личност што не се плаши од луѓе“, рекла жртвата, пренесува „Гардијан Австралија“.
Родителите зборувале низ што поминале кога дознале за страшното насилство што го доживеале нивните деца. Неколку од нив рекоа дека не може да си простат што му верувале на Грифит.
„Мојата ќерка те сакаше како вујко, а ти ја користеше како играчка“, рекол еден родител, а друг рекол дека не може ништо да направи за да „го поправи она што Грифит го направил со телото на ќерка му“.
Многумина надвор од судот ги повикаа властите да спроведат истрага против детските центри и пошироко бидејќи никому не му е јасно како Грифит успеал толку долго да прави злосторства без да биде откриен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Оставка во кабинетот на британскиот премиер поради поврзаност со Епстин
Шефот на кабинетот на британскиот премиер Кир Стармер, Морган Максвини, денеска соопшти дека поднел оставка, откако признал дека дал совет за назначување на Питер Менделсон за амбасадор во САД — лице што било во комуникација со осудениот сексуален престапник Џефри Епстин.
Според „Ројтерс“, Менделсон бил именуван во 2024 година, но објавените досиеја на американското Министерство за правда откриваат обемна комуникација меѓу него и Епстин. Тоа предизвика најголема политичка криза за Стармер од неговото доаѓање на власт.
Максвини, еден од најблиските соработници на премиерот, призна дека бил директно вклучен во процесот и изјави:
„Одлуката за именување на Питер Менделсон беше погрешна. Тој ѝ нанесе штета на нашата партија, на земјата и на довербата во политиката. Преземам целосна одговорност за тој совет.“
Свет
Руски напади во Украина
Руските сили во текот на ноќта извршиле напади врз неколку украински региони, при што загинала најмалку една личност, а повредени се повеќе од десетина, меѓу кои и деца и постари лица, јавија регионалните власти.
Во Дњипропетровската област, руските сили го нападнале Дњипровскиот округ по полноќ. Повредено е 10-годишно дете, а оштетени се три куќи. Во близина на Никопол, имало артилериско гранатирање, но без жртви.
Во Запорошката област, во последните 24 часа, загинала една личност, а осум се повредени. Регистрирани се 577 напади врз 30 населени места со употреба на дронови, ракети и артилерија. Оштетени се најмалку 67 објекти, меѓу кои и домови и инфраструктура.
Во Херсон, гранатирањето околу 23:10 часот ја погодило населбата Корабељна. Повредени се три жени, од кои две се хоспитализирани. Во последните 24 часа во областа е регистрирана една жртва и 18 повредени.
Украинските власти предупредуваат дека ваквите ноќни напади се дел од континуирана стратегија на притисок врз цивилната инфраструктура.
Свет
(Видео) Киднапирањето на мајката на ТВ-водителката ја потресе Америка, семејството објави снимка: „Ќе платиме“
Американската телевизиска водителка Саванa Гатри и нејзиното семејство објавија ново видео во кое молат за безбедно враќање на киднапираната мајка, порачувајќи им на киднаперите: „Ќе платиме“. Нејзината мајка, Ненси Гатри, исчезнала минатиот викенд од својот дом во Тусон, Аризона, а властите веруваат дека станува збор за киднапирање, пишува Би-Би-Си.
„Ја примивме вашата порака и ја разбираме“, вели Гатри во видеото објавено во саботата навечер на Инстаграм, опкружена со братот и сестрата. „Ве молиме, вратете ни ја нашата мајка за да можеме да славиме со неа.“
View this post on Instagram
„Тоа е единствениот начин да најдеме мир“, продолжува таа. „Ова ни е бескрајно вредно. И ќе платиме.“ Во видеото не откри детали за пораката што ја спомнува.
Ненси Гатри исчезнала среде ноќ од својот дом минатиот викенд. Нејзиното отсуство било забележано кога во неделата не се појавила на богослужба. Властите утврдиле дека рано во неделата наутро камерата на влезната врата била исклучена и отстранета. Околу 2:28 часот по локално време, апликацијата поврзана со нејзиниот пејсмејкер била исклучена од телефонот.
Претходно оваа недела, властите соопштија дека сè уште немаат идентификувано осомничен. Понудена е награда од 50.000 долари за информации што би довеле до нејзино пронаоѓање.
Специјалниот агент на ФБИ, Хит Џенке, потврди дека се истражува можна порака за откуп испратена до неколку медиуми. Тој изјави дека пораката „содржела информации поврзани со рок и парична сума што се бара“. Властите во петокот соопштија дека се „свесни за нова порака поврзана со Ненси Гатри“ и ја проверуваат нејзината веродостојност.
Локална телевизиска станица потврдила дека примила порака, без да открие детали. Според порталот ТМЗ, киднаперите наводно барале милиони долари во криптовалута.
Семејството претходно објави видеа во кои побара доказ дека Ненси е жива и изрази подготвеност за разговор. ФБИ уапси едно лице поради испраќање лажна порака за откуп.
Семејството и полицијата предупредуваат дека Ненси може да биде во животна опасност без своите лекови.
„Таа е без своите лекови. Потребни ѝ се за да преживее“, изјави Саванa Гатри во претходна објава.
Претседателот Доналд Трамп изјави дека разговарал со Гатри и понудил помош од федералните служби. Шерифот на округот Пима, Крис Нанос, изјави дека истрагата продолжува и дека засега се верува оти Ненси е жива.
Саванa Гатри (54) е американска телевизиска новинарка и од 2012 година е ко-водителка на емисијата „TODAY“ на NBC News, како и главна правна дописничка и водителка на изборното покривање.

