Македонија
Истрага за убиството во Ханиоти против 33-годишен македонски државјанин
Основното јавно обвинителство Скопје информира дека повела истрага против 33-годишник, македонски државјанин за убиство во Ханиоти.
-Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело кое во македонскиот Кривичен законик е предвидено како – Убиство од член 123 став 2 точка 3 во врска со став 1 и член 22, како и за Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи според член 396 став 3, велат од ОЈО.
Како што посочуваат од Јавното обвинителство, осомничениот 33-годишник на 15 јули 2023 година, во Ханиоти, Република Грција, заедно со уште едно засега непознато лице, со умисла го лишиле од живот сега покојниот Орхан Бајрами, а ги довеле во опасност и животите на уште четири лица.
-По претходен договор, осомничениот и неговиот соизвршител маскирани пристигнале во туристичкиот комплекс каде била сместена жртвата и се приближиле до отворената задна балконска врата. Осомничениот од огнено оружје – пиштол „Црвена застава“ со калибар 7,65 мм со пригушувач испукал 11 куршуми, а неговиот соучесник со пиштол од ист калибар уште 8 куршуми во правец кон оштетените. Од куршумите, три завршиле во телото на сега починатиот, нанесувајќи му смртоносни повреди. Грчките истражни органи имаа издадено налог за апсење на осомничениот, како и Европски налог за апсење и меѓународна потерница поради сомненија за кривични дела – Намерно убиство со соучесништво и Обид за сериско и соучесничко убиство на територијата на Република Грција, велат од Обвинителство.
Како што наведуваат од ОЈО, со оглед на тоа што станува збор за македонски државјанин за кого не постои можност за екстрадиција, врз основа на инструментите за меѓународна правна соработка, грчките власти го отстапиле кривичното гонење на Основното јавно обвинителство Скопје.
Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд во Скопје доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Советот на Општина Центар не ја изгласа одлуката за техничка исправка на ДУП за дел од локалитетот Буњаковец 1
Советот на Општина Центар на денешната седница не ја изгласа одлуката за техничка исправка на Деталниот урбанистички план за дел од локалитет Буњаковец 1, конкретно за ГП 13.1 и ГП 13.11, со локација кај поранешната печатница „Нова Македонија“.
Сите 23 советници гласаа против донесувањето на предлог-одлуката.
,,Ние, како администрација, имаме обврска точката да ја ставиме на дневен ред и воедно да ги посочиме сите импликации. Советниците се тие што гласаат и ја носат одговорноста. Нема потреба од прозивки, медиумски пи-ар и театар. Овде станува збор за буџетот на граѓаните, а не за партиски интереси. Советот мора да носи одлуки во интерес на граѓаните, а не за дневнополитички калкулации“, рече градоначалникот на Општина Центар. Горан Герасимовски
Претходно, Комисијата за урбанизам на Општина Центар даде позитивно мислење за предлог-одлуката.
Од оптината појаснуваат дека согласно законот за техничка грешка, исправката во донесен урбанистички план не подразбира никакви измени во планирањето или параметрите на планот туку станува збор исклучиво за корекција на грешка во техничкиот дел на исцртување на планот. Во конкретниот случај, како што додаваат, градежната парцела во мал дел не била целосно затворена, односно оформена.
Македонија
Мицевски се сретна со францускиот амбасадор: Фокус на борбата против корупцијата и реформите
Денес во Собранието, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, оствари средба со амбасадорот на Франција, Кристоф Ле Риголер и првиот советник Филип Маршето.
Во фокусот на средбата беа заложбите на владејачкото мнозинство за бескомпромисна борба против корупцијата и остварување на видлив економски развој за граѓаните и земјата. Дополнително, координаторот Мицевски ја истакна подготвеноста на Собранието и понатаму да биде силен двигател на реформските процеси кои не’ приближуваат до европските стандарди.
Во разговорот се нагласи дека заедно со нашите европските пријатели чекориме кон градење на просперитетна и сигурна европска иднина за сите.
Македонија
„Авиончето на браќата Рајт“ отвори расправа: СДСМ ја прашува Сиљановска зошто со колегите од Европа не разговара за платите
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија реагира на изјавите на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во врска со потребата од нов, поголем владин авион.
Од СДСМ велат дека претседателката најчесто летала со владиниот авион -13 пати, а притоа не соопштила колку тие летови ги чинат граѓаните.
„Сите тие сакаат да се луксузираат на грбот на народот, ништо не им е доволно големо, ништо не им е доволно. Само за платите на работниците кога ќе стане збор, тие се доволни, никако да ги покачат. 600 евра минимална плата за нив е премногу, авионите им се мали“, велат од партијата.
СДСМ тврди дека лет со владиниот авион може да чини и до 40 илјади евра, и дека комерцијален лет во економска класа е значително поевтин.
„Кој претседател досега воопшто ја отворал темата за големината на авионот? Ги праша ли Гордана Сиљановска нејзините колеги претседатели што мислат за тоа што македонските работници имаат најниски плати и во Европа? Што мислат за тоа што минималната плата во Македонија е најмала во регионот? Или што животниот стандард на македонските граѓани е најнизок? За тоа не и се зборува за Сиљановска, само за луксузи и авиони“, велат од СДСМ.
Претходно денес, претседателската Гордана Сиљановска-Давкова рече дека владиниот авион е стар 25 години, купен на старо, и дека според неа треба да се размислува за набавка на нов, но поголем авион.
Говорејќи по свеченоста во Институт за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“, таа во деминутив го нарече „владиното авионче“, посочувајќи дека нејзини колеги претседатели од регионот го нарекувале „авиончето на браќата Рајт“, бидејќи е најмало и најстаро.
Сиљановска-Давкова изјави дека користењето на владиниот авион понекогаш овозможува пофункционално извршување на државните обврски и дека може да биде и поевтино од комерцијалните летови. Сепак, додаде дека не е пријатно што авионот е стар 25 години и купен на старо.

