Македонија
Мицкоски не гледа причина за лидерска средба, ама најави дека ќе размисли

Премиерот Христијан Мицкоски коментирајќи го денешното барање на СДСМ за лидерска средба, нагласи дека во моментов не гледа причина за такво нешто.
-Во овој момент не сум размислувал. Но, деновиве што се пред мене, ќе размислувам на таа тема. Доколку навистина има аргументи кои одат во таа насока, зошто да не. Но во моментов не гледам причина за такво нешто, ако гледам објективно, рече Мицкоски при неговата посета во Општина Јегуновце.
Потпретседателот на СДСМ Методија Илиевски денеска на прес-конференција побара итно одржување на лидерска средба на парламентарни политички партии.
– Како партија која секогаш го ставала интересот на граѓаните и стабилноста на државата на прво место, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија предлага итно одржување на лидерска средба на лидерите на сите парламентарни политички партии. Ова е обврска што ја имаме кон граѓаните – обврска да покажеме дека сме подготвени заеднички да се справиме со сите предизвици и да ја зачуваме нашата држава стабилна и мирна, рече Илиевски на прес-конференција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова ги прими акредитивите на новоименуваната амбасадорка на Словачка, Ивета Хрицова

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска на свечена церемонија ги прими акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на Република Словачка, Ивета Хрицова.
Таа ѝ посака добредојде и успех во извршувањето на дипломатската мисија, истакнувајќи подготвеност за соработка.
Соговорничките потсетија дека двете држави ги обединува наследството на Светите браќа Кирил и Методиј, како и тридецениските пријателски односи.
Претседателката се заблагодари за континуираната и гласна словачка поддршка за македонските надворешнополитички цели, особено за членството во ЕУ, како и за сојузништвото во НАТО во регионалните и глобалните безбедносни прашања. За неа, отворањето на македонската амбасада во Братислава во 2021 година е важен придонес за унапредување на билатералното партнерство.
Амбасадорката Хрицова потенцираше дека Словачка останува силен и искрен поддржувач на евроинтеграцискиот пат на земјава и изрази уверување дека ЕУ мора да најде решение за да ги отвори вратите за прием на нови членки. Таа вети унапредување на политичките односи и отворање нови можности за соработка во економијата, културата, образованието и одржливиот развој. Според неа, јакнењето на односите меѓу студентите, уметниците, претприемачите и заедниците е основата на вистинската дипломатија.
Во претстојната официјална посета на словачкиот претседател Петер Пелегрини на земјава, обете препознаваат ново поглавје во билатералните односи, што ќе ги поттикне политичкиот дијалог и економската соработка.
Говорејќи за силните културни врски меѓу двете држави, претседателката потсети на словачкиот поет Иван Штрпка, добитник на „Златниот венец“ на годинешното издание на Струшките вечери на поезијата, за што амбасадорката изрази големо задоволство.
Македонија
Претседателот на Собранието Гаши се сретна со амбасадорот на Унгарија, Андраш Клеин

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, денеска во Собранието се сретна со амбасадорот на Унгарија, Андраш Клеин.
На средбата претседателот Гаши изрази благодарност до пријателска Унгарија за поддршката на патот кон Европската Унија за нашата држава, истакнувајќи ја и финансиската помош на Владата на Унгарија која се вложува во подобрување на инфраструктурата и напредок на капиталните проекти.
Амбасадорот Клеин се заблагодари за средбата и му врачи на претседателот Гаши покана од претседателот на Националното собрание на Унгарија, Лало Ковер, за Конференцијата на претседатели на земјите на Југоисточна Европа, што ќе се одржи во Будимпешта во ноември.
Претседателот Гаши се заблагодари за поканата и ја истакна Конференцијата како можност за средби и размени на мислења со унгарскиот колега и хомолозите од Југоисточна Европа, како форум во полза на развој на мултилатералната и билатералната соработка, како и напредок во процесот на интеграција во Европската Унија за земјите кандидати.
Претседателот Гаши и амбасадорот Клеин разменија мислења и за актуелните теми, како што се претстојните локални избори, регионалните настани и иницијативи, како и геополитичките настани во Европа и светот.
Соговорниците се заложија за интензивирање на контактите и соработката на парламентарно ниво на сите нивоа.
Македонија
„И врапчињата знаат дека ДУИ раководи со Дрисла, ѓубрето во Скопје и состојбата во Дрисла е резултат на неспособноста на Арсовска и нејзините другари од ДУИ“, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„На сите им е јасно кој раководи со јавните претпријатија во град Скопје. Дури и врапчињата знаат дека конкретно со Дрисла раководи ДУИ. Дрисла, ѓубрето во Скопје и состојбата во Дрисла е резултат на неспособноста на Данела Арсовска и нејзините другари од ДУИ“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Граѓаните на Скопје не се виновни за хаосот што го прави Арсовска и Скопје не смее да биде заложник на Арсовска и коалицијата СДС-ДУИ-Левица.
Време е да се стави крај на црните сценарија, фабрикуваните кризи и штетни сценарија за граѓаните на Скопје од страна на коалицијата Арсовска-ДУИ-Левица.
Граѓаните на Скопје не смеат да бидат заложници на Арсовска и неспособните кадри од ДУИ. СДС треба да знаат, граѓаните не се наивни, граѓаните знаат кој ветува а кој исполнува.
ВМРО-ДПМНЕ има јасна визија, план и цел, ќе го решат овој проблемот со депониите за граѓаните конечно да го добијат она што го заслужуваат, а тоа е почиста животна средина, почист воздух и намалување на бројот на дивите депонии.
ВМРО-ДПМНЕ и Орце Ѓорѓиевски имаат сеопфатна стратегија за почиста животна средина, почист воздух и поквалитетен живот на граѓаните“, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.