Македонија
Најдобриот математичар од натпреварот во Ист гејт мол ќе добие награда од 10.000 евра

Финале и прогласување на победниците со доделувањето на наградите за најдобрите учесници на Ултимат – натпреварот по математика за средношколци ќе се одржи денеска во Ист гејт мол во Скопје.
Во првата рунда – Супер финалето, 50 натпреварувачи ќе се соочат со напредни математички задачи, а во втората рунда – Ултимат Челинџ, најдобрите 10 учесници ќе решаваат комплексни математички проблеми.
Најдобриот математичар ќе ја освои главната награда од 10.000 евра, што претставува највисока награда за ваков тип натпревар во регионот. Покрај паричната награда, победникот ќе добие и целосна стипендија за студирање на Бреинстер НЕКСТ факултетот.
Училиштето, пак, од кое доаѓа победникот добива 1.500 евра донација.
Вредни награди ќе добијат и најдобрите десет учесници – сертификати, стипендии и ваучери за Бреинстер НЕКСТ факултетот и NU Колеџот за средношколци.
Изненадувања ќе има и за сите 350 финалисти на Ултимат, наведуваат организаторите – Oбразовен центар Бреинстер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Фото) Канабис, луксузна облека, цигари запленети на граничните премини – спречен влез на мигранти

Царинските службеници на граничните премини и мобилните царински тимови при Секторот за контрола и истраги во текот на изминатите денови спречија обиди за криумчарење семки и масло од канабис, ноќна облека „Викторија Сикрет“ и „Гучи“, значителна количина цигари, а спречен е и нелегален влез на мигранти. Во продолжение Ви праќаме детали:
Мобилен царински тим спречи обид за криумчарење 14 семки од канабис и 0,5 грама масло од канабис, коишто американски државјанин се обидел да ги внесе во државата преку Меѓународен Аеродром Скопје. По спроведената предистражна постапка од страна на Одделението за истраги предметот е предаден на надлежното Основно јавно обвинителство при што со одлука на обвинителството, семките и маслото од канабис се одземени. Случајот е откриен кога мобилниот тим, поради сомневање, го селектираше патникот за детална контрола. При извршениот преглед и личен претрес, во личниот багаж беше пронајдена бела кесичка со епрувета во која имало седум семки од канабис. Дополнително, во џебот на дуксерот што го носел со себе била пронајдена уште една епрувета со седум семки од канабис, а во чорапот на десната нога, епрувета со жолтеникава течност со интензивен мирис на канабис.
Царински службеници на граничен премин Богородица спречија нелегален влез на тројца илегални мигранти, државјани на Египет. Мигрантите се откриени при контрола на товарно моторно возило каде биле скриени во просторот за палети.
Лицата се предадени на Одделот за гранични работи и миграции при Министерството за внатрешни работи за понатамошна постапка.
Царински службеници на влез во државата на Меѓународен Аеродром Скопје спречија обид за шверц на 400 парчиња женска долна и ноќна облека со потписот на „Викторија Сикрет“ и „Гучи“. Патникот се обидел да влезе во државата без да ги пријави производите кај царинскиот орган, при што се определил на т.н. зелен канал – наменет за патници кои немаат стока за пријавување. Поради сомневање, бил селектиран за детална контрола при што во личниот багаж и ранецот што го носел, била пронајдена непријавената брендирана облека.
Царински службеници на Меѓународен Аеродром Скопје запленија 850 парчиња играчки поради основано сомнение за повреда на право од интелектуална сопственост. Сомнителната пратка која пристигнала од Кина и била наменета за увозник од Скопје, се состоела од 200 слушалки, 300 држачи за мобилни телефони и 350 привезоци — сите со ознаки на заштитени трговски марки.
Мобилен царински тим откри три илјади парчиња цигари и еден килограм тутун во личниот багаж на патник, македонски државјанин, кој требало да патува за Лондон. Случајот е откриен по извршена рендгенска и детална контрола на багажот, при што е откриена значителна количина на акцизна стока без акцизни маркички.
Во друг случај, на граничниот премин Богородица, во кабината на камион со цистерна, под тапацирот на една од фиоките, царински службеници открија 11 штеки цигари.
Музички инструменти, аудио опрема и друга електроника се запленети во три случаи на влез во државата на граничните премини Табановце и Меѓународен Аеродром Скопје, откако царински службеници и мобилен тим ги открија во возила со кои македонски и странски државјани се обиделе да ги криумчарат. Запленетата стока е со проценета вредност од 736 илјади денари.
– Во првиот случај, откриен на граничниот премин Табановце, во комбе со швајцарски регистарски таблички управуван од италијански државјанин, во багажникот биле откриени 5 музички инструменти (вклучувајќи синтисајзери, кларинет и саксофон), перална машина и компјутерски монитор со вредност од 588.833 денари.
– Во вториот случај, откриен исто на Табановце, мобилен царински тим заплени употребувана аудио опрема скриена во автомобил со холандски таблички управуван од државјанин од Албанија. Меѓу производите имало JBL звучници, EUROPOWER засилувач, DJ миксета PIONEER и перач под притисок Karcher.
– Во третиот случај, на Меѓународен Аеродром Скопје, царинските службеници открија електрични тапани и аудио опрема Roland во патните торби на македонски државјанин кој допатувал со лет од Брисел.
Царински службеници на граничен премин Табановце во два случаи спречија обиди за нелегален внес на девизи во износ од 21 илјада евра. Во првиот случај при контрола на автобус, во личната торбичка на еден од патниците се пронајдени 19.600 евра. Согласно законските прописи, на патникот му биле вратени 10.000 евра, износ што може слободно да се внесе во државата, додека 9.600 евра биле привремено задржани. Во вториот случај, во возило со кое патувале двајца патници се пронајдени вкупно 31.400 евра, при што согласно закон на двајцата патници им биле вратени по 10 илјади евра, додека останатите 11.400 евра се привремено задржани.
Службата за мобилни скенери, во кабина на камион што бил пријавен како празен, на влез во државата на граничниот премин Табановце, откри вкупно 105 парчиња облека и обувки, како и друга разновидна стока со вкупна вредност од 170 илјади денари.
Автомобилска опрема со вкупна вредност од над 100 илјади денари е откриена при контрола на камион со бугарски регистарски таблички управуван од македонски државјанин на влез во државата на граничен премин Табановце. Непријавените автоделови биле скриени во кутии поставени на креветот во кабината, како и во странични прегради на влекачот.
На граничниот премин Блаце царински службеници спречија обид за криумчарење на 20 парчиња автомобилски делови за возила од марката „Хјундаи“.
Македонија
За осум часа 155 сообраќајни прекршоци, 51 санкционирани возачи на мотоцикли, според Тошковски поголем дел од прекршителите се млади

Изминатата вечер (24/25.07.2025) министерот за внатрешни работи Панче Тошковски беше во посета на терен на полициските службеници од Одделението за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје за време на спроведувањето на засилена сообраќајна контрола по Оперативната акција “Безбеден сообраќај”. Сообраќајната контрола беше спроведена во периодот од 17.00 до 01.00 часот на територија на општина Аеродром во Скопје, при што акцентот беше ставен на учесниците во сообраќајот кои управуваат мотоцикли и велосипеди со помошен мотор.
За време на контролата биле преземени мерки против 155 учесници во сообраќајот, од кои 51 санкција за возачи на мотоцикл. Од нив седум за возење мотоцикл без возачка дозвола, 25 санкции за возење без заштитна кацига, три мерки за возење мотоцикл без положен испит, осум санкции за возење мотоцикл во несоодветна категорија, две мерки за минување со мотоцикл на црвено светло, три санкции за непочитување на даден знак Стоп од полициски службеник, одземени се два мотоцикли поради истечена важност на сообраќајна дозвола повеќе од шест месеци.
Тошковски посочи дека значителен дел од прекршителите се млади лица кои управуваат со мотори, скутери и електрични тротинети без соодветна заштитна опрема.
„Во таа насока, важно е секој од нас, особено родителите, да биде свесен за одговорноста што ја има во поттикнување на безбедносна култура уште од најрана возраст“, истакна Тошковски, упатувајќи апел до возачите на мотоцикл секогаш да носат заштитна кацига, при тоа додавајќи дека акциските контроли во рамки на оперативната акција ќе продолжат и во наредниот период со засилен интензитет, апелирајќи до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи со цел да придонесеме за побезбедни патишта.
Македонија
Мицкоски молчи пред криминалот на ВЛЕН, а ДУИ се недопрени од неговата власт, велат од СДСМ

Смешен е Мицкоски кога го обвинува СДСМ дека слугува на ДУИ, обидувајќи се на тој начин да го прикрие сопствениот срам. Мицкоски кој како опозициониер тврдеше дека кога ќе дојде на власт ќе расчистел со криминалот на ДУИ, прва работа што направи е да го пушти Артан Груби да избега. За една година власт, ниту еден функционер на ДУИ не е допрен, велат од СДСМ.
Во исто време, додаваат од опозициската партија, Мицкоски молчи и за криминалот на својот актуелен партнер Изет Меџити, криминал тежок 225 милиони евра.
„Молчи и го штити за дивоградбите во Чаир, молчи за злоупотребите на Гаши, молчи за скандалите на косовската граница, каде терористи, барани со потерници, слободно поминуваа. Флоскулите му се празни, а граѓаните гледаат и разбираат. Му порачуваме да молчи на оваа тема, затоа што за тој да го спаси својот коалициски партнер ги издаде челновите на ВМРО-ДПМНЕ и сите граѓани и нема да има ниеден кандидат за градоначалник во западна Македонија“.