Македонија
Се бара притвор за разбојниците кои влегоа во „Нептун“

Основното јавно обвинителство Скопје достави предлог за притвор за двете лица кои во петокот извршија разбојништво во продавницата „Нептун“ кај Градскиот стадион во Скопје.
Двете лица на возраст од 21 и 27 години се сомничат за кривично дело разбојништво предвидено во член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
– На 29 ноември, двајцата осомничени со електрични тротинети дошле до продавницата за бела техника „Нептун” кај Градскиот стадион. Биле маскирани со пластични маски, шалови и качулки на главите и вооружени со пиштоли, додека едниот осомничен на себе носел и импровизирана рачно изработена експлозивна направа во форма на динамит. Двајцата соизвршители влегле во продавницата, во која во тој момент биле присутни повеќе вработени, возрасни купувачи, но и три деца. На сите им се заканиле со оружјето и експлозивот, а еден од осомничените застанал пред вратата за да ги спречи да излезат. Другиот осомничен влегол позади пултот од каде ги одзел парите од кадите, па заканувајќи се со оружјето побарал од вработените да му го отворат сефот од каде одзел црвена метална каса со пари и вредносни ваучери. Вкупно со разбојништво и закана по животите на присутните осомничените одзеле пари во вкупна вредност од 556.146 денари, ги предупредиле присутните да не повикуваат полиција и излегле од продавницата, се наведува во информацијата од Јавното обвинителство.
Двајцата беа приведени во непосредна близина пред продавницата од страна на полициски службеници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Почина Панчо Минов, поранешен пратеник и градоначалник на Кавадарци

На 67-годишна возраст денеска почина Панчо Минов, поранешен градоначалник на Кавадарци и поранешен пратеник во Собранието.
Панчо Минов беше дипломиран правник и политичка фигура со повеќедецениско искуство. Тој два пати беше избран за градоначалник на Општина Кавадарци – прво како кандидат на Либералната партија (2000–2005), а потоа како независен кандидат (2005–2009).
Минов имаше и пратеничка кариера, учествувајќи во повеќе состави на Собранието.
Првпат беше избран во првиот повеќепартиски состав (1990–1998), а подоцна повторно стана пратеник преку ГРОМ (2016–2020) и СДСМ (2020–2024).
Македонија
Уште колку луѓе треба да настрадаат за Панче Тошковски да почувствува одговорност, прашуваат од СДСМ

Министерот Панче Тошковски без око да му трепне јавно соопшти дека не чувствува никаква одговороност за колапсот на безбедносниот систем и фактот што на улиците се пука како да сме Див Запад, велат од СДСМ.
Според нив, последиците од партизацијата на полицијата и претоварењето во партиски сервис на ДПМНЕ скапо ги чини граѓаните.
„До кога мисли Тошковски да се криe зад политички реторики додека улиците стануваат небезбедни за граѓаните?
Не е само последното пукање во Куманово, непрекинатиот раст на вооружените и насилни инциденти во различни градови е сигнал за целосно системско потфрлање на безбедниот апарат, нема ниту превенција ниту соодветна реакција.
За тоа мора да има одговорност“, додаваат од оваа партија.
Македонија
Парични казни за три градинки и едно училиште по спроведени инспекциски контроли во кујните

Инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), во септември годинава спроведоа инспекциски контроли во училишните и кујните во градинките на територијата на цела држава. Спроведени беа 91 контрола во градинки и 23 вонредни надзори во училишта.
За утврдените недоследности, издадени се 9 решенија со наредби за нивно отстранување. Во две градинки, хигиената не била задоволителна во кујните, а една градинка немала спроведено задолжителен здравствен преглед на вработениот персонал во кујните. Парични казни изречени се за 3 градинки, и поради несоодветно чување, уништени се 24 килограми храна.
Од спроведените контроли во училиштата, незадоволителни услови констатирани се само во една училишна кујна. Отстапки во однос на добрата производствена и добра хигиенска пракса утврдени се во две кујни. Поради погрешно декларирање, уништени се 59 килограми храна.
Инспекциските служби на АХВ за утврдените недоследности со контролите во училишните кујни изрекле 1 парична казна и донеле 5 решенија со наредба за нивно отстранување.