Македонија
Без струја останаа триесетина села од општините Битола, Новаци, Могила и Демир Хисар
Без електрична енергија се пелагониските села, а во моментов без напојување со струја се соочуваат жителите на триесетина села од општините Битола, Новаци, Могила и Демир Хисар.
Според кол-центарот на ЕВН, струја нема во селата Драгарино, Црнобуки, Секирани, Гопеш, Стрежево, Породин, Лажец, Драгош, Дихово, Нижо Поле, Ѓавато, Маловиште, Мусинци, Црничани, Рапеш, Новаци, Бач, Живојно, Гермијан, Брод, Добромири, Кукуречани, Жван, Бабино, Илино, Граиште, Бараково и Вардино.
Струја нема ниту на ски-лифтот Пелистер, како и на местото викано Антена.
Тимовите на електродистрибуција работат на терен со цел да обезбедат непречено снабдување со електрична енергија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ЦУК: Заглавени гости од хотелот „Радика“ во Маврово извлечени со помош на специјално возило
Гости од хотелот „Радика“ во Маврово, што беа заглавени поради обилните врнежи од снег и непроодниот пат, вчеравечер се извлечени со помош на специјално возило на Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта, што вози пред нив и им го расчистува патот, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).
„Од последниот контакт во 20 часот со дежурниот во ПС Маврово добиена е информација дека возило на ЈП за одржување на магистралните и регионалните патишта вози напред, а по него се гостите од хотелот со своите возила. Возат бавно, но ќе успеат да стигнат до конечните дестинации“, велат од ЦУК.
Екипите на Јавното претпријатие за одржување на магистралните и регионалните патишта во текот на денот вршеле сечење на паднатите дрвја на делницата до хотелот.
На терен имало и машина за чистење снег, која ги расчистувала снежните наноси на овој потег.
Според ЦУК, висината на снежната покривка на овој дел е околу 80 сантиметри.
Од ЦУК информираат дека поради врнежите од дожд, состојбата во поголемиот дел од Северозападниот Регион е стабилна и сообраќајот се одвива нормално, а снабдувањето со електрична енергија е редовно.
Македонија
Жителите на Леуново се евакуирани и безбедни
Жителите на Мавровско Леуново се евакуирани поради неповолни услови, со успешно спроведена операција од надлежните служби.
Сите жители на Мавровско Леуново се евакуирани поради неповолните услови, соопштија надлежните служби. Евакуацијата е успешно спроведена, а службите кои беа ангажирани за поддршка и логистика ја покажаа својата подготвеност и координираност.
Жителите и посетителите на хотелот „Радика“ користеле автомобили и џипови за да стигнат до Маврово, каде патот е прооден и безбедноста е загарантирана. Според информациите, само неколку лица одлучиле да останат, по своја желба.
Евакуацијата помина без проблеми благодарение на брзата реакција на локалните власти и службите кои ја надгледуваа операцијата. Надлежните апелираат граѓаните да се придржуваат до препораките за да се избегнат несакани последици.
Останува ситуацијата да се следи, а службите се подготвени за дополнителни активности ако тоа е потребно.
Македонија
Највисока снежна покривка од 68 см во Маврови Анови
Врнежите од снег на планинските места ја зголемија и проширија снежната покривка особено во западниот дел од земјата. Како што соопшти УХМР, 68 сантиметри се измерени на Маврови Анови, 51 см на Попова Шапка, 25 во Лазарополе и 5 см во Берово.
Во пониските места, пак, врнежите беа од дожд. Најмногу наврнат воден талог за изминатите 9 часа до 16 часот, од 38 л/м2 се измерени во Крушево, 33 во Кавадарци, 32 Попова Шапка, 31 Маврови Анови, 30 Тополчани, 19 Битола, 17 Прилеп, 14 Берово, 12 Лазарополе, 10 Гевгелија, 9 Велес, Струмица, 6 Тетово, Виница, 5 Скопје – Зајчев Рид и 3 л/м2 во Штип, Пожаране и Охрид.
Времето утре наутро умерено до значително облачно со појава на слаб локален дожд и снег особено во јужните делови од земјата. Попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 2 до 8 степени.
Во Скопје претпладне облачно, преку денот тивко, а облачноста ќе се намалува.
Минималната температура ќе се спушти до 2 , а максималната ќе достигне до 8 степени.
До средината на неделата времето ќе биде стабилно со услови за појава на магла по котлините, а постојната снежна покривка постепено ќе се намалува. Наоблачување со појава на повремен дожд, а на планините и дел од повисоките места од снег ќе има во ноќта кон четврток и потоа преку денот.