Македонија
ЦУК: Заглавени гости од хотелот „Радика“ во Маврово, извлечени со помош на специјално возило
Гости од хотелот „Радика“ во Маврово, што беа заглавени поради обилните врнежи од снег и непроодниот пат, вчеравечер се извлечени со помош на специјално возило на Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта, што вози пред нив и им го расчистува патот, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).
„Од последниот контакт во 20 часот со дежурниот во ПС Маврово добиена е информација дека возило на ЈП за одржување на магистралните и регионалните патишта вози напред, а по него се гостите од хотелот со своите возила. Возат бавно, но ќе успеат да стигнат до конечните дестинации“, велат од ЦУК.
Екипите на Јавното претпријатие за одржување на магистралните и регионалните патишта во текот на денот вршеле сечење на паднатите дрвја на делницата до хотелот.
На терен имало и машина за чистење снег, која ги расчистувала снежните наноси на овој потег.
Според ЦУК, висината на снежната покривка на овој дел е околу 80 сантиметри.
Од ЦУК информираат дека поради врнежите од дожд, состојбата во поголемиот дел од Северозападниот Регион е стабилна и сообраќајот се одвива нормално, а снабдувањето со електрична енергија е редовно.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МВР објави оглас за вработување на над 100 лица
Министерството за внатрешни работи отвори оглас за прием на 101 извршител за работа на неопределено време. Како што е наведено во огласот се бараат:
– 48 извршители (приправници – со или без работно искуство) со високо образование VII/1 степен (четиригодишни студии) или најмалку 180 кредити според ЕКТС.
– 53 извршители (приправници – со или без работно искуство) со завршено четиригодишно средно образование или завршено четиригодишно средно образование во областа.
Вработувањата се предвидени во различни Сектори за внатрешни работи. Во СВР Тетово ќе бидат примени тројца извршители со завршено средно образование.
Кандидатите потребно е да ги исполнуваат следните општи услови:
– да се државјани на Република Северна Македонија,
– да се полнолетни,
– активно да го користат македонскиот јазик и неговото кирилско писмо,
– да се здравствено и психофизички способни,
– да имаат завршено најмалку четиригодишно средно образование,
– со безбедносна проверка да е утврдено дека за истите не постои безбедносен ризик од вработување,
– со правосилна пресуда да не им е изречена казна забрана на вршење професија, дејност или должност,
– да не се членови на политичка партија или членови на органи и тела на политичка партија и
– да имаат положено тест за интегритет.
Кандидатите потребно е да ги исполнуваат следните посебни услови:
– основно познавање на англиски јазик (познавање на други светски јазици се смета за предност) и познавање на работа со компјутери.
Огласот е отворен 15 дена, а деталите може да се најдат на веб страницата на МВР.
Македонија
Прибрани се траги за вештачење и се врши увид во снимките од надзорните камери, велат од Обвинителството по опожарувањето на автомобили и објект во Куманово
Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово изврши увиди на локациите каде беа опожарени два автомобили и една деловна просторија.
Од Обвинителството велат дека се преземени се сите дејствија и се испитуваат причините и евентуалните мотиви за опожарувањето.
Прибрани се траги од лице место кои ќе бидат предмет на вештачење, а се врши увид и во снимки од камери за видео надзор.
Како што извести Обвинителството, еден од автомобилите е на јавен обвинител.
Македонија
Алијанса за Албанците: Непотизмот ВРЕДИ, Фатмир Лимани ги „теши“ роднините во МЕПСО и ЕСМ
„Непотизмот и партизацијата на државните и јавните институции е главната агенда на функционерите од коалицијата ВЛЕН. Уште од првите месеци од преземањето на функцијата, тие се обврзаа да ги утешат членовите на своето потесно семејство“, велат од Алијанса за Албанците.
„Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, од Движење Беса, дел од коалицијата ВРЕДИ, даде приоритет на систематизацијата на членовите на неговото семејство во државните енергетски претпријатија. Тројца од нив ги вработил во двете најмоќни компании во земјава, МЕПСО и ЕСМ. Во претпријатието МЕПСО, Лимани ги има вработено братот Дашмир Лимани и ќерката Беса Лимани, а во ЕСМ зетот Мергим Дани. Потсетуваме, Лимани претходно и по стапувањето на функцијата го задржа својот брат за директор на Центарот за труд и социјална политика во Кичево и го разреши дури по јавното објавување.
Овие постапки на функционерите на ВЛЕН јасно ги покажуваат причините за нивниот молк кон антиалбанските постапки на Владата, кон отстранувањето на етничката припадност и отстранувањето на Албанците од државните институции и нивните работни места“, соопшти Алијанса за Албанците.