Македонија
„По зголемувањето на пензиите и платите на наставниците, продолжуваме со зголемување на минималната плата“, велат од „Влен“

„Социо-економската состојба на граѓаните е наш главен приоритет. Од кога станавме дел од власта, почнавме да преземаме конкретни чекори за подобрување на економската благосостојба на граѓаните, докажувајќи дека промената е повеќе од ветување, тоа е реалност заснована на дела“, велат од ВЛЕН.
„Ветувањата се свети за нас кога граѓаните ви даваат одговорност да ги застапувате во извршната власт. Затоа, откако коалицијата ВЛЕН стана дел од извршната власт, нејзин приоритет е економската благосостојба на граѓаните, како и обврските дадени за истата. Како резултат на тоа, со задоволство ги известуваме граѓаните дека во буџетот за наредната година се предлага минималната плата да се зголеми за 2000 денари, односно 24.500 денари. Ова уште еднаш докажува дека за коалицијата ВЛЕН општото добро е на пиедесталот на владеењето.
Промената не е само ветување, туку реалност заснована на конкретни дела. Со ВЛЕН работниците во Северна Македонија ќе можат да имаат подостоинствени плати за да не гледаат на можноста за заминување како во времето на претходната влада. Напорот за подобрување на условите на работниците се забележува, но не е доволен. ВЛЕН уверува дека за време на целосниот владејачки мандат платите постепено ќе се зголемуваат, а со тоа ќе се зголемува и квалитетот на животот на работниците.
Албанците и сите граѓани заслужуваат подостоинствен живот, заслужуваат повеќе и подобро. Уверуваме дека ќе соработуваме со сите синдикати за да ги слушнеме нивните барања и да ги спроведеме.
ВЛЕН е гаранција за благосостојбата на граѓаните и за поинаков живот. Како што ги зголемивме пензиите и платите на наставниците, така ќе ги зголемиме и минималните плати, така како дел од Владата ќе продолжиме со определбата за спроведување на економските мерки за квалитетен живот и заштита на семејниот буџет на граѓаните“, соопшти ВЛЕН.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муртезани-Странд: Македонија и Финска ја делат визијата за проширувањето како стратешка политика на Унијата

Министерот за европски прашања на Република Северна Македонија, Орхан Муртезани, денеска во Скопје беше домаќин на министерот за европски прашања на Република Финска, Јоаким Странд, кој престојува во работна посета на регионот. Средбата се одржа во контекст на континуираниот дијалог меѓу Северна Македонија и Финска за европската интеграција и реформските процеси, со цел зајакнување на билатералното партнерство и потврдување на стратешката определба за проширувањето како политика од заеднички интерес.
Во фокусот на тет-а-тет разговорот и пленарната средба на двете делегации беа европската перспектива на Северна Македонија, имплементацијата на Реформската агенда и улогата на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан како инструмент за економска интеграција и социо-економска конвергенција. Соговорниците констатираа дека оваа иницијатива, преку пакетот од 6 милијарди евра и поврзувањето на финансиската поддршка со конкретни резултати, отвора ново поглавје во политиката на проширување и нуди реални придобивки за граѓаните уште пред формалното членство. Во таа насока, беше оценето дека Реформската агенда претставува кредибилен патоказ за модернизација на институциите, подобрување на владеењето на правото и забрзување на економската конвергенција со ЕУ.
Муртезани се осврна на завршувањето на скрининг процесот и подготвеноста на земјата да го отвори првиот кластер „Фундаментални вредности“, како суштински чекор за системско следење на напредокот во реформите. Тој ја истакна важноста на предвидливиот и меритократски пристап на ЕУ како предуслов за зачувување на мотивацијата и довербата на граѓаните во европскиот проект. Притоа ја потенцираше улогата на Северна Македонија како кредибилен партнер кој активно придонесува за регионалната стабилност и за унапредувањето на европската агенда на Западен Балкан.
Странд, од своја страна, изрази уверување дека Северна Македонија со досегашниот реформски напредок демонстрира сериозна посветеност кон европските стандарди. Тој подвлече дека Финска останува доследен поддржувач на политиката на проширување заснована на заслуги и оцени дека реформите во владеењето на правото, демократијата и институционалната ефикасност се темели на кои ќе се гради понатамошниот напредок. Странд се осврна и на пошироката геополитичка димензија на проширувањето, нагласувајќи дека стабилен и интегриран Западен Балкан е суштински елемент за зајакнување на безбедноста и отпорноста на Европската Унија во целина.
Муртезани и Странд се согласија дека партнерството и сојузништвото меѓу Северна Македонија и Финска има значајна додадена вредност преку конкретни форми на експертска и техничка соработка. Во таа насока, беа поздравени досегашните седум Twinning проекти реализирани со учество на фински институции, во полето на унапредувањето на управувањето со животната средина, административната ефикасност и подготвеноста за користење на европските фондови. Перспективата за нови проекти во областа на јавната администрација, дигиталната трансформација и медиумските реформи беше согледана од министрите како значаен потенцијал за натамошно јакнење на институционалните капацитети на Северна Македонија.
Муртезани и Странд заеднички изразија уверување дека Северна Македонија и Финска ја делат визијата за проширувањето како стратешка политика на Унијата која, преку Планот за раст и реформските агенди, ја надминува традиционалната „техничка“ рамка на пристапните преговори. На денешните средби, проширувањето беше согледано како политички и економски процес од заеднички интерес, кој носи стабилност и безбедност за целиот европски континент, а со тоа и јасна порака дека европската интеграција на Западен Балкан останува нераскинлив дел од иднината на Унијата.
—————————————
Македонија
Задолжителни програми во училиштата со цел да се спречи младите да употребуваат тутун и електронски цигари, најави Јаневска

Образованието е најдобриот механизам за подигнување на свеста кај младите за здравите навики и грижата кон личното здравје, порача министерката за образование и наука, Весна Јаневска од регионалната работилница на тема „Јакнење на соработката меѓу медиумите, експертите и институциите за подобри политики за контрола на тутунот и заштита на јавното здравје во Западен Балкан“, во организација на Аналитика Тинк Тенк.
„Нашиот воспитно – образовен систем е структуриран така што здравствената писменост е застапена во сите одделенија во редовните предмети, посебно во „природни науки“, а од оваа учебна година воведовме и нов изборен предмет во VII одделение „Учам за моето здравје“ и со поддршка на Светската здравствена организација изготвивме упатство за наставници за начинот на предавање на материјата која опфаќа и аспекти посветени на здравствените последици од користењето тутун и електронски цигари“, рече Јаневска.
Говорејќи за мерките кои се спроведуваат на национално ниво како дел од превентивните политики, министерката издвои дека годинава со законски измени основните и средните училишта се задолжени покрај програми за заштита од насилство, злоупотреба и запуштање на ученици, спречување дискриминација, малолетничка деликвенција и слично, да спроведуваат и програми за превенција од злоупотреба на алкохол и тутун, злоупотреба на дроги и други психотропни супстанци.
„Во новата учебна година МОН и БРО заедно со Канцеларијата на Обединетите Нации за дрога и криминал и Меѓународната федерација Лајонс Клуб ќе обучат 50 стручни соработници и 150 наставници во 50 основни училишта за реализација на превентивната програма „Вештини за адолесценција“. Станува збор за структурирана програма, која е базирана на докази, за превенција од користење на цигари, дрога и алкохол и која досега со успех е имплементирана во 105 земји од целиот свет“, додаде министерката.
Нагласи дека секогаш постои простор за унапредување на здравствената писменост во училиштата и дека институциите работат во таа насока.
„Образованието е жива материја и се прилагодува на времето и трендовите. Имам очекувања дека токму од оваа работилница, споделените различни искуства и практики ќе помогнат сите ние да ги надградиме националните политики“, рече Јаневска.
На работилницата чија цел е да поврзе претставници на медиумите, истражувачите, институциите и меѓународните партнери, да поттикне посилна соработка и да ја истакне важноста на мерките за контрола на тутунот засновани на докази во согласност со приоритетите за интеграција во ЕУ, покрај претставници на државните институции и граѓанскиот сектор во земјите од регионот, учествуваа и професори од Факултетот за јавно здравје при американскиот универзитет „Џонс Хопкинс“.
Инаку Светската здравствена организација годинава повика итно да се забранат ароматичните цигари за да се заштитат младите. Сепак експертите во Македонија предупредуваат дека границата за пушење на цигари е симната под 12 години.
Македонија
(Видео) Костовски и оваа изборна кампања ветува поликлиника во Бутел: За два месеца, ќе почне да се гради, за 18 месеци ќе да биде завршена

За два месеца, ќе биде поставен камен-темелник за нова поликлиника во Бутел, а ќе биде изградена за 18 месеци, најавија денес градоначалникот на општина Бутел, Дарко Костовски, и министерот за здравство, Азир Алиу. Поликлиниката ќе се гради на местото на амбулантата до општинската зграда, која минатата власт ја смести во пластични контејнери. Градоначалникот Костовски денешната прес-конференција рече дека има историски контекст оти се материјализира она што е најбарано од жителите на Бутел и околината.
„Станува збор за модерна поликлиника. Ќе се простира на приближно 1.500 квадратни метри и граѓаните на општина Бутел ќе бидат опслужени и во однос на примарното и во однос на секундарното здравство. Тендерската постапка очекуваме да трае околу еден месец. Кога ќе заврши тендерската постапка, кога ќе биде избрана фирмата, веднаш ќе бидат удрени темелите. Тоа очекувам да биде не повеќе од два месеца од сега. Во условите за градба предвидено е градењето да трае 18 месеци, сигурен сум дека ќе стигне во тој рок. Бидејќи ќе се гради на местото на старата амбуланта, модуларната, која е веднаш до Општина Бутел, матичните лекари, кои во моментот работат таму, ќе бидат дислоцирани во зградата на поранешниот дом ‘25 Мај’ во соодветни квалитетни услови. Таа зграда има свој паркинг и е во срцето на општина Бутел, ќе биде пристапно за сите граѓани“, рече градоначалникот Костовски.
Иако тендерот го најавува на почеток на изборната кампања, Костовски уверува дека нема законски пречки да се распише оти поликлиниката е предвидена во програмата за работа многу време пред изборите.
За изградба на поликлиниката се обезбедени 117 милиони денари, од кои 90 отсто се од Министерството за здравство, а 10 отсто од Општина Бутел, која го предвиде новиот објект во детаљниот урбанистички план и обезбеди проектна документација за него.
Министерот за здравство Азир Алиу вели дека поликлинката во Бутел е пример за соработка на централата со локалната власт и најави дека за поликлиниката и покрај јасниот недостиг на кадар во јавните здравствени установи, тој ќе обезбеди доволно лекари и медицински сестри, кои ќе даваат услуги и од примарното и од секундарното здравство во оваа установа, а за тоа ќе извести на посебна прес-конференција.
Поликлиника во Бутел на местото на амбулантата се ветува на секои избори последниве триесет години. Таа беше предизборно ветување на сегашниот градоначалник Костовски и на минатите избори кога уверуваше дека ако стане градоначалник, додека се изгради нов објект на местото на пластичните контејнери, во кои е сместена амбулантата, тој ќе им ја отстапи општинската зграда. Тоа не го направи, но денес рече дека интензивно работеле на проектот со тоа што лани во февруари едногласно во Советот го изгласале урбанистичкиот план, обезбедиле проект и успеале да договорат соработка со централната власт за да може тој да се реализира.