Македонија
Никому нема да му дозволам да го валка мојот образ: Дамева, претседателката на Судскиот совет, си поднесе оставка
Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, си поднесе неотповиклива оставка.
На денешната прес-конференција таа изјави дека изминатиов период од страна на одредени политичари се правеле обиди да се наруши нејзиниот личен интегритет.
„Премиерот Христијан Мицкоски токму од собраниската говорница изнесе наводи дека во Судскиот совет, со кој раководам, има некакви кланови и се фалсификуваат записници“, додаде Дамева.
„Во неколку наврати тој и политичари од сегашната власт се обраќаа со негативни ставови за членови на Судскиот совет. Сето тоа во насока да се претстави во јавноста дека јас или членови на Советот не си ја извршуваме функцијата професионално и стручно. Бевме посочени како тела што треба да бидат распуштени. Во телевизиско гостување истакна и дека на нашето место треба да дојдат нивни луѓе – претпоставувам дека тоа се однесува на судии или обвинители кои се блиски до владејачката политичка партија. Поразително е за една демократска држава“, истакна Дамева.
Одлуката, како што рече, ја донела за да го заштити својот углед, но и семејството.
Претседателката на Судскиот совет го посочи и името на пратеникот Антионио Милошоски. Според неа, биле изречени сериозни закани за кривична одговорност толкувајќи една правна ситуација, која, според неа, е далеку од правото и правната доктрина.
„Кога совеста ти е чиста, ништо не може да ти го наруши сонот“, додаде Дамева.
„Никому нема да му дозволам да го валка мојот образ, да го споменува во негативен контекст, да прави обиди за нарушување на мојот интегритет. Мојот образ нема цена. Моето име и презиме не се извалкани никогаш. А мојот интегритет и во најтешките моменти сум успеала да го докажам и да го зачувам“, истакна Дамева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар, Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина и тоа:
· во период од 06:00-10:00 часот корисниците на улицата Пајак, улицата Наум Наумовски Борче (од Костарика до Министерство за земјоделие), општина Центар;
· во период од 08:30-14:30 часот корисниците на дел од улицата Радишанска, општина Бутел;
· во период од 09:00-12:00 часот корисниците на улицата 29 Ноември бр.37, општина Центар;
· во период од 09:00-14:00 часот корисниците на дел од улицата Урош Џудовиќ, општина Карпош.
Македонија
Сообраќајот низ државата се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, на планините снег
Облачно, со повремени врнежи од дожд кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови (над 15 l/m²), а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух вренежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
Денеска ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен дожд, во југозападните делови над 15 l/m², а на повисоките места врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Нови врнежи ќе има и во текот на седмицата кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег. Од денеска ќе има појава на магла по одредени котлини. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер.

