Свет
Американски разузнавачи: Инвазијата на Путин на Украина беше почетната фаза на третата светска војна

Аналитичарот за национална безбедност, Марк Тот, и поранешниот американски разузнавач полковник, Џонатан Свит, за „Дејли мејл“ изјавија дека веруваат оти светот веќе е во војна и дека третата светска војна почна со руската инвазија на Украина.
„Нема облаци во вид на печурки или апокалиптична пустелија. Наместо тоа, тоа е војна со илјада резови, која се води преку повеќерегионални и мултидоменски фронтови“, рекоа Тот и Свит. „Путиновата инвазија на Украина беше почетната фаза на третата светска војна. Тоа беше негов знак за глобалната заедница дека светскиот поредок каков што постоеше од крајот на Втората светска војна повеќе не постои“, додаваат тие.
Велат дека уште еден знак оти војната почнала е информацијата што се појави пред неколку дена, според која руски хакерски софтвер наводно бил користен за кражба на податоци на стотици сметки на британското Министерство за одбрана. Министерството за одбрана на Обединетото Кралство истражува инцидент во кој сајбер-криминални групи украле и објавиле е-пошта и лозинки на речиси 600 вработени – вклучително и членови на вооружените сили и на државни службеници од 2020 година.
Се верува дека повеќето од вработените, чии податоци се украдени, се со седиште во Обединетото Кралство, но украдени се и некои податоци за персоналот на Министерството за одбрана во Ирак, Катар, Кипар и во Европа, што може да претставува значителен безбедносен ризик, според написите.
Минатата недела Русија откри дека почнала масовно производство на балистички ракети „Орешник“. Путин утврди дека тоа е незапирливо оружје и рече дека ниту американските системи за воздушна одбрана не може да го сопрат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
(Фото) Аеродромот во Загреб затворен за сообраќај – мал авион слета надвор од пистата

Аеродромот „Фрањо Туѓман“ во Загреб денеска попладне беше затворен за секаков воздушен сообраќај поради инцидент со приватен авион кој се излизгал од пистата, пишува Индекс.
Како што потврдија од аеродромските служби, инцидентот се случил околу 15:21 часот, при слетување на приватен авион. Леталото при слетување проклизнало и завршило на тревната површина покрај пистата.
Според информации од авиокомпанијата, авионот бил празен и во инцидентот нема повредени.
Во моментот се преземаат мерки за отстранување на леталото од пистата, а аеродромот останува затворен до понатамошно известување.
Од Аеродромот „Фрањо Туѓман“ се извинија на патниците за доцнењата на пристигнувачките и поаѓачките летови и најавија дека јавноста ќе биде навремено информирана кога сообраќајот повторно ќе биде воспоставен.
Свет
Масовни протести во Шпанија против корупција

Повеќе од десетици илјади луѓе се собраа денес во Мадрид на демонстрации организирани од главната конзервативна опозициска партија, против владата на социјалистичкиот премиер Педро Санчез, обвинувајќи ја за корупција.
Демонстрантите се собраа на Шпанскиот плоштад во центарот на главниот град, велејќи му на Санчез да „поднесе оставка“.
Народната партија го свика собирот откако протечените аудио снимки наводно покажуваат дека член на Социјалистичката партија води кампања за клевета против полициска единица што истражува обвинувања за корупција, во која наводно се вклучени сопругата, братот и поранешната десна рака на Педро Санчез.
Социјалистичката членка ги негираше обвинувањата, кажувајќи им на новинарите дека спроведувала истражување за книгата и дека не работи во име на партијата или на Педро Санчез, а потоа ја напуштила Социјалистичката партија.
Лидерот на Народната партија, Алберто Нуњез Феихо, ја обвини владата за „мафијашки практики“ во аферата, тврдејќи дека Санчез е во центарот на повеќе корупциски скандали.
Народната партија процени дека повеќе од 100.000 луѓе присуствувале на денешниот митинг под слоганот „Мафија или демократија“.
Владин претставник во Мадрид процени дека на демонстрациите имало помеѓу 45.000 и 50.000 луѓе.
Свет
Тропската бура Барбара се формираше покрај брегот на Мексико

Тропската бура Барбара се формираше покрај југозападниот брег на Мексико, соопшти Националниот центар за урагани во Мајами рано утрово. Не се издадени предупредувања за крајбрежна опасност.
Брзината на ветерот беше околу 75 километри на час со повремени силни налети. Се очекува бурата да прерасне во ураган во понеделник.
Во делови од мексиканските држави Гереро, Мичоакан, Колима и Халиско можни се обилни врнежи од дожд од 5 до 10 сантиметри, а на некои места и до 15 сантиметри. Врнежите од дожд можат да доведат до поплави и лизгање на земјиштето.