Европа
(Видео) Змејски заби, бункерски мрежи, проект „Источен штит“… Европа се подготвува за војна
Со предупредувања за можна војна со Русија во наредните години европските членки на НАТО веќе преземаат чекори за зајакнување на одбраната во случај руските трупи да влезат на територијата на алијансата.
„Русија се подготвува за војна со Западот“, рече Бруно Кал, шеф на германското разузнавање, кон крајот на ноември. Сепак, Кал предупреди дека не се очекува голем напад на територијата на НАТО, но дека Москва може да прибегне кон ограничена инвазија или интензивирање тактики на хибридно војување за да ја тестира решителноста на алијансата.
НАТО се подготвува за двете сценарија: тотална војна и посуптилни техники за дестабилизација во земјите членки на алијансата.
„Русија има повеќе опции за тестирање на кохезијата на алијансата“, рече генерал-полковник Јирген-Јоаким фон Сандрарт, поранешен шеф на мултинационалниот корпус на НАТО североисточниот дел во Полска, непосредно пред да ја напушти функцијата во ноември. Итноста на ситуацијата сега е јасна меѓу воените и политичките лидери. Комесарот за одбрана на Европската Унија, Андриус Кубилиус, во септември предупреди дека рускиот претседател Владимир Путин би можел да биде подготвен за конфликт со НАТО и ЕУ во рок од шест до осум години.
Естонското разузнавање предупреди дека НАТО може да очекува масовна советска армија во следната деценија доколку Русија успешно ја реформира својата војска. Иако таква армија би била технолошки инфериорна во однос на НАТО, нејзината воена моќ би била значајна. Кубилиус нагласи дека НАТО мора сериозно да ги сфати овие предупредувања и итно да се подготви.
Руската инвазија на Украина ги поттикна Шведска и Финска да му се приклучат на НАТО, со што значително се прошири границата на алијансата со Русија. НАТО сега се обидува да ги зголеми трошоците за одбрана над целта од 2 % од БДП, но многу европски земји историски не ја постигнаа таа цел.
Moment from 🇱🇹LTU town Panemunė – training engineering preparation of battlefield.
LTU Armed Forces currently owns significant number of prepared anti-tank obstacles, which are ready to be deployed where needed.#WeAreNATO pic.twitter.com/LI7HjPkLpF— Lithuanian_Armed_Forces (@LTU_Army) September 5, 2024
Земјите на источната граница на НАТО предничат во зајакнувањето на одбраната. Земјите од Балтикот веќе потпишаа договори за зајакнување на заштитата на нивните граници со Русија и Белорусија, клучниот сојузник на Москва. Естонија најави изградба на мрежа од бункери, а Литванија поставува пречки т.н. змејски заби за да ги запре тенковите.
Полска, соочена со закани од Калининград и Белорусија, инвестира повеќе од 2,5 милијарди долари во проектот „Источен штит“, најголемата операција за зајакнување на источната граница од 1945 година.
Подготовките не се само воени. Шведска, Финска и Норвешка објавија водичи за граѓаните што да прават во случај на војна, а Литванија планира да потроши 12 милијарди евра за изградба на засолништа до 2025 година. Германија почна да креира список на засолништа за цивилна употреба, а Латвија подготвува 5.000 подземни објекти за сместување на граѓаните.
Балтикот и Источна Европа ја нагласуваат потребата од посилна воздушна одбрана. Унгарија веќе инсталира системи за контрола на воздушниот простор во североисточниот дел на земјата, а сојузниците на НАТО развиваат интегрирани системи за воздушна и ракетна одбрана учејќи од искуството од руската агресија врз Украина.
🇱🇹Lithuania has fortified another bridge over the Nemunas River on the route from the Kaliningrad. Fortifications are progressing as planned, with some bridges set to be demolished. Fortifications will be supported by firepower, in case it’s needed, to stop and destroy the enemy. pic.twitter.com/aixkjOJpUs
— Lithuanian MOD 🇱🇹 (@Lithuanian_MoD) October 9, 2024
Додека Полска, Балтикот, Финска и Шведска значително ги зголемија своите одбранбени инвестиции, западноевропските земји дејствуваат побавно. Велика Британија, Франција и Германија планираат само да ја достигнат целта на НАТО од 2 % од БДП, а Естонија, Литванија и Полска се веќе многу над тој праг.
Адмиралот Роб Бауер, највисокиот воен претставник на НАТО, предупреди дека европската индустрија мора да биде подготвена за воени сценарија. „Иако војската ги добива битките, економиите ги добиваат војните“, заклучил Бауер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Снег, дождови и силни ветрови предизвикуваат проблеми низ Европа
И денеска во Европа различни екстремни временски услови создаваат големи проблеми: снег и откажани летови во Холандија, забрана за товарен сообраќај во североисточна Франција, отежнат сообраќај на траектите во Грција и жолто предупредување во Велика Британија за снег, обилни дождови и силни ветрови.
Холандија
Невремето денеска предизвикува откажување и одложување на летови на аеродромот Шипхол во Амстердам – четири летови се откажани, а четири се одложени. Железничкиот сообраќај исто така е погоден: пријавени се задоцнувања на повеќе линии, додека сообраќајот меѓу Мастрихт и Лиеж е запрен до утре вечер. Снежните врнежи се очекуваат прво во северните, централните и источните покраини, а потоа постепено ќе преминат во дожд.
Франција
Околу 700 возачи на камиони се заглавени на автопатот А36 на североистокот и на RN57 во департманот Дуб и Жира, поради снежните врнежи кои го погодија источниот дел од земјата. Патиштата се затворени за возила над 3,5 тони до утре. Минатата ноќ работеле само машини за чистење снег, а Црвениот крст им доставил храна за возачите на камиони.
Грција
Траектите денеска постепено продолжуваат со сообраќај, откако ветровите попуштиле. Повеќето линии започнале нормално да пловат од раното утро, особено од пристаништето Пиреј. Сепак, властите предупредуваат дека рути можат да бидат откажани поради брзо менливите временски услови. Снежни врнежи се очекуваат во северните и планинските области, а се прогнозира и нагло намалување на температурата.
Велика Британија
Во многу делови на земјата е во сила жолто предупредување за снег, силни ветрови, мраз, обилни врнежи и поплави. Ова се однесува на централна и североисточна Шкотска, од северно од Глазгов до Абердин, и е во сила до 14:00 часот денеска. Метеоролозите најавуваат можни силни дождови, силни ветрови и снег, но со благо зголемување на температурите.
Германија
По неколкудневната зимска бура „Ели“, ситуацијата денеска се подобрува. Метеоролошката служба ги укина претходните предупредувања за обилни врнежи. Снежните врнежи до вчера предизвикуваа откажување на возови, пролизгување на автомобили и опасен мраз на патиштата.
Европа
Студ, снег и мраз ја погодија Европа: 34.000 домаќинства без струја во Британија, Франција под портокалов метео-аларм
Метеоролозите предупредуваат дека Велика Британија треба да се подготви за нов бран студено време, снег и мраз за време на викендот, по силната бура „Горети“ што ја зафати земјата.
За поголемиот дел од Британија е издаден жолт метео-аларм за снег и мраз.
Бурата „Горети“ во петокот донесе обилни врнежи од дожд и снег, како и силни ветрови низ голем дел од земјата, поради што десетици илјади домаќинства останаа без електрична енергија. Според податоците на Националната електрична мрежа, околу 34.000 домаќинства на југозападот на земјата биле без струја околу 22 часот синоќа.
Силниот ветер соборувал дрвја, а дел од воздушниот сообраќај бил сериозно нарушен. Авиокомпанијата „Бритиш ервејз“ откажа околу 50 летови – 25 поаѓања и 27 слетувања на аеродромот „Хитроу“ во Лондон. Аеродромот во Бирмингем делумно ја затвори пистата и ги повика патниците да го проверат статусот на своите летови.
Поради лошите временски услови, затворени беа и бројни училишта – повеќе од 250 во Шкотска, над 150 во регионите Абердиншир, Мидлендс и Велс, како и во Северна Ирска.
Лошото време ја погоди и Франција. Националната метеоролошка служба „Метео Франс“ утрово стави шест департмани под портокалов метео-аларм поради снег и голомразица. Се најавуваат снежни врнежи од пет до 10 сантиметри, а возачите се предупредени на опасни и лизгави патишта.
Според француските власти, станува збор за изразен снежен бран кој може да предизвика сериозни проблеми во сообраќајот, особено во североисточниот дел од земјата. Температури под нулата, снег и силни налети на ветер беа причина за прогласување зголемена состојба на подготвеност.
Снежниот бран пристигнува од правец на Германија и земјите од Бенелукс, во зона погодена од остатоците на бурата „Горети“. Снегот ќе паѓа и на пониски надморски височини, од 200 до 300 метри.
Се очекува снежната покривка да достигне од седум до 10 сантиметри на височини од 300 до 400 метри, од 10 до 20 сантиметри меѓу 400 и 500 метри, додека во повисоките планински предели локално може да достигне и до 40 сантиметри.
Властите упатија апел до возачите на максимална внимателност, бидејќи во текот на ноќта од сабота кон недела се очекува дополнително опаѓање на температурите и зголемен ризик од создавање мраз на коловозите.
Европа
Растат цените на становите во ЕУ – Унгарија рекордер со зголемување од 275%
Во периодот од 2015 до крајот на 2025 година, цените на становите во ЕУ во просек пораснале за 63,6%, додека закупот на живеалишта се зголемил за 21,1%, покажуваат податоците на Евростат.
Додека кириите бележат стабилен раст без поголеми турбуленции, цените на становите имале осцилации, со периоди на застој и фази на екстремно брз раст.
Унгарија рекордер по поскапување
Кога се набљудуваат поединечни земји, Унгарија е апсолутен рекордер по поскапување, со раст на цените на становите од 2015 година од дури 275%.
Покрај Унгарија, цените се повеќе од удвоени во уште 11 земји, а на врвот на листата се Португалија, Литванија и Бугарија, каде порастот надминал 150%.
Единствена земја со поевтини станови
Финска е единствената земја каде цените на недвижностите денес се пониски отколку пред десет години, со благо намалување од 2%.
Во наведениот период, зголемување на станарините е забележано во сите членки на ЕУ, а најтешка е ситуацијата во Унгарија, каде кириите се зголемени за 107%, односно повеќе од удвоени.
Висок раст на трошоците за домување е забележан и во Литванија, Словенија, Полска и Ирска, каде станарите се соочуваат со поскапувања од над 70%, објави Евростат.

