Свет
Нетанјаху: Примирјето не значи крај на војната
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека Израел е посветен на договорот за прекин на огнот со Хезболах, но предупреди дека тоа не значи оти војната е завршена.
Говорејќи на почетокот на состанокот на владата во северниот пограничен град Нахарија, Нетанјаху предупреди дека Хезболах сериозно го прекршил договорот од понеделникот и дека Израел оттогаш нападнал повеќе од 20 цели низ Либан како одмазда.
„Во моментов сме во примирје, и забележувам, тоа е примирје, а не крај на војната“, рече тој.
„Имаме јасна цел да ги вратиме нашите жители, повторно да го населиме северот на земјата. Овој прекин на огнот го спроведуваме со железна рака, дејствувајќи против секое негово прекршување, мало или сериозно“, нагласува израелскиот премиер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Германија ќе го забрза и зголеми производството на оружје, владата ја одобри стратегијата за одбранбената индустрија
Германската влада ја одобри Стратегијата за одбранбената индустрија, која има за цел да им помогне на компаниите полесно да ги зголемат капацитетите и да го забрзаат производството на оружје, со оглед на моменталната безбедносна ситуација и конфликтот меѓу Украина и Русија.
„Сегашната заканувачка ситуација бара да ги подобриме клучните технологии во Германија“ наведоа во заедничката изјава министрите за одбрана и економија Борис Писториус и Роберт Хабек.
Писториус и Хабек утре ќе се сретнат со врвни претставници од германската одбранбена индустрија за да разговараат за стратегиите, но не се очекуваат поголеми одлуки.
Како што објави Ројтерс, Германија инвестирала 100 милијарди евра во фонд за зајакнување на војската по години критики дека трошат премалку за одбрана.
Во согласност со стратегијата, германската влада сака повеќе да се фокусира на условите на финансиската рамка на индустријата, со цел да се задржи квалификуваната работна сила.
Свет
Нашата армија би била уништена за половина година сериозна војна, вели британскиот министер
Британскиот министер за воени ветерани денеска изјави дека британската војска ќе биде уништена за шест месеци до една година во случај на голема војна.
Алистер Карнес, министерот за воени ветерани, на конференција во Лондон рече дека сегашната големина на британската војска значи дека нејзините сили ќе бидат поразени во рок од шест до 12 месеци во конфликт од слични размери како војната во Украина. Тој потсети дека секој ден во таа војна биле убиени или ранети околу 1.500 руски војници.
„Затоа, во војна од големи размери, не ограничена интервенција, туку конфликт сличен на оној во Украина – нашата војска со сегашните стапки на жртви ќе биде потрошена – како дел од поширока мултинационална коалиција – за шест месеци до една година, изјави Карнес на конференција.
Карнес рече дека е важно да се одржи голем број резервисти.
„Без нив не можеме да создадеме маса што ни е потребна, не можеме да исполниме многу одбранбени задачи“, додаде тој.
Британската армија е најмалата што била од 1700-тите, иако заменик-началникот на одбранбениот штаб Роб Магован минатиот месец инсистираше: „Ако од британската армија беше побарано да се бори вечерва, тие ќе се бореа вечерва“.
Свет
Од непозната болест во Конго починаа 143 луѓе
Од непозната болест минатиот месец починаа 143 лица во југозападната провинција Демократска Република Конго, изјавија локалните власти за „Ројтерс“.
Заразените имале симптоми слични на грип, вклучително и висока температура и силни главоболки, рекоа Реми Саки, заменик-гувернер на провинцијата Кванго и Аполинер Јумба, провинциски министер за здравство.
На терен е испратен лекарски тим кој зема мостри и ги анализира за да ја утврди болеста.
„Ситуацијата е крајно загрижувачка бидејќи бројот на заразени продолжува да расте“, изјави локалниот лидер Сефориен Манзанза за Ројтерс.
„Селото Панзи е далеку од градовите, па има проблем со снабдувањето со лекови“, вели Манзанца.
Болните луѓе умираат во своите домови затоа што никој не ги лекува, изјавија Саки и Јумба. Локален епидемиолог рече дека жените и децата се најтешко погодени од оваа болест.
Портпаролот на Светската здравствена организација денеска изјави дека здравствената агенција на ОН била предупредена за присуството на болеста минатата недела и дека работи со Министерството за јавно здравје на Конго за да се утврди што е тоа.