Македонија
Костова: СДСМ цврсто против зголемување на старосната граница за пензионирање, популизмот на ДПМНЕ нема да го плаќаат работниците
Заговарањето за зголемување на старосната граница за заминување во пензија е уште еден во низата удари кои во изминативе шест месеци беа нанесени на грбот на работниците. За СДСМ, идејата за зголемување на старосната граница за заминување во пензија е штетна и ние во целост ја отфрламе, вели потпретседателката на СДСМ, Кристина Костова.
-Овие најави совршено се надоврзуваат на основните принципи на функционирање на Владата на ДПМНЕ и Мицкоски: експлоатирањето на трудот на работниците без никакво најави за зголемување плати, накалемувањето нови долгови и камати за унгарскиот заем, кои граѓаните се приморани да ги плаќаат од свој џеб, давањето приоритет на интересите само на неколкутемина големци блиски со ДПМНЕ, сега се надополнети и со најавата за зголемување на старосната граница за заминување во пензија на 67 години, вели Костова.
Потпретседателката на СДСМ го потенцира фактот што барањето од Фискалниот Совет го образложуваат поради воведувањето линеарно зголемување на пензиите.
„Тоа значи дека повторно за лошиот популизам на ДПМНЕ е предвидено да платат граѓаните, овој пат со зголемување на прагот за пензионирање. Политичките одлуки на ДПМНЕ имаат висока цена, за која се заговара да ја платат граѓаните. Тие ќе мора да работат подолго за да се финансираат зголемените трошоци за пензии“, наведува таа.
Ваква мерка, како што оценува, ќе придонесе за дополнителна дестимулација за вработување на младите, кои поради неповолните услови за пензионирање, уште повеќе ќе си го бараат чарето надвор од државата.
-Но, кога размислувам за зголемувањето на прагот за пензионирање, најмногу мислам колку тоа би било нефер кон генерациите кои наскоро треба да се пензионираат. Мислам на мајка ми, која за неколку месеци треба конечно да се пензионира, а после повеќе од 40 години стаж во штипските текстилни фабрики, со незнаени прекувремени неплатени, со ниски плати, во нестабилни времиња. Како, впрочем, и сите нејзини колешки, и сите луѓе од тие генерации, кои сиот свој работен век го поминаа работејќи во тешки услови, жртвувајќи се за подобро утре. Овие луѓе се и повеќе од изработени. После толку децении макотрпна работа, заслужуваат да имаат мирна старост со достоинствени пензии. Тој мир не смее никој да им го одложи или скрати, вели потпретседателката на СДСМ, Кристина Костова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар, Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина и тоа:
· во период од 06:00-10:00 часот корисниците на улицата Пајак, улицата Наум Наумовски Борче (од Костарика до Министерство за земјоделие), општина Центар;
· во период од 08:30-14:30 часот корисниците на дел од улицата Радишанска, општина Бутел;
· во период од 09:00-12:00 часот корисниците на улицата 29 Ноември бр.37, општина Центар;
· во период од 09:00-14:00 часот корисниците на дел од улицата Урош Џудовиќ, општина Карпош.
Македонија
Сообраќајот низ државата се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, на планините снег
Облачно, со повремени врнежи од дожд кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови (над 15 l/m²), а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух вренежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
Денеска ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен дожд, во југозападните делови над 15 l/m², а на повисоките места врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Нови врнежи ќе има и во текот на седмицата кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег. Од денеска ќе има појава на магла по одредени котлини. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер.

