Свет
Во Италија во полициска акција против неонацистичка група уапсени 12 лица

Во Италија денеска се уапсени 12 лица за време на операција на државната полиција против супрематистичка и неонацистичка организација со кодно име „Верволф дивизија“.
Истовремено, во тек се уште 13 претреси на куќи по налог на судот во Болоња, пренесува Анса.
Обвиненијата против членовите на оваа организација вклучуваат здружување заради тероризам, пропаганда и поттикнување на кривични дела поради расна, етничка и верска дискриминација и недозволено поседување огнено оружје, наведува агенцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Се предвидува дека бројот на загинати во Мјанмар би можел да надмине 10.000 лица

Сите воени и цивилни болници, како и здравствените работници, мора да работат заедно на координиран и ефикасен начин за да обезбедат ефективен медицински одговор, рече лидерот на хунтата, генерал Мин Аунг Хлаинг, според државните медиуми.
Најмалку 1.644 луѓе загинаа, а 3.400 се повредени во земјотресот со јачина од 7,7 степени во петокот, еден од најсилните што го погоди Мјанмар во еден век, соопшти претходно воената влада.
Моделските предвидувања на Американскиот геолошки институт проценуваат дека бројот на загинати во Мјанмар би можел да надмине 10.000, а загубите би можеле да го надминат годишното економско производство на земјата.
Земјотресот ја погоди земјата веќе зафатена од хаос поради граѓанската војна што ескалира по воениот удар во 2021 година, со кој беше соборена избраната влада на нобеловката Аунг Сан Су Чи. Пучот предизвика вооружен бунт.
Вооружените конфликти ја уништија претежно аграрната економија на Мјанмар, поранешна Бурма. Во конфликтот во земјата се раселени повеќе од 3,5 милиони луѓе, а основните услуги, како што е здравствената заштита, се во неред.
Свет
Бангкок не се откажува од потрагата по преживеани: „Мораме да ги најдеме“

Заменик-градоначалничката на Бангкок, Тавида Камолвеј, се врати од местото на урнатата зграда во областа Чатучак и за Би-Би-Си изјави дека спасувачките операции продолжуваат: „Нема да се откажеме“.
„Се уште се обидуваме да влеземе под урнатините, но 30-те ката од урнатата зграда создадоа огромна маса која е исклучително тешко да се пробие“, рече Камолвеј.
Спасувачите користат рендген апарати за да откријат какви било движења и знаци на живот во слоевите на бетон и метал.
„Сè уште бараме 79 исчезнати лица. Сè уште верувам во мојот тим. Работиме без престан, повеќе луѓе пристигнуваат. Мораме да ги најдеме“, рече таа.
Свет
Трамп: Ќе го земеме Гренланд, 100 отсто, не ја исклучувам можноста за воена сила

Американскиот претседател, Доналд Трамп, одби да ја исклучи можноста за воена сила во неговата кампања за преземање на Гренланд, велејќи дека има обврска да обезбеди сопственост на данската територија, која постојано ги отфрла неговите обиди.
Еден ден откако високи функционери од неговата администрација, вклучително и потпретседателот Џеј Ди Венс, ја посетија американската воена база на островот, Трамп во интервју за „Ен-би-си Њуз“ потврди дека апсолутно разговарал за анексија на Гренланд.
„Ќе го земеме Гренланд. Да, сто проценти“, рече Трамп.
За време на неговата посета во петокот, Венс остро ја критикуваше Данска, обвинувајќи ја дека заостанува во безбедносните инвестиции и на тој начин го остави Гренланд изложен на можни инвазии од Русија и Кина. Тој го повика народот на Гренланд да се отцепи од Данска за да овозможи разговори меѓу САД и островот за потенцијално преземање.
Тој им рече на новинарите потоа дека не сугерира промена во официјалната политика на администрацијата. Наместо тоа, тој нагласи дека Трамп верува дека воената сила нема да биде неопходна за американското преземање на Гренланд.
„Мислиме дека никогаш нема да биде потребна воена сила“, рече Венс во базата Питуфик.
На прашањето за тие коментари за време на интервјуто, Трамп ја повтори својата посветеност на идејата САД да ја преземат контролата врз островот, но додаде дека постои добра можност тоа да се постигне без воена интервенција.
„Не, никогаш не исклучувам воена сила. Но, мислам дека има добри шанси да го направиме тоа без неа“, рече Трамп.
„Ние имаме обврска да го заштитиме светот. Станува збор за светскиот мир и меѓународната безбедност. И се додека сум претседател, тоа е моја одговорност. Не, не исклучувам ништо“, додаде.
Во своите изјави, Венс ја обвини Данска за „неинвестирање“ во безбедноста на Гренланд.
„Нашата порака до Данска е многу едноставна: не направивте доволно за народот на Гренланд“, рече тој. „Тоа мора да се смени. А бидејќи не се промени, затоа политиката на претседателот Трамп за Гренланд е токму оваа“.
На овие изјави реагираше данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен, кој на социјалната мрежа „Икс“ рече дека Данска може да прифати критика, но не и тонот што го користи администрацијата на Трамп.
„Не зборувате така за блиски сојузници“, рече Расмусен, повикувајќи ги САД да соработуваат со Данска за да го зајакнат своето воено присуство на Гренланд.
Новиот премиер на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен, рече дека коментарите на американските официјални лица покажуваат „недостаток на почит“ кон островот.
Иако Данска е членка на НАТО, а повеќето жители на Гренланд се противат на приклучувањето кон Соединетите Држави, американскиот претседател опстојува.
„Гренланд ни е исклучително важен за меѓународната безбедност. Мора да го имаме Гренланд“, рече Трамп во петокот во Белата куќа.