Регион
Родителите на бебињата закопани во близина на Вараждин биле членови на секта: започна нивното сослушување
Сослушувањето на родителите на двете бебиња, чии тела беа пронајдени закопани во дворот на семејната куќа кај Вараждин, почна во средата наутро. Тие се осомничени за запоставување на деца со смртен исход. Соседите и познаниците велат дека семејството се преселило во градот пред околу пет години и дека биле членови на религиозна секта.
Вараждинската полиција поднесе кривична пријава против родителите за грубо запуштање, кое во случајот со двете едногодишни бебиња завршило со смрт. Третото дете кое исто така било запуштено го згрижил Центарот за социјална работа.
Децата не се родени во болница, а системот не знаел дека постојат, бидејќи немале ниту национален матичен број во Хрватска. Ова го потврди министерот за труд и социјална заштита, Марин Пилетиќ, пренесуваат локални медиуми.
„Не биле под мерки (социјална заштита), ниту пак вработените имале дејствија кон нив. Детето по брза постапка е раздвоено и назначен е негов старател. Со оглед на тоа дека детето го немало во евиденцијата, тоа ќе го направи старателот, за да добие уписи во сите регистри што треба да ги има. Тоа е под заштита на една од нашите институции и е безбедно“, рече министерот.
Хрватскиот министер за внатрешни работи Давор Божиновиќ изјави дека добиле дојава дека нешто чудно се случува во семејството од лице од „релативно блиско опкружување“.
„Не би рекол дека се работи за некој од поширокото семејство, туку се работи за човек кој го познава тоа семејство“, посочи министерот.
Градоначалникот на Љубешчица, Ненад Хорватиќ, за хрватските медиуми вели дека очевидци кажале дека таткото им покажал на полицијата и на вработените во локалното комунално претпријатие, кои помогнале во потрагата, каде ги закопал децата.
Сомнежите на мештаните, наводно, ги разбудило третото дете, за кое забележале дека е неухрането.
Мештаните за локалните медиуми изјавија дека семејството се преселило во селото кај Вараждин пред неколку години. Наводно, тие живееле многу изолирано, а ниту еден од родителите не бил вработен.
„Невенчаниот сопруг се шеташе низ селото во долга црна наметка и носеше долга брада. Не ја видовме жената. Еднаш дојде така облечен кај нас во каменоломот, но не разговараше со никого, остана малку и си замина. Според моите информации, никој од нив не е вработен, а родителите на мајката, колку што знам, се професори во Вараждинските училишта“, изјавил жител за Јутарњи лист.
Медиумите пишуваат дека родителите припаѓале на секта, а познаници на таткото, по потекло од Сплит, велат дека тој играл ватерполо и пеел клапа. Сепак, откако се приклучи на култот, тој го променил и својот животен стил.
„Можете да видите дека енергијата таму е поинаква. Пред да му се промени животот, би го опишал како весел тип, талентиран, седум години пееше во хор. Подоцна се обидовме да контактираме со него, но и со неговото семејство, но тој реши дека не сме добредојдени“, изјавил познаник на таткото на децата, за тамошните медиуми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Бахамите го признаа Косово
Бахамите официјално ја признаа Република Косово како независна и суверена држава, соопшти косовската претседателка Вјоса Османи.
Османи го потпишала договорoт на Бахамите со премиерот Филип Брејв Дејвис. На социјалната мрежа „Икс“ беше објавено заедничко соопштение во кое се наведува дека двете земји воспоставиле дипломатски односи, кои стапуваат на сила со денот на потпишување на заедничкото комунике, во согласност со меѓународното право и Виенската конвенција за дипломатски односи од 1961 година.
Bahamas recognizes the Republic of Kosovo as a sovereign and independent state! 🇽🇰 🇧🇸
We just signed our bilateral agreement with Prime Minister @honphilipedavis. On behalf of the people of Kosovo, I extend my sincere gratitude for this decision of historic significance!
Full… pic.twitter.com/a9LLtW2BW7
— Vjosa Osmani (@VjosaOsmaniPRKS) December 19, 2025
Во соопштението се наведува дека Бахамите и Косово ја потврдиле посветеноста на целите и принципите на Повелбата на Обединетите нации и изразиле намера да развиваат соработка во области од заемен интерес, како што се трговијата, туризмот, образованието, културата, технологијата и јавниот сектор.
Двете земји изразиле очекување за воспоставување топло и продуктивно партнерство.
Годинава, независноста на Косово ја признаа и Сирија, Судан и Кенија.
depositphotos
Регион
Путин првпат зборуваше за НИС: Верувам дека Белград ќе ги исполни своите обврски
Рускиот претседател Владимир Путин повеќе од две децении одржува годишна прес-конференција, на која ги презентира своите политички ставови и анализи на јавноста во Русија и во странство.
За време на конференцијата, новинар од Србија го потсети рускиот претседател дека Нафтената индустрија на Србија (НИС), заедничко вложување меѓу Русија и Србија, ги трпи последиците од западните санкции. Тој го праша Путин како ја коментира оваа ситуација?
„Што се однесува до НИС, притисокот од западните санкции продолжува, а ова е показател за политичка моќ. Москва претпоставува дека Белград ќе ги исполни своите обврски, а двете земји ќе спроведат многубројни други проекти“, рече Путин не сакајќи да се продлабочува на оваа тема.
Претходно денес, рускиот претседател изјави за „Спутник“ дека знае што се случува со компанијата НИС и дека се надева оти ќе се најде заедничко решение.
„Знаеме што се случува со компанијата НИС. Имаме меѓудржавен договор и претпоставуваме дека пријателското српско раководство ќе го земе ова предвид. Имаме идеја за насоката во која сакаме да се движиме заедно. Работиме на тоа и се надевам дека ќе го најдеме потребното решение“, рече рускиот претседател.
Тој исто така рече дека без оглед на надворешната аспирација за подобрување на односите, притисокот со санкции ќе продолжи како начин за покажување сила, пренесува „Раша тудеј“.
„Москва претпоставува дека Белград ќе ги исполни своите обврски и дека Русија и Србија ќе спроведат многубројни други заеднички проекти“, рече тој.
НИС е под санкции на САД од почетокот на октомври поради мнозинската руска сопственост, што значително го комплицира работењето на една од најважните компании за функционирање на целата српска економија.
Рускиот „Газпромнефт“ е мнозински сопственик на НИС, а рускиот претседател рече дека земјата инвестирала повеќе од три милијарди долари во компанијата.
фото/депозитфотос
Регион
E-пошта со безбедносни закани во училиштата во Словенија: учениците итно евакуирани
Неколку основни и средни училишта низ Словенија денес добија е-пошта со безбедносни закани, а некои беа евакуирани како мерка на претпазливост, објави полицијата.
Главната полициска управа на Љубљана изјави дека реагирала веднаш по приемот на заканувачки пораки, собрала информации и ги спровела сите потребни мерки за да ја осигура безбедноста на учениците и персоналот, објави СТА.
Досега собраните податоци укажуваат дека станува збор за генерички закани, без конкретна оперативна опасност.
Полицијата процени дека ситуацијата носи мал ризик и дека нема потреба од дополнителен аларм.
Министерот за образование беше информиран за инцидентот, пишуваат медиумите.
Фото: депозитфотос

