Македонија
Интерпелациите од ДУИ и предлогот за пензионирање на 67 години немаат поддршка од СДСМ – заседаваше новиот состав на Извршниот одбор
Интерпелациите од ДУИ и предлогот за пензионирање на 67 години немаат поддршка од СДСМ, образложи опозициската партија по првата седница на новиот состав на Извршниот одбор посветена на повеќе политички, безбедносни и економски актуелни теми.
На состанокот беше заклучено дека СДСМ остро се спротивставува на секој предлог за зголемување на старосната граница за заминување во пензија на 67 години. Таквиот чекор претставува директен удар врз работниците, нивното достоинството и труд.
Според нив, станува збор за продолжување на погрешните политики за систематско потценување и експлоатација на трудот на граѓаните и работниците од страна на Владата предводена од ДПМНЕ.
„Наместо да обезбедат покачување на платите и подобри услови за работниците, власта сака на мала врата да протне мерки кои ќе ги примораат работниците да работат подолго само за да се финансираат трошоците од нивните популистички потези. Ваква мерка ќе придонесе за дополнителна дестимулација за вработување на младите, кои поради неповолните услови за пензионирање, уште повеќе ќе си го бараат чарето надвор од државата. Политиките на СДСМ во изминатите години го стабилизираa Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и значително ја намали финансиската дупка, дефицитот од 43% се намали на 33%. Сега ДПМНЕ спроведува погрешни политики со кои ja загрозува одржливоста на Фондот, го зголемува дефицитот“, велат од СДСМ по состанокот.
Нивниот приоритет, како што се додава, е заштита на интересите на работниците и обезбедување услови за достоинствен живот.
Втората точка на дневен ред за која се расправаше во СДСМ беше, како што велат, загрижувачките тенденциите за влошување на безбедноста и сигурноста на граѓаните и растечките тензии во општеството со загрозување на меѓуетничките односи.
Оценка на Извршниот одбор е дека неприфаќањето на лидерската средба од страна на власта испраќа лош сигнал и ја потврдува тезата дека очигледно партии на власт и ДУИ немаат интерес од стабилизација, што е многу опасно за државата.
Во однос на поднесените интерпелации од политичката партија ДУИ, Извршниот одбор заклучи дека нема да ги поддржи и гласа за овие интерпелации.
„Тие не претставуваат решение за кризата во овој момент и може да значат нови поделби по етничка основа. Потребен беше поинаков пристап, да се седне на лидерска средба и да се упатат заеднички пораки за смирување на тензиите затоа што тој пристап е базиран на политичка зрелост, но власта тоа го одби“, велат од СДСМ.
На состанокот стана збор и за внатрепартиските активности. Од СДСМ наведиа дека веќе е направен оперативен план и новото раководство на СДСМ од утре започнува со интензивни теренски активности, во сите општински организации. СДСМ најави промена на пристапот и враќање на гласот на членството при креирањето на политики. До крајот на годината ќе го заокружат и изборот на претседатели на општинските организации со што целосно ќе заврши процесот на обединување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ми се гади од лицемерието, Артан Груби во куќен притвор, јас 28 месеци во притвор: Јане Ченто за правосудните аршини
По одлуката на надлежните институции, поранешниот прв вицепремиер Артан Груби да биде ставен во куќен притвор со 24-часовен надзор, по неговото приведување на граничниот премин Блаце, со реакција во јавноста се огласи и Јане Ченто.
„Артан Груби во куќен притвор, јас 28 месеци во притвор.
Мене ми наместија предмет дека сум го прекршил куќниот притвор и ме вратија во Шутка по само 20 дена дома“, објави тој на социјалните мрежи.
„Со камери во мојот дом докажав дека сум бил дома. Докази имаше. Снимки имаше.
Од МВР тврдеа спротивно – и никому ништо, помина нивното.
Сѐ беше џабе.
5 и кусур години ме влечеа по судови за нешто што знаеа дека не постои.
На крај – правосилна пресуда во моја корист.
Вистината исплива.
Но изгубеното време, притисоците, понижувањето, кој ќе ги врати?
Кога ќе ги гледам денешните правосудни „аршини“, не можам да премолчам.
Правдата во оваа држава очигледно не е иста за сите.
Може да нѐ наречете како сакате неколку од нас што не губиме надеж за тоа дека еден ден ќе дојде правда, но тоа е, ние ќе се надеваме.
И да, ми се гади од лицемерието.
Толку“, пишува тој.
Македонија
Левица за куќниот притвор за Груби: Наместо еднакви стандарди, гледаме селективна строгост
Политичката партија Левица реагира на одлуката за определување куќен притвор за Артан Груби, оценувајќи дека станува збор за „прв конкретен резултат од кадровската политика на ДПМНЕ во обвинителството“.
Според партијата, лице кое 14 месеци било недостапно за органите на прогонот, што според нив претставува „најсилен можен доказ за ризик од бегство“, добило поблага мерка наместо засилување на притворот.
„Во правна држава, ваква околност води кон засилување на притворот, кај нас води кон негово олеснување“, наведуваат од Левица.
Оттаму посочуваат дека јавноста добила две различни објаснувања во краток временски период. Првично било соопштено дека нема поплаки за небезбедност и дека во притворот се гарантираат условите како и за секој друг притвореник, а потоа обвинителството се повикало на „индиции“ за загрозена безбедност како основ за замена на мерката со куќен притвор, вклучително и на наводна загрозеност на безбедноста на семејството.
Одговорноста за ваквата одлука, според Левица, е во системот што го раководи в.д. државниот јавен обвинител Анита Тополова-Исајловска, за која велат дека важи за фаворит на ДПМНЕ за иден републички јавен обвинител.
Партијата потсетува дека Тополова-Исајловска во минатото барала пад на предметот „ТАЛИР“, кој се однесува на нелегално финансирање на ВМРО-ДПМНЕ. Дополнително, според нив, нејзините политички релации не биле пречка за нејзиното позиционирање.
Во соопштението се споменува и новиот шеф на скопското јавно обвинителство Анел Фидоски, за кого Левица наведува дека со преквалификација во завршна фаза овозможил застарување на случајот со малата Тамара.
„Денешната одлука за куќен притвор се вклопува во истиот образец – флексибилност кога предметот е политички чувствителен“, наведуваат од Левица.
Партијата оценува дека наместо еднакви стандарди, се гледа „селективна строгост“, а наместо владеење на правото – управување со правдата според политички контекст.
Македонија
Фондацијата „Заедно за едно“ донираше на кочанската болница 90 комплети ракавици за пасивна рехабилитација
Во насока на обезбедување соодветна медицинска и рехабилитациска поддршка за настраданите во пожарот во Кочани, Фондацијата „Заедно за едно“, основана од Македонската банкарска асоцијација, набави и испорача во ЈЗУ Општа болница Кочани 90 (деведесет) комплети S-Touch C1 ракавици за пасивна рехабилитација.
Секој комплет се состои од терапевтска ракавица, контролер и клон ракавица и претставува современо технолошко решение за спроведување на пасивни рехабилитациски третмани кај пациенти со нарушена моторика на горните екстремитети, како резултат на изгореници, повреди или невролошки состојби.
Со оваа донација значително се унапредуваат капацитетите на болницата за обезбедување континуирана и квалитетна рехабилитација, што е од особена важност во процесот на закрепнување на пациентите погодени од трагичниот настан.
„Остануваме посветени на обезбедување соодветни услови за лекување и рехабилитација и на континуирана поддршка на здравствените установи во справувањето со последиците од овој немил настан“, велат од Фондацијата.

