Спорт
Расел: Ферстапен ми рече дека ќе ми ја скрши главата од ѕид
„Војната“ меѓу Макс Ферстапен и Џорџ Расел, која започна на трката за Големата награда на Катар минатата недела, продолжува.
Холанѓанецот во Катар изјави дека ја изгубил секаква почит кон Расел, бидејќи им се пожалил на стјуардите дека го успорува подготвувајќи се за брз круг. Како резултат на тоа, Ферстапен ја загуби пол-позицијата и мораше да стартува зад Расел во Катар.
Сепак, тоа не го спречи да оствари убедлива победа во Доха. И кога се очекуваше страстите да се смират, Расел се огласи пред трката во Абу Даби.
„Ја слушнавте само неговата страна од приказната. Во саботата по квалификациите ми кажа дека намерно ќе излезе од патот и дека ќе ми ја скрши главата од ѕид. Нема да молчам за такви работи. Никој не ги доведува во прашање неговите возачки квалитети. Сепак, очигледно е дека не може да се справи со некои работи“, изјави Расел.
Британецот истакна дека Ферстапен со години ги малтретира возачите во Формула 1.
„Тој мисли дека сè треба секогаш да биде по него. Гледате како се однесува со луѓето во Ред Бул. Доминираше со години. Веднаш штом дојде лошиот период ги обвини луѓето од тимот дека не ја завршиле добро работата. Тој не цени никого освен себеси. Тој е одличен возач, но не може да оди наоколу зборувајќи и да очекува од мене да молчам“, изјави Расел.
Тркачкиот викенд во Абу Даби започнува во петок, а во недела ќе се вози последната трка сезонава во Формула 1.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Поднесено е обвинение против претседателот на Наполи
Претседателот на Наполи, Аурелио Де Лаурентис, е обвинет за лажно сметководство при трансферот на Костас Манолас од Рома во 2019 година и измама во врска со трансферот на Викор Осимен од Лил три години подоцна. Во врска со овој случај судењето во Рим е закажано за 2 декември следната година.
Според порталите блиски до Наполи, државните обвинители Лоренцо Дел Џудиче и Џорџо Орано поднесоа обвинение против првиот човек на Наполи поради финансиските извештаи во периодот од 2019 до 2021 година, а клубот од стадионот „Диего Армандо Марадона“ ја објави најновата вест.
Во официјално соопштение од клубот е изразен шок од судијата на прелиминарното сослушување со кој е обвинет Де Лаурентис, велејќи дека сите извештаи покажуваат дека финансискиот извештај на клубот за трансакциите при трансферот на фудбалрот бил точен.
„Самото обвинителство призна, за време на завршниот збор, дека Наполи не добил никаква корист од спорните трансакции. Клубот мирно го чека судскиот процес, убеден во исправноста на неговиот исход“, се вели во соопштението и се напоменува дека обвинителите од Милано побарале прекин на постапката против Интер за ист ваков случај.
Да ве потсетиме, сè се случува во момент на голема резултатска криза во редовите на италијанскиот шампион, која кулминираше претпоследниот викенд со пораз во Болоња, што наиде на остра реакција од тренерот Антонио Конте.
По ноемвриската репрезентативна пауза, следниот натпревар на Наполи е во сабота против Аталанта.
Спорт
Тежок пораз на Еурофарм Пелистер кај Пик Сегед
Еурофарм Пелистер доживеа тежок пораз на гостувањето во Унгарија кај Пик Сегед 35:20 (14:11). Избраниците на Рубен Гарабаја, го одиграа најлошиот натпревар во сезоната, го забележаа шестиот пораз во осмиот меч и се на претпоследното место на табелата.
Пик Сегед со камата му го наплати на Пелистер поразот од минатата недела во Битола. Избраниците на Рубен Гарабаја, анемично влегоа во натпреварот, го разбранија ветеранот Роналд Миклер и на крајот доживеаја убедлив пораз.
Дека не Пелистер лошо му се пишува беше јасно по 13 минути, кога Сегед стекна предност од четири гола, а по 18 минути резултатот беше 10:4. Играчите на Пелистер се „истакнаа“ со промашување на зицери, а Сегед најчесто поенираше од контра или полуконтра.
Сите дилеми одколу победникот, доколку воопшто и ги имаше, беа решени в 43-та минута кога домашните ракометари стекнаа довцифрена предност. До крајот натпреварот повеќе наликуваше на пријателски, отколку на натпревар од Лигата на шампионите.
41-годишниот Миклер го предводеше Пик Сегед со 19 интервенции, а најефикасни беа Кукиќ и Фримел со по седум гола. Хаџиќ, Атанасијевиќ и Манасков постигнаа по три гола за Пелистер. Најдобар беше голманот Хејдарирад со седум одбрани.
Табела:

Foto/ EPA
Спорт
Милевски: Данска е извонредно квалитетна репрезентација
Репрезентацијата на Македонија на денешната ждрепка во Цирих го дозна противникот во полуфиналето во мундијалскиот бараж, На 26 март, Македонија е гостува во Копенхаген кај Данска. Ако Македонија ја елиминира Данска, на 31 март во плејоф финалето ќе игра во Прага или Даблин, против Чешка или Република Ирска.
Селекторот на македонската репрезентација, Благоја Милевски, кој го следеше извлекувањето во Цирих, вели дека во оваа фаза нема лесни противници.
„За разлика од минатиот пат, кога бевме во плеј-офот и ги извлековме топ фаворитите Италија и Португалија, сега на „хартија“ добивме полесен противник, иако морам да потенцирам дека кога си во конкуренција на најдобрите 16 репрезентации, нема лесни противници, напротив. Штета што повторно немавме среќа за евентуален домашен натпревар. Данска е извонредно квалитетна репрезентација, неблагодарно е да даваме било каква прогноза. Во ова друштво нема слаби репрезентации и апсолутно не можеш да се надеваш на сигурен пласман, но ќе дадеме се од себе да бидеме конкурентни и во плеј-офот“.
Извор/ Фудбалска федерација на Македонија

