Македонија
ЛДП: Наместо „празни“ интерпелации, ДУИ да го поддржи предлогот за намалување на банкарските провизии

Либерално-демократската партија апелира на одговорно и совесно однесување од сите политичари и политички партии, нo пред сѐ, како граѓани на оваа земја.
Сега, додаваат од оваа партија, не е време за нови поделби и сите заедно не смееме да дозволиме одредени сили во земјата повторно да создаваат тензии и поделби на народот.
„Доколку ДУИ навистина сака да покаже доблест и вистинска грижа за граѓаните и државата, ќе го поддржи предлогот на ЛДП, кој претседателката и пратеничка во македонското Собрание, Моника Зајкова, го достави пред две недели, а со кој се намалуваат и укинуваат неоправдано високите банкарски трошоци. Со поддршка на овој предлог, од кој сите граѓани на Македонија без разлика на нивната вера, националност и етничка припадност ќе имаат повеќе пари во нивните џебови, ДУИ ќе покаже дека навистина застанува на страна на граѓаните и ги брани нивните интереси. Сѐ останато е само уште една епизода на популизам, задоволување на лични интереси и собирање на дневни политички поени“, потенцираат ид ЛДП.
ЛДП оценува дека интерпелациите поднесени од страна на ДУИ за првиот вицепремиер Изет Меџити, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, заменик министерката за внатрешни работи Астри Исени и министерот за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ, се неосновани и во моментов, целосно непотребни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Јанев на заокружување на обуката „Истрага на местото на настанот“, насочена кон унапредување на истражните капацитети на полициските сили

Директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев присуствуваше на свеченоста за доделување на дипломите, што се одржа во Центарот за обука на полицијата во Идризово, заедно со помошник министерот за внатрешни работи и началник на Центарот за обука, Влатко Митковски, како и со амбасадорот на Италија во нашата земја, Н.Е. Паоло Палминтери.
Обуката беше реализирана од Вишиот институт за истражни техники на карабинерите на Италија, со организациска поддршка од Италијанската амбасада во Скопје.
Учесниците на курсот имаа можност да стекнат напредни знаења и практични вештини за истражување на место на настан, притоа следејќи современи европски и меѓународни стандарди.
“Посебна благодарност упатувам до италијанските експерти за нивниот професионален ангажман и пренесеното знаење и сакам да истакнам дека како институција, особено ја цениме оваа соработка што претставува значаен чекор кон унапредување на капацитетите на нашата полиција и поддршка на владеењето на правото”, истакна директорот Јанев, додавајќи дека ова е уште еден показател за успешната и стратешки ориентирана билатерална соработка со Италија во областа на безбедноста и претставува дел од заедничките напори за градење побезбедно и посилно општество.
Македонија
Николоски учествува на висок министерски форум во Истанбул

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска и утре учествува на Форум за министри за транспорт што се одржува во Истанбул.
Во планираната агенда е предвидено обраќање на вицепремиерот Николоски на панелот насловен ,, Иновативни можности и решенија за финансирање на транспортни коридори” .
На Форумот ,,Глобална Транспортна Поврзаност” предвидено е да се обрати претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, министерот за транспорт на Турција, Абдулкадир Уралоглу како и други министри од Европа и светот.
На настанот ќе земат учество и бројни министри како што се министерот за транспорт на Шпанија, на Албанија, на Саудиска Арабија, Сингапур, Црна Гора, Обединетите Арапски Емирати, како и многу други високи претставници од институции од областа на транспортот.
Македонија
Сиљановска-Давкова прими припаднички на Армијата кои успешно завршија обука во САД

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ги прими капетанката Неда Волчева и поручничката Сара Тасевска кои успешно го завршија седуммесечниот курс „Maneuver Captain’s Career Course“во Џорџија, САД, организиран од американскиот тренинг центар „Fort Moore”.
На средбата на којашто присуствуваа началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и американската амбасадорка Анџела Агелер, двете припаднички на Армијата ја запознаа претседателката со фазите, содржините и квалитетот на воено-образовната обука и ги споделија нивните натамошни планови, заложби и амбиции за кариерен напредок.
Препознавајќи во нив потенцијал за идни генерали, Сиљановска-Давкова им честиташе на Волчева и Тасевска за успешно завршената обука и изрази уверување дека стекнатите знаења, вештини и експертиза ќе ги применат во интерес на македонската армија.
Според неа, реализацијата на оваа програма претставува влог во македонско-американското партнерство и е посебно значајна за промоција на земјава како лојален и кредибилен сојузник во НАТО.
Признавајќи ги одличните резултати што ги постигнуваат жените, соговорниците се согласија дека нивното партиципирање во меѓународните обуки треба да биде редовна пракса.
Сиљановска-Давкова на средбата ја реафирмираше својата заложба за формирање на Регионален центар за извонредност за жени, мир и безбедност со седиште во Скопје, заради промоција на жените во безбедноста и одбраната во регионот.