Македонија
Мисајловски на затворањето на вежбата „Maple Arch 24 : Армијата нуди услови и можности за заокружување на целиот процес за извежбување согласно највисоките НАТО – стандарди
Денеска во касарната „Алексо Демниевски – Бауман“ во Велес, министерот за одбрана Владо Мисајловски заедно со началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, амбасадорките на Канада и Украина Мишел Камерон и Лариса Дир и високи воени претставници од Канада и Полска присуствуваа на Денот за високи гости и затворањето на вежбата „Maple Arch 24“ која се реализира во нашата држава од 25 ноември, во Центарот за симулации во Велес и на Армискиот полигон „Криволак“.
Министерот Мисајловски истакна дека оваа вежба која се реализира по 25 пат и на која учествуваат повеќе од 600 припадници од четири сојузнички и две партнерски земји се разликува од сите претходни поради комбинацијата на компјутерска симулација и реализација во теренски услови со што се заокружува еден процес на изведување вежби.
„Она што го гледаме тука во Велес и активностите кои се одвиваат паралелно на „Криволак“ се најголемиот доказ дека македонската Армија нуди услови и можности за заокружување на целиот процес за извежбување согласно највисоките НАТО – стандарди“, истакна Мисајловски и додаде дека соработката меѓу армиите директно влијае на зајакнување на интероперативноста, но и на безбедноста.
Мисајловски упати честитки до сите припадници од земјите учеснички кои со својата професионалност, посветеност и мотивација успешно ја реализираа оваа јубилејна вежба и упати благодарност до канадските сојузници за поддршката во организацијата.
„Меѓусебната посветеност на развојот на одбранбената соработка е видлива и преку ваков вид на заеднички обуки и вежби кои ќе продолжат и во иднина“, нагласи Мисајловски.
На настанот се обрати началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор, Сашко Лафчиски кој нагласи дека изведувањето на ваков вид вежби е доказ за обученоста, континуитетот и кохезијата меѓу припадниците што овозможува зајакнување на врските со сојузниците и партнерите и постигнување нови искуства во мултинационална средина.
Канадската амбасадорка Мишел Камерон најнапред упати благодарност до македонската армија и држава за извонредната поддршка за изведување на вежбата и потенцираше дека оваа вежба го покажува единството и ја потврдува заедничката посветеност кон глобалниот мир, стабилност, заедничките вредности и партнерството во НАТО и дека само заеднички и со проактивен пристап ќе придонесеме за помирен и побезбеден свет.
Мултинационалната вежба „Maple Arch 24“ е вежба на која учествуваат околу 600 припадници од македонската Армија и припадниците на вооружените сили на Канада, Полска, Литванија, Украина и Грузија. Вежбата е спонзорирана и поддржана од страна на Директоратот за воена обука и соработка на Вооружените сили на Канада.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја делови од Центар и Аеродром
Без струја денеска ќе останат дел од корисниците од општините Центар и Аеродром.
„Од ЕВН Македонија АД добивме известување дека на ден 14.01.2026 година ( среда ) без електрична енергија ќе останат: – во периодот од 09.00 до 11.00 часот, корисниците од ул. Наум Наумовски Борче бр. 65 и околните стамбени објекти околу него. (општина Центар). Во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците од дел од ул.Ѓорѓи Андеевиќ Кун во близина на училиштето Димитар Македонски (општина Аеродром)“, информира РЦУК – Скопје.
Македонија
Сообраќајот на патот Скопје – Штип е во целосен прекин поради запалено товарно возило
Сообраќајот на патниот правец Скопје – Штип е во целосен прекин, поради опожарено тешко моторно возило, четири километри пред патарината „Преод“, информира АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Лидерска средба за техничката влада, СДСМ одби да учествува
Во Клубот на пратениците денеска треба да се одржи лидерска средба на премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, со претседателите на парламентарните партии кои имаат пратенички групи во Собранието.
На средбата треба да се разговара за реформските закони од правосудството, за изборот на народен правобранител, за Изборниот законик и за укинување на техничката влада, но и за други прашања.
СДСМ одби да учествува на средбата. Левица најави присуство, како и коалициските партнери во Владата – ЗНАМ и и ВРЕДИ.
Вчера попладне, своето присуство го потврди и лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Претседателот на СДСМ Венко Филипче, ја одби поканата со образложение дека се против тоа во иднина да нема техничка влада која, како што образложи е гаранција за фер избори, а дека за реформските закони ќе гласаат во Собрание.

