Македонија
Успешно засадена „Сончева гора“
Трета година по ред Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство заедно со Национални шуми посветуваат по едно дрво за секои 10 килограми собран отпад за време на „Генералка викенд“. Денеска се пошумени последните 3.500 садници од вкупните 51 хектари (црн бор, бел бор и Аризона Чемпрес), засадени од страна на Национални шуми. Ова пошумување е именувано „Сончева гора“.
Државниот советник во Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Даниела Иротова Лазарева, истакна:
„Оваа година во буџетот на Министерството се издвоени околу 20 милиони денари за пошумување. Но, програмата што ја опфаќа Министерството не е само пошумувањето, туку и чистење на површините од пожарите од оваа година, мељорација, заштита односно третирањето, преглед на садниците што се произведуваат.“
Директорот на ЈП Национални шуми, Здравко Трајанов изјави:
„Пошумувањето значи влог во иднината, влог во екологијата. Како Јавно претпријатие задолжено за шумите една од заложбите е пошумување на голините на стручен начин и да имаме поголема успешност на растењето на дрвјата. Им благодарам на сите волонтери денес што придонесоа денеска во пошумувањето на последните неколку илјади садници на бел бор, црн бор и аризонски чемпрес од вкупно 51 хектар што веќе ги пошумивме според програмата за проширено пошумување “
„Генералка викенд“ е најголемата еколошка акција во нашата земја, организирана од „Мен енд Маунтен“ заедно со главните стратешки партнери Пивара Скопје, со поддршка на Министерството за животна средина и просторно планирање:
„Како главен стратешки партнер на иницијативите „Генералка Викенд“ и „Сончева Гора“, горди сме што Пивара Скопје веќе трета година по ред ги поддржува најголемите национални еколошки акции за пошумување и за собирање на отпад. Тие ги одразуваат нашите компаниски заложби за “Свет без отпад“ и нула емисии на CO2 во атмосферата до 2040-та година. Она што особено ме радува е дека повторно голем дел од нашиот тим Пиварци се пријавија доброволно да учествуваат во оваа акција. Тие се вистински амбасадори на вредностите на Пивара Скопје за одржливост. Со поддршка на вакви акции сакаме да инспирираме и други слични иницијативи и да влијаеме на промена на јавната свест за почист и поодржлив свет,“ вели Снежана Савиќ Димовска, директор за корпоративни политики и одржливост на Пивара Скопје.
Државниот секретар за животна средина и просторно планирање, Ресми Ејупи изјави:
„Ги поздравувам сите партнери и сите учесници во акциите, бидејќи сите овде нѐ обединува силната желба со личен пример да ја поттикнеме и развиеме свеста за животната средина. На отпадот не му е местото во природата. Тој е производ на нашето однесување и живеење, само ние самите можеме да го исчистиме и од нас зависи каде ќе го одложиме и како ќе го третираме.“
На денешната акција за пошумување „Сончева гора“ учествуваа над сто и педесет волонтери од Пивара Скопје, Пакомак, Нула Отпад, Шпаркасе банка, ЕВН, Макстил, Бучим Боров Дол, Костал, Бимилк, Црвен крст, Волонтерски центар Скопје и претставници од општина Старо Нагоричане, истакнувајќи ја важноста дека со колeктивен влог можеме да обезбедиме зелена иднина за нас и за следните генерации.
Во рамките на проектот за само четири години се засадени повеќе од 125.000 дрвја и собрани 915.000 килограми отпад, а досега учествувале над 44.000 пријавени волонтери, од кои повеќе од 10.000 ученици и студенти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот во зимски услови по влажни коловози
Поради врнежи од снег се уште е во сила забраната за тешки товарни возила и автобуси воведена од 9:20 часот утрово на патниот правец крак Шипковица-Попова Шапка, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на остаматите државни патишта се одвива во зимски услови по влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот. Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат во Крушево, Попова Шапка и Маврово и на планинските превои Стража и Ѓавато и на патниот правец Берово-Струмица.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Патниот правец Охрид – Ресен преку националниот парк Галичица од 21.11.2025 до 31.03.2026 година се затвора за сообраќај за сите видови возила.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
До 5 февруари пријавување за субвенциониран студентски оброк
Министерството за образование и наука ги информира студентите дека рокот за пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2025/2026 година трае од денеска до 5 февруари 2026.
-Правото на субвенциониран студентски оброк може да го користат сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од минималната нето плата, но и студентите запишани на постдипломски студии и на интегрирани студии на државните и на приватните универзитети во државата. Студентите кои ги исполнуваат условите, а не аплицирале досега, може да поднесат апликација, електронски преку порталот: https://e-uslugi.mon.gov.mk, соопшти МОН.
Условите и критериумите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк се достапни на линкот https://mon.gov.mk/mk-MK/konkursi-i-stipendii/konkursi-mon/javen-povik-za-ostvaruvanje-na-pravoto-na-subvencioniran-studentski-obrok-za-akademskata-20252026-godina
-За поддршка при аплицирањето, контактирајте преку е-пошта: [email protected] Студентите на кои им било прекинато правото на субвенциониран оброк, а сметаат дека ги исполнуваат условите, може повторно да аплицираат. Овој рок е, исто така, отворен за студентите кои не аплицирале во претходните активни рокови, информира Министерството за образование и наука.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар – Стража – Кичево
Забраната за сообраќај на тешки товарни возила на патниот правец Гостивар – Стража – Кичево се укинува од 14.30 часот, соопшти ЈП „Македонијапат“. Забраната беше воведена денеска од 9.40 часот во двата правца на патот поради врнежи од снег.
Забрана за сообрачај на камиони и автобуси од 9.20 часот е воведена за камиони и автобуси на патниот правец крак Шипковица – Попова Шапка и од 5.45 часот за тешки товарни возила на патниот правец крак Маврово – Дебар.
Како што информира ЈП „Македонијапат“, врнежи од снег има во Крушево, на Попова Шапка и во Маврово и на планинските превои Стража, Пресека, Буково и Ѓавато.

