Македонија
Левица: Уставниот суд стана жртва на етнички уцени
Левица – како подносител на Иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Законот за употреба на јазиците – најавениот бојкот од уставните судии Осман Кадриу и Насер Ајдари го оценува како скандалозен и неприфатлив.
Од партијата велат дека политичкиот бојкот не е ништо помалку од обид за насилно одржување на неуставната двојазичност, иако Европската унија и Венецијанската комисија веќе ја оценија како спротивна на владеењето на правото.
„Оваа ситуација ја разоткрива и суштинската слабост на Бадентеровиот принцип, кој се претвори исклучиво во алатка за етнички диктат и блокирање на институциите. Наместо правна стабилност, добиваме парализирани институции подложни на политички и етнички манипулации.
Дополнително, овој случај ја потврдува итната потреба од дефинирање на критериумите за избор на уставни судии наспроти флоскулата ‘истакнат правник’. Моменталната практика на произволен избор, заснована исклучиво на партиски, етнички и субјективни критериуми, доведе и до ситуација каде судии отворено одбиваат да одлучуваат по прашања што ги сметаат за „етнички чувствителни“. Пратениците од Левица во минатиот мандат поднесоа предлог-закон во оваа насока, со цел прецизно дефинирање на поимот ‘истакнат правник’, но тој не доби поддршка. Одлучни сме повторно да го предложиме, бидејќи без вакви реформи, Уставниот суд ќе продолжи да биде инструмент на етнички и политички интереси, а не на правдата.
Го повикуваме претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадинов, да ги преиспита процедурите, да го смени заклучокот за одлучување во полн состав за т.н. Закон за двојазичност и да обезбеди функционалност на Судот. Судот мора да одлучува врз основа на правото, а не под притисок на етнички и политички уцени. Доколку не се обезбеди функционалност, ќе стане јасно дека Уставниот суд не е заштитник на Уставот, туку заложник на етничките калкулации и политичкиот терор.
Уставниот суд треба да биде бастион на правото и владеењето на законите – а не арена за политички и етнички бојкоти и манипулации“, се вели во соопштението на Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
По 8.000 денари за секое бебе во општина Аеродром
Секое семејство со живеалиште во Општина Аеродром кое во текот на 2026 година добило новороденче или посвоило дете до една година, ќе добие еднократна парична помош во износ од 8.000 денари.
-Оваа мерка е наменета како практична поддршка за семејствата, особено во првите месеци од грижата за детето. Општина Аеродром останува посветена на семејствата и на децата, со љубов и внимание кон најмалите, создавајќи средина каде што тие можат да растат среќни, сигурни и поддржани, соопшти Општина Аеродром.
Македонија
Нека е со среќа, нека е аирлија, порача Мицкоски на пуштањето во употреба на реконструираната гимназија „Кирил Пејчиновиќ“
Во Тетово денеска беше пуштена во употреба реконструираната гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ .
На настанот присуствуваше премиерот Христијан Мицкоски кој изрази задоволство што за само неколку месеци со, како што рече, силна и посветена работа, е завршена реконструкцијата на гимназијата.

– Тоа што тогаш можеби делуваше невозможно, денеска е возможно, реално. Сакам да се заблагодарам на градоначалникот, на советниците од Општина Тетово коишто го поддржаа овој проект, да се заблагодарам на Министерството за образование, на сите оние коишто се добронамерници за Тетово и тетовци и што изминатиов период се дел, би рекол, од многуте проекти коишто се реализираат во Општина Тетово, изјави Мицкоски.
На учениците и на наставниците од училиштето тој им посака успеси во работата односно во учењето и, рече, „уште многу успешни тетовчани да произлезат од клупите на ова училиште“.

– Нека е со среќа, нека е аирлија и да ни се множат уште многу вакви успешни проекти, додаде премиерот.
Македонија
Во Кочани ќе се гради патека на бесконечност за загинатите во Пулс
Советот на Општина Кочани на вчерашната 9. седница едногласно ја поддржа иницијативата за изградба на спомен-обележјето „Патека на бесконечноста за 63 ангели“ посветено на 63 жртви во пожарот во дискотеката „Пулс“.
Предлогот беше усвоен со 19 гласа „за“ и плод на иницијатива на Здружението „16 март 2025 Кочани“.
Според усвоениот план, спомен-обележјето „Патека на бесконечноста за 63 ангели“ ќе биде изградено во Стариот парк, во централното градско подрачје, на локацијата меѓу улиците „Браќа Ставреви“ и „Кеј на Револуцијата“.
Со оваа одлука на Советот на Општината, градоначалникот Влатко Грозданов се овластува по брза постапка да формира работно тело, со цел проектот да биде завршен до 16 март годината кога ќе се наврши една година од трагедијата во дикостеката „Пулс“ во Кочани.

