Македонија
(Видео) Младеновска: Владата треба да обезбеди поголема минимална плата
Кога се платите на работниците во прашање Христијан Мицкоски се прави како да не е од тука, само за да не преземе одговорност затоа што нема поголеми плати. Каков е тој став на премиер кој вели минималната плата друг да ја договори? Вакво бегање од одговорност досега е невидено, изјави на прес-конференција, членката на Извршниот одбор на СДСМ, Рената Младеновска.
„Кога е за платите во Влада, Мицкоски не остава на друг да се договори ама, кога е за платите на работниците има поинаков аршин. Сите Влади на СДСМ досега биле на страната на работниците и ги покачувале платите секоја година. Така минималната плата во 2016 година беше едвај 9.000 денари а денеска благодарение на СДСМ е 22.000 денари. СДСМ и како опозиција бара покачување на минимална плата на работниците на 27.700 денари и веќе наредната година да биде 30.000 денари, затоа што работниците тоа го заслужуваат.
Затоа токму СДСМ поднесе предлог Закон за изменување на минимална плата, со цел да се подобри животниот стандард на граѓаните. Значи Владата на Мицкоски бидејќи не сака ништо да направи, нека побара од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за Законот. Само едно стискање на копче на пратениците и ете поголема минимална плата за работниците. Но проблем е што Мицкоски не сака и не се грижи за работниците туку ги третира како евтина работна сила.
Со ваков арогантен однос на Мицкоски неговата Влада работниците ќе осиромашуваат и понатаму“, рече Младеновска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нека е со среќа, нека е аирлија, порача Мицкоски на пуштањето во употреба на реконструираната гимназија „Кирил Пејчиновиќ“
Во Тетово денеска беше пуштена во употреба реконструираната гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ .
На настанот присуствуваше премиерот Христијан Мицкоски кој изрази задоволство што за само неколку месеци со, како што рече, силна и посветена работа, е завршена реконструкцијата на гимназијата.

– Тоа што тогаш можеби делуваше невозможно, денеска е возможно, реално. Сакам да се заблагодарам на градоначалникот, на советниците од Општина Тетово коишто го поддржаа овој проект, да се заблагодарам на Министерството за образование, на сите оние коишто се добронамерници за Тетово и тетовци и што изминатиов период се дел, би рекол, од многуте проекти коишто се реализираат во Општина Тетово, изјави Мицкоски.
На учениците и на наставниците од училиштето тој им посака успеси во работата односно во учењето и, рече, „уште многу успешни тетовчани да произлезат од клупите на ова училиште“.

– Нека е со среќа, нека е аирлија и да ни се множат уште многу вакви успешни проекти, додаде премиерот.
Македонија
Во Кочани ќе се гради патека на бесконечност за загинатите во Пулс
Советот на Општина Кочани на вчерашната 9. седница едногласно ја поддржа иницијативата за изградба на спомен-обележјето „Патека на бесконечноста за 63 ангели“ посветено на 63 жртви во пожарот во дискотеката „Пулс“.
Предлогот беше усвоен со 19 гласа „за“ и плод на иницијатива на Здружението „16 март 2025 Кочани“.
Според усвоениот план, спомен-обележјето „Патека на бесконечноста за 63 ангели“ ќе биде изградено во Стариот парк, во централното градско подрачје, на локацијата меѓу улиците „Браќа Ставреви“ и „Кеј на Револуцијата“.
Со оваа одлука на Советот на Општината, градоначалникот Влатко Грозданов се овластува по брза постапка да формира работно тело, со цел проектот да биде завршен до 16 март годината кога ќе се наврши една година од трагедијата во дикостеката „Пулс“ во Кочани.
Македонија
АВМУ реагира по пресудата за новинарката Лиридона Вејсели, загрозена е слободата на изразување
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) изрази сериозна загриженост поради првостепената судска пресуда од 12 јануари годинава против новинарката Лиридона Вејсели Тафили, оценувајќи дека ваквата одлука испраќа негативна порака за слободата на изразување и медиумските слободи.
Од Агенцијата посочуваат дека кривичното гонење на новинари за објавување податоци за носители на јавни функции, во контекст на нивната професионална работа, создава притисок врз медиумите и директно го ограничува правото на јавноста да биде информирана. Според АВМУ, сите релевантни чинители треба активно да придонесат кон обезбедување услови за непречено остварување на слободата на изразување и информирање, како и за заштита на новинарите и медиумските слободи.
Реакцијата на АВМУ следува откако новинарката и дигитална креаторка од Тетово, Лиридона Вејсели Тафили, беше осудена во Основниот суд во Гостивар на парична казна од 700 евра, односно 43.000 денари, за кривично дело „злоупотреба на лични податоци“. Пресудата се однесува на новинарски прилог објавен на социјалната мрежа ТикТок, во кој таа го навела името и презимето на судија од Основниот суд во Тетово.
„Осудена сум од Основниот суд во Гостивар со 700 евра казна за изнесување лични податоци, затоа што при известувањето за една тема што ја обработував го спомнав името на судијата Назиф Илјази од Основниот суд во Тетово. Станува збор за случај во кој возрасно лице уценувало малолетник, му испраќало порнографски материјали и му се заканувало, а судијата му изрече казна од три месеци ефективен затвор“, изјави Вејсели Тафили за случајот за кој е осудена.
Во конкретниот предмет, Основниот суд во Гостивар, односно судијката Магдалена Мишоска, постапувала по предлог за издавање казнен налог поднесен од Основното јавно обвинителство Тетово, за кривично дело „злоупотреба на лични податоци“ по член 149 став 1 од Кривичниот законик.
Во образложението на пресудата се наведува дека на 28 октомври 2024 година, околу 9 часот во Тетово, обвинетата без согласност на оштетениот Назиф Илјази, судија во Основниот суд Тетово, користела негови лични податоци спротивно на законските услови. Според судот, Вејсели Тафили на социјалните мрежи Инстаграм и ТикТок објавила видеа во кои го навела неговото име и презиме, со што му нанела штета на честа и угледот, како и на професионалната дејност што ја врши повеќе од 37 години.
Случајот предизвика реакции во јавноста и во новинарската фела, при што се отвори дебата за границата меѓу заштитата на личните податоци и правото на јавноста да биде информирана за работата на носителите на јавни функции, особено кога станува збор за прашања од висок јавен интерес.

