Економија
Извршени контроли за регистрирање на готовински плаќања во ноември

Управата за јавни приходи, во периодот од 01 до 30 ноември 2024 година, спроведе вкупно 907 контроли согласно Законот за регистрирање на готовински плаќања (ЗРГП).
Од вкупно извршените контроли, кај 750 даночни обврзници не се утврдени неправилности, што покажува дека голем број даночни обврзници работеле во рамки на законските прописи.
Сепак, кај 126 даночни обврзници УЈП утврди неправилности, кои се однесуваат на различни прекршоци и издаде прекршочни платни налози, како и решенија за привремена забрана за вршење на дејност на дел од нив и тоа:
93 глоби за неиздавање фискални сметки за извршен промет на добра и услуги;
10 глоби за неводење или непоседување на книга за дневни финансиски извештаи;
16 глоби за непоседување на резервен фискален систем на опрема;
4 глоби за непоседување на одобрен фискален систем на опрема;
2 глоби за неиздавање парагон блокови;
1 глоба за неприкажување промет од македонски производи.
Во овие случаи, целта на УЈП не е само санкција, туку укажување и поддршка во правилната примена на законот и даночно усогласување на обврзниците.
Дополнително, во рамките на активностите во контролираниот период беа констатирани 3 случаи на нерегистрирана дејност. За три даночни обврзници дадена е препорака во однос на неможноста за скенирање на фискални сметки од страна на купувачите со цел подобрување на нивното работење.
Управата апелира до сите даночни обврзници да ги почитуваат законските обврски да го регистрираат готовинското плаќање, да издаваат фискални сметки.
Даночните обврзници кои имаат потреба од помош во процесот на усогласување со законските обврски, може да се обратат директно во Управата за јавни приходи, каде ќе добијат поддршка и стручни совети за правилно спроведување на сите потребни процедури.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Министерката Димитриеска-Кочоска ќе учествува на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севиља

Министерката за финансии Гордана Димитриеска- Кочоска заедно со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од денеска ќе престојува во работна посета на Кралството Шпанија.
Министерката Димитриеска-Кочоска ќе се обрати на Тркалезна маса „Leveraging private business and finance“ во рамки на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот (FfD4), којашто под покровителство на Организацијата на Обединетите нации ќе се одржи во Севиља.
На Конференцијата, на којашто е најавено учество на педесетина шефови на држави и влади, министри, претставници на меѓународните организации, на бизнис заедниците и граѓанското општество, треба да биде усвоен „Договорот од Севиља“.
Целта на лидерскиот собир е изнаоѓање на решенија за справувањето со финансиските предизвици во исполнувањето на Целите за одржливиот развој и Агендата 2030, реформирање на меѓународната финансиска архитектура и поттикнување на инвестиции од страна на приватниот сектор.
Во рамки на посетата, предвидено е претседателката Сиљановска-Давкова да одржи билатерална средба со премиерот на Шпанија, Педро Санчез, а на средбата ќе присуствува и министерката Димитриеска -Кочоска.
Економија
Гувернерот Славески се сретна со претседателот на Федералните резерви на САД: истакната важноста на зачувувањето на независноста на централните банки

Во рамките на 95-тото генерално собрание на Банката за меѓународни порамнувања (БИС) во Базел, Швајцарија, гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, се сретна со претседателот на Федералните резерви на САД (ФЕД), Џером Пауел.
На средбата беше истакната важноста на зачувувањето на независноста на централните банки како основа за ефикасна монетарна политика, насочена кон ценовната и финансиската стабилност. Се разменија мислења за светските предизвици и за потребата од соработка помеѓу централните банки, соопшти Народната банка.
Гувернерот Славески ја нагласи важноста на постојаната комуникација со водечките монетарни институции и на размената на искуства како значаен придонес за стабилен и отпорен финансиски систем.
Економија
Манасиевски: Македонија ќе стане транзитен центар за гас и нето извозник на струја

„Од држава што увезуваше струја и беше енергетски слепо црево, сега стануваме транзитен центар за гас и иднина на извоз на енергија – ова е енергетиката со ВМРО-ДПМНЕ,“ порача денеска Валентин Манасиевски.
Манасиевски го презентираше прегледот на првата година работа на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во секторот енергетика, потенцирајќи дека е направен радикален пресврт по, како што рече, „седум години застој и злоупотреби“.
Тој најави дека преку новите гасни интерконектори со Грција и Србија, Македонија ќе стане клучна транзитна точка за пренос на природен гас кон Србија и Средна Европа. Станува збор за гас од ТАП гасоводот и од терминалот во Александропулис, кој ќе поминува низ земјава со капацитет до 3 милијарди нормални метри кубни годишно.
„Ова значи гаранција за енергетска диверзификација на целиот регион и значително зголемување на употребата на неруски гас – американски, азербејџански и друг“, изјави Манасиевски.
„Само за една година поставивме темели за Македонија од нето увозник да стане нето извозник на електрична енергија. Следуваат големи проекти за производство на струја – фотоволтаици, хидро, ветро и нови инвестиции,“ рече Манасиевски.
Тој посочи дека новиот Закон за енергетика го поставува секторот на стабилни нозе, а новиот услов за батериски системи кај фотоволтаичните централи ќе овозможи поефикасна и стабилна мрежа.
Дополнително, тој информираше дека е инсталиран нов 400kV трансформатор во Битола 2, со што се гарантира стабилноста на југозападниот дел од државата. Концесискиот надомест за рудниците, пак, е зголемен два и пол пати, што директно го полни буџетот на државата.
„Одговорна власт значи повеќе пари за државата, не за партиски џебови“, истакна Манасиевски.