Европа
Советникот на украинскиот претседател: Трамп и Зеленски ќе се договорат, ја создаваме Украина 2.0
„Приказната што треба да ја раскажете е за Украина 2.0“, вели Олександр Камишин, новиот стратешки советник на украинскиот претседател Зеленски, додека тој крева чаша за време на вечерата со ветераните и војниците. „Конечно, работите си доаѓаат на свое место“, додава тој во интервју за „Телеграф“.
Тој ја опишува својата работа како пожарникар. Секојдневно се среќава со претседателот Зеленски, кој го упатува да решава разни кризни прашања – од здравство и инфраструктура до производство на енергија и муниција. Со толку широк поглед на клучните сектори Камишин нуди визија за Украина по примирјето: земја што би можела да стане клучен дел од Европа со луѓе што се издржливи, технолошки напредни, вешти во развојот на дронови и одржување на железницата.
„Украина 2.0 носи лекции за одбранбената индустрија, здравството, службите за итни случаи и железничкиот систем“, вели Камишин. „Тоа не е сликата по која сакавме да бидеме познати, но научивме вредни лекции. Подготвени сме да го споделиме тоа знаење со светот“.
40-годишниот Камишин стана препознатливо лице за време на војната. Роден и израснат во Киев тој ја почна својата кариера во приватниот сектор работејќи во КПМГ и како менаџер за инвестиции пред да биде назначен за вршител на должноста директор на украинските железници во 2021 година.
По почетокот на инвазијата во 2022 година, „Укрзализница“ го доби прекарот Железна железница станувајќи извор на национална гордост и клучен елемент на логистиката. На безбедно превезувала бегалци и ранети, а во спротивна насока испраќала помош и опрема на фронтот. Во најкритичните моменти тие превезуваа по 190.000 луѓе дневно бесплатно, со воено организирана структура.
Во февруари 2023 година Камишин беше промовиран на позицијата министер за стратешки индустрии, со клучна задача да го зголеми домашното производство на муниција. Под негово водство Украина значително го зголеми производството на оружје и разви сопствен ракетен систем со долг дострел „Паљаница“, кој сега е во масовно производство.
„Тоа е вистински украински производ“, вели Камишин. „Еден ден тоа ќе им треба на Австралија, Велика Британија и на Јапонија. Затоа што, верувајте ми, Кина ќе тргне по Тајван, а Северна Кореја по Јужна Кореја. Наивно мислев дека Русите ќе се откажат. Сега знаеме подобро“.
На вечерата се собраа луѓе со слично убедување – енергични и иновативни, подготвени да ѝ помогнат на Европа да ги реши проблемите. Меѓу нив беше и Олександар Пертовски, новиот шеф на украинските железници, кој како и Камишин дојде од приватниот сектор, каде што работеше за ДХЛ во Сингапур. „Кога ќе завршиме со војната, ќе ви ги решиме проблемите со снегот на шините и лисјата на шините“, се пошегува тој.
Највпечатлива фигура на вечерта беше Серхиј Волински, 32-годишен војник и воен херој, чиј пиштол вметнат во појасот е единствениот знак на неговата професија. За време на опсадата на Мариупол во 2022 година тој водел 500 војници од челичарницата „Илич“ кон „Азовстал“, каде што дале очајнички отпор пред да се предадат. По четири месеци во заробеништво, тој беше разменет и прогласен за херој на Украина, што е највисока државна награда.
„Во Велика Британија немаат никој кој му е рамен“, вели Камишин. „Тој е воен талент, кој може да тренира војници во целиот свет“.
„Сите очекуваат дека САД ќе ја намалат нашата поддршка“, вели Камишин. „Но, Трамп сака договори. Мојот претседател исто така сака договори. Ќе најдат заеднички јазик“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Макрон: Руските напади врз цивили се неприфатливи, испраќаме помош во Украина
Францускиот претседател Емануел Макрон вчера ги осуди руските напади врз цивилите и енергетската инфраструктура и најави испраќање генератори во Украина.
„Вчерашниот напад врз патнички воз во регионот Харков е неприфатлив. Франција остро ги осудува руските напади врз цивилите и енергетската инфраструктура. Соочени со итноста, се мобилизираме. По состанокот на Г7+, на кој копретседател е Франција, во Украина ќе бидат испратени генератори за да му се помогне на населението да ја преброди зимата“, рече Макрон на платформата за социјални медиуми Икс.
Неговата изјава следеше по телефонскиот разговор со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
J’ai échangé à l’instant avec le Président @ZelenskyyUa.
L’attaque d’hier contre un train de passagers dans la région de Kharkiv est inacceptable.
La France condamne avec la plus grande fermeté les frappes russes contre les civils et contre les infrastructures énergétiques.…
— Emmanuel Macron (@EmmanuelMacron) January 28, 2026
„Ставот на Франција е јасен: ние ќе ја поддржиме Украина колку што е потребно за да се одбрани и да ја победи агресијата предводена од Русија. Украина може да смета и на Франција во рамките на Коалицијата на волните. Ние продолжуваме да работиме на создавање услови за праведен и траен мир што ја гарантира безбедноста на Украина и Европа“, рече Макрон.
Тој додаде дека европските лидери се согласиле целосно да бидат вклучени во дискусиите што ги засегаат во контекст на тековните мировни преговори.
„Франција останува решена да го зголеми притисокот врз Русија сè додека таа избегнува мир. Работиме на нови санкции на европско ниво и ќе продолжиме со нашите напори за нарушување на флотата во сенка“, додаде Макрон.
Европа
Мерц: Влезот на Украина во ЕУ во 2027 година не доаѓа предвид, тоа не е можно
Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека пристапувањето на Украина во Европската Унија во блиска иднина не е можно.
„Пристапувањето на 1 јануари 2027 година не доаѓа предвид. Тоа не е можно“, рече Мерц по разговорите со коалициските партнери во Берлин.
Секоја земја што сака да се приклучи на ЕУ прво мора да ги исполни Копенхашките критериуми, процес што обично трае неколку години, истакна канцеларот.
Сепак, тој нагласи дека на Украина ѝ е потребна перспектива што ќе го отвори патот за пристапување на долг рок.
„Можеме постепено да ја доближиме Украина до Европската Унија за време на овој процес“.
„Тоа е секогаш можно, но толку брзо пристапување едноставно не е изводливо“, додаде Мерц.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го повтори барањето на неговата земја за членство во ЕУ уште во 2027 година.
„Пристапувањето на Украина во Европската Унија е една од клучните безбедносни гаранции не само за нас, туку и за цела Европа“, напиша тој на платформата Икс по телефонскиот разговор со австрискиот канцелар Кристијан Штокер.
„Колективната сила на Европа е можна, особено благодарение на безбедносниот, технолошкиот и економскиот придонес на Украина“, истакна Зеленски.
Европа
(Видео) Изгоре луксузен хотел на француските Алпи
Десетици луѓе беа евакуирани откако синоќа пожар го зафати хотелот со пет ѕвездички во скијачкиот центар Куршевел на француските Алпи.
Никој не е повреден во пожарот што избувна на таванот на хотелот „Hotel des Grandes Alpes“ околу 19 часот, соопшти префектурата на регионот Савоја на својата веб-страница.
🔥 Courchevel : incendie en cours dans un hôtel de luxe
▶️ Le feu serait parti des combles. 261 personnes ont dû être évacuées, aucune n’a été blessée
🚒 Les pompiers, toujours sur place, font face à un risque important de propagation pic.twitter.com/BoeIJcDjnQ
— LCI (@LCI) January 28, 2026
Службениците соопштија дека повеќе од 90 лица биле евакуирани од хотелот синоќа, додека блискиот хотел „Le Lana“, кој има речиси 200 гости, исто така бил евакуиран утрово поради ризик бидејќи пожарот продолжувал. Персоналот и гостите се засолниле во други хотели.
131 пожарникар беа распоредени на местото на настанот. Безбедносните мерки во регионот се под лупа откако пожар во бар во швајцарското одморалиште Кран-Монтана на новогодишната ноќ уби 40 лица, а повреди повеќе од 100, од кои многумина тинејџери.

