Македонија
Тренчевска: ДПМНЕ не прифати ниеден амандман на СДСМ за буџетот, ова досега се нема случено
Власта на ДПМНЕ води политика на инает и не прифаќа ниту еден предлог на опозицијата за подобрување на животот на граѓаните, за поголеми плати, за почист воздух, за проекти низ општините. Ниту еден амандман на СДСМ во собраниската комисија ДПМНЕ не прифати, што досега се нема никогаш случено во историјата на македонското Собрание. Одбиени се амандманите за поголема плата за работниците. Одбиен се амандманите за покачување на платите на полицајците за 20%. Одбиен е амандманот за зголемување на платите на пожарникарите. Одбиен е амандманот за поголеми платите во образованието. Се што е предлог за покачување на плати го одбива. Мнозинството го враќа моделот во кој работниците ќе бидат само евтина работна сила, изјави Јована Тренчевска, пратеничка на СДСМ.
– Според податоците од Државниот завод за статистика, животниот стандард на граѓаните се влошува, сиромаштијата расте. Четиричлено семејство има потреба од 62.021 денари месечно за основни трошоци. Сето ова се индикатори дека народот има се помалку пари во џебовите. Работниците, полицајци, наставниците, пожарникарите, заслужуваат почит, достоинство и фер плати. Од друга страна додека ДПМНЕ одбива амандмани за поголеми плати во исто време ги зголемува парите во буџетот за мебел и луксузни возила за функционерите. За нови возила ќе се потрошат 7,5 милиони евра, за нов мебел 1,5 милиони евра, за договорни услуги 80 милиони евра. За службени возила и луксуз за дури 75% од парите се зголемени. Тоа се приоритетите на новата власт.
Во исто време, владејачкото мнозинство ги одбива и амандманите за еколошки проекти во општините, за набавка на автобуси, за реконструкции на улици. Буквално се одбива секој предлог на опозиција за проекти кои се важни за граѓаните. Само неколку примери: Одбиен е амандманот за пречистителна станица во Валандово и колекторскиот систем во Дојран, одбиени се амандманите за набавка на еколошки автобуси, за улицата Ленинова, за намалување на загадувањето, за локални патишта до Демир Хисар, за клучката кај Брвеница. Пред нас е пленарната седница и апелираме власта да се вразуми, да го прекине овој политички инает и да ги прифати амандманите кои се во интерес на сите наши граѓани. Пратениците на ДПМНЕ треба партиските директиви да ги заменат со ставање на интересот на граѓаните на прво место, да покажат интегритет и да делуваат за граѓаните а не за партијата – нагласи Тренчевска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во домот на судија од Апелација пронајдени соѕидани 350.000 евра
Во рамките на опсежна истрага на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција иницирана откако на 14 декември беше осомничен адвокат поради сомненија за кривично дело – Примање награда за противзаконито влијание, во континуитет интензивно се преземаат дејствија што резултираа со проширување на постапката и кон судија, осомничен за Противправно стекнување и прикривање имот за кој постојат сомненија дека е прибавен меѓу другото со дејствија на корупција и трговија со влијание. Според информациите, се работи за судијата Ѓоко Ристов од Апелацискиот суд во Скопје.
„Врз основа на наредба што јавниот обвинител ја побара и обезбеди од надлежниот суд денеска беше извршен детален претрес на локација во Неготино, во домот на родителите на сега осомничениот судија, каде соѕидани во простор во ѕидот до овој момент се пронајдени 350.000 евра за кои постои сомнение дека биле незаконски стекнати и прикриени. Претресите и другите истражни дејствија продолжуваат, а јавноста ќе биде известена за натамошниот тек на постапката“, велат од Обвинителството.
Станува збор за една од најопсежните истраги поради сомненија за висока корупција во нашата држава до сега, која е поткрепена со информации и известувања од Агенцијата за национална безбедност.
Од Обвинителството додаваат дека дејствијата координирани од јавниот обвинител ги преземаат припадници на Одделот за борба против организиран криминал при Министерството за внатрешни работи и Управата за финансиска полиција, чија посветеност и професионален интегритет придонесе за успешно разоткривање и обезбедување докази за еден од најсериозните и најсложените облици на криминал.
Македонија
Мицкоски: Безбеден град веќе спасува животи, прекршоците намалени од 100.000 дневно на 3.000
Системот „Безбеден град“, кој официјално треба да профункционира од 1 февруари, веќе дава резултати во тест-периодот, изјави премиерот Христијан Мицкоски. Бројот на сообраќајни прекршоци и незгоди е значително намален, а со тоа и бројот на повредени и загинати лица во сообраќајот.
„Во јануари имаме уште поохрабрувачки бројки од декември – тоа значи повеќе спасени животи, помалку сообраќајни незгоди, и побезбеден сообраќај“, рече Мицкоски.
Додека во првите денови биле регистрирани и повеќе од 100.000 прекршоци дневно, сега таа бројка е сведена на 2.000 до 3.000.
Мицкоски одговори и на прашањето за заштитата на личните податоци на граѓаните во рамки на проектот. Тој најави дека ќе бидат потребни дополнителни усогласувања и протоколи, особено во првите три до шест месеци од имплементацијата.
„Никој не бил перфектен при стартот на овој проект. Сосема логично е да се вршат прилагодувања во текот на првите месеци. Но, најважно е што веќе се гледаат резултати“, рече премиерот.
Македонија
Уставниот суд веќе ја потврди законитоста на одлуките за вонредната состојба, му одговори Пендаровски на премиерот Мицкоски
Поранешниот претседател Стево Пендаровски му возврати на премиерот Христијан Мицкоски поради неговата изјава дека има основани сомнежи за уставноста и законитоста на одлуките за вонредна состојба што беа донесени во времето на пандемијата.
„Навистина мислев да не му давам значење на господинот Мицкоски, затоа што ја разбирам неговата потреба катастрофалните резултати од своето досегашно владеење да ги покрива со коментари за работи кои не ги разбира“, наведува Пендаровски во писмена реакција, додавајќи дека „за жал, на експертот за енергетика претходно не му ги објасниле неговите големи правници“.
Тој потсетува дека Уставниот суд уште пред повеќе од пет години потврдил дека одлуките за вонредната состојба се во склад со Уставот и законите.
„Уредбите со законска сила ги носеше и ги имплементираше Владата. Дали таму имало злоупотреби, тоа државните институции, кои сега се под тотална контрола на Мицкоски, можат да го проверат кога сакаат, ако сакаат“, додава поранешниот претседател.
Тој истакна и дека сите одлуки за прогласување на вонредна состојба биле доставени до Собранието веднаш по завршувањето на секоја вонредна состојба.
„Мене ми е јасно дека и ова образложение нема да го спречи Мицковски да продолжи неосновано да обвинува и клевети, затоа што тоа е, за жал, единствениот начин на кој е научен да владее“, заклучува Пендаровски.
Изјавата на Пендаровски следи по денешниот коментар на премиерот Мицкоски, кој го повика Обвинителството да постапи по допрен глас поради наводите на хирургот Жан Митрев дека во времето на вонредната состојба, тогашната власт, предводена од СДСМ, односно премиерот Зоран Заев и тогашниот министер Венко Филипче сакале да ја преземат неговата приватна клиника. Мицкоски во таа пригода посочи дека „се случувале мафијашки упади“ и дека некои од уредбите што биле носени сè уште не се разгледани од страна на Собранието, со што, според него, има сомнежи и за одговорност на поранешниот претседател Пендаровски.

