Македонија
Тошковски: Од неопходна важност е градењето и воспоставувањето систем за контрола на легалните и нелегалните текови на оружјето
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска се обрати на 12. регионален координативен состанок за имплементација на патоказот за контрола на мало и лесно оружје во Западен Балкан.
Министерот Тошковски изрази уверување дека овие состаноци регионално ниво поттикнуваат не само продлабочување на регионалната соработка во развојот на вештини и координацијата во борбата против недозволена трговија и нелегално поседување огнено оружје туку и посилна соработка со Европската Унија, нејзините земји членки, агенциите на Европската Унија, како и со клучните меѓународни актери активни во областа на контрола на мало и лесно оружје.
„Општо познато е дека достапноста и незаконската употреба на оружјето ја поткопуваат правдата, ја зголемуваат стапката на криминалот и ризиците од насилство и влијаат на стабилноста на нашите земји. Од неопходна важност во оваа насока е градењето и воспоставувањето систем за контрола на легалните и нелегалните текови на оружјето преку утврдување процедури и механизми. Токму оваа цел ја имаше претходниот патоказ, чие спроведување покажа дека, и покрај остварениот напредок и вложени напори, останува уште значителен дел од работата, кој треба да се заврши со цел надлежните национални тела да ги достигнат највисоките стандарди и да се обезбеди ефикасна контрола на огненото оружје.“, потенцира министерот Тошковски.
Тошковски нагласи дека предизвикот на една од нашите земји е предизвик на сите нас и затоа овој патоказ е регионален, со утврдени недостатоци и цели за нивно надминување, идентификувани добри пракси и модуси за нивно постигнување, воведени стандарди и препораки за нивно исполнување.
„Од овој аспект како навистина успешен се покажа холистичкиот пристап што го воведе SEESAC во контролата на малото и лесно оружје. Неговата успешност се огледува и во фактот што пред неполни два месеца, ние – министрите за внатрешни работи од Западен Балкан – го усвоивме новиот патоказ за одржливо решение за недозволено поседување, злоупотреба и трговија со мало и лесно оружје и муниција 2025 – 2030. Но, ефектот од досегашното спроведување на патоказот под координација на (СЕЕСАК) се должи во голема мера и на одржувањето и ефектуирањето на соработка и партнерства со сите постојни меѓународни и европски фактори активни во оваа област.“, нагласи министерот Тошовски.
Тошковски на крајот изрази уверување дека она што ќе следува во петте следни години на негово спроведување не смее да биде ништо помалку од работа и посветеност на процесот имајќи предвид дека тоа во голема мера ќе ги олеснува и насочува тековните напори за исполнување на клучните безбедносни стандарди за членство во Европската Унија.
Министерот Тошковски на маргините на регионалниот координативен состанок оствари и билатерална средба со Бојана Балон, раководител на (СЕЕСАК) – Агенцијата за контрола на мало и лесно оружје на Југоисточна Европа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забранет сообраќајот на регионалниот пат Гостивар – село Чегране поради излевање на реката Вардар и обилниот дожд
Во 20.40 часот е воведена забрана за сообраќај на регионалниот пат Р2-233 Гостивар – село Чегране поточно во село Форино, поради излевање на реката Вардар и обилни врнежи од дожд, извести АМСМ.
Сообраќајот се пренасочува од село Чајле кон село Старо Чајле према село Форино.
Воведена е забрана за сообраќај и на локалниот пат од „Тумчевишка Петла“ кон село Тумчевиште и село Чегране, додаваат од АМСМ.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.

