Македонија
Намалена видливост поради магла на планиските премини Ѓавато и Страцин
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено во зимски услови, по наместа влажни коловози. Намалена видливост до 50 метри поради појава на магла има на планиските премини Ѓавато и Страцин.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гази Баба не го ангажирала Влатко Ристовски за адвокат, рагираат од Општината на истражувањето на Центарот за граѓански комуникации
Од Општина Гази Баба со реакција на истражувањето на Центраот за граѓански комуникации, каде што е истакнато дека од општините, Град Скопје и Гази Баба предничат во исплатените суми за адвокати.
Во реакцијата нагласуваат дека отчетноста и транспарентноста се и остануваат приоритет во работењето на Општината.
Потенцираат дека Општина Гази Баба како единица на локалната самоуправа нема склучено договор за професионално ангажирање на адвокатот Влатко Ристовски и кон него нема исплатени финансиски средства за извршени адвокатски услуги.
„На 7.8.2023 година од страна на адвокатската канцеларија ‘Адвокат Влатко Ристовски’ до Општина Гази Баба, под архивски број 08-6145/1, е доставен предмет: Барање за исплата на побарување во вкупен износ од 6.152.377 денари.
Ова барање произлегува врз основа на правосилна/извршна пресуда ПЛ1-ТС45/17 од 24.4.2017 година на Основниот суд Скопје 2, со која Општина Гази Баба е задолжена да му плати на Друштвото за градежништво, промет, транспорт и услуги ‘Адонис’ ДООЕЛ Скопје.
Финансиските средства ѝ се исплатени на адвокатската канцеларија врз основа на склучен договор за отстапување побарување, кој е склучен на 16.2.2022 година, во кој Друштвото за градежништво, промет, транспорт и услуги ‘Адонис’ ДООЕЛ Скопје како отстапувач го пренесува целокупното побарување што го има кон Општина Гази Баба на адвокатот Влатко Ристовски од Скопје како примач.
Општина Гази Баба во изминатиот период има ангажирано адвокат како правен застапник пред надлежните институции со цел да ги брани и застапува интересите на Општината за предмети што се однесуваат за постапување на Општината пред октомври 2021 година.
Општина Гази Баба за професионалното ангажирање адвокат има исплатено средства во согласност со тарифникот за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите во Република Македонија“, стои во пишаниот допис.
Македонија
(Видео) Цените растат – кошничките на власта се лага што граѓаните ја препознаваат, вели Ристова
Цените на производите во продавниците и понатаму растат, граѓаните живеат сè потешко и потешко, народот станува сè посиромашен.
Тоа го потврдуваат и официјалните податоци. Државниот завод за статистика објави дека инфлацијата во ноември оваа година достигна 4,3 %, истакна на прес-конференција Лолита Ристова, членка на Извршниот одбор на СДСМ.
Оваа бројка, оценува таа, не е само статистика, туку покажува колкав е ударот врз џебот на секој наш граѓанин, врз секој семеен буџет.
Владата, како што вели, води целосно погрешна економска политика, мерките со таканаречените кошнички немаат никаков ефект, напротив, цените растат, инфлацијата ги јаде платите, а стандардот на граѓаните опаѓа.
„Во спредба на октомври 2023 година и октомври 2024 година трошоците за живот се зголемиле 3,5 проценти, а цените на мало се зголемиле 3,9 проценти за овој период. Ова е потврда дека есенската кошничка не даде никаков, буквално никаков резултат. На едно четиричлено семејство му требаат 62.021 денар за да може да го помине месецот. Новогодишната кошничка, која сега повторно се најавува, исто така нема да има никаков ефект затоа што власта им остави време на трговците, кои веќе ги зголемија цените. Кошничките се лага и измама, Владата го храни народот со лаги, цените само растат, а платите стојат. Животот во Македонија со власта на ДПМНЕ станува луксуз за обичниот човек“, додава Ристова.
СДСМ, како што напомена, уште еднаш бара итно прифаќање на предлозите што ги даде СДСМ, кои докажано функционираат и ќе ги намалат цените вистински и на долг рок. Првин со укинување на ДДВ за храната, а потоа и со покачување на платите.
„Доста е од лаги и манипулации, кои граѓаните сами ги препознаваат во маркетите. Секоја лоша политика на Мицкоски удира директно по џебот на граѓаните.
Крајно време е Владата нешто да почне да работи за да го заштити стандардот на граѓаните. Во спротивно, оваа зима ќе остане запаметена како периодот кога народот скапо ја платил нивната неспособност“, посочи Ристова.
Македонија
Кузеска: Скандал – сопруга на градоначалник од ДПМНЕ избрана за член на Судскиот совет
Наместо реформи гледаме брутална партизација на судството, би рекла дури и окупација од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Скандалозен е изборот на Данка Ристова за нов член на судскиот совет, избарана е сопруга на актуелниот градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ од Радовиш, Ацо Ристов, вели Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
„Ова се партиски инсталации во судството како во време на режимот. Истото тоа што го правеше ДПМНЕ порано се прави и сега. Чист обид за поставување на контролирано, партиско судство кое нема да служи на граѓаните, туку на нивните интереси“, посочува Кузеска.
Како што вели, ВМРО-ДПМНЕ е партија која секогаш кога е на власт имала една единствена цел, ставање на судството под контрола и сега тоа го докажува на дело.