Свет
Бајден ги критикува фискалните планови на Трамп: Тие ќе ја ослабат американската економија

Американскиот претседател во заминување Џозеф Бајден ги критикуваше плановите на новоизбраниот претседател Доналд Трамп да воведе огромни царини и да ги намали даноците, велејќи дека потегот ќе ја ослабне американската економија.
Бајден предупреди дека плановите на Трамп ќе имаат голема корист за богатите и ќе го сменат напредокот постигнат во последните четири години кон зајакнување на работничката класа, пренесува американскиот портал „Политико“.
„Трамп изгледа решен да воведе високи, универзални тарифи за сите важни стоки внесени во оваа земја поради погрешното верување дека странските земји ќе ги сносат трошоците за тие тарифи, а не американскиот потрошувач“, рече Бајден.
Бајден го обвини Трамп за лошо управување за време на пандемијата и продлабочување на рецесијата и предупреди дека планот на Трамп да ги обнови серијата даночни олеснувања, кои истекуваат наскоро, ќе го зголеми дефицитот или ќе резултира со намалување на социјалната помош.
Тој се осврна и на критиките на одредени демократи за економската политика што ја водел во изминатите четири години, за кои некои тврдат дека довеле до пораз на потпретседателката Камала Харис на изборите.
Бајден ги обвини пандемијата и руската инвазија на Украина за порастот на инфлацијата, истовремено пофалувајќи ја способноста на неговата администрација да ја намали без да ги турка САД во рецесија.
Иако Бајден призна дека Американците сè уште се соочуваат со високи цени, тој истакна дека САД го издржале закрепнувањето од пандемијата подобро од која било друга развиена земја во целина.
„Моја длабока надеж е дека новата администрација ќе го зачува и ќе го надгради овој напредок. Но, со текот на времето ќе знаеме што ќе се случи“, рече тој и ги повика Американците да обрнат внимание на состојбата на економијата во следните четири години под Трамп.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
(Видео) Илјадници луѓе се молат за папата Франциско на плоштадот Свети Петар

Илјадници католици присуствуваа на молитвата за папата Франциско на плоштадот Свети Петар во Ватикан во знак на почит на поглаварот на Римокатоличката црква кој почина во понеделникот.
Голем број новинари се собраа во близина на плоштадот, кампуваа да ги следат случувањата околу погребот на папата.
Thousands pray for Pope Francis in St. Peter's Square pic.twitter.com/wm6VVNCC51
— Catholic Arena (@CatholicArena) April 21, 2025
Папата Франциско (88) почина во понеделникот рано наутро од последици на мозочен удар и срцева слабост.
Последното збогување ќе се одржи во сабота на 26 април, по миса што ќе започне во 10 часот по локално време. Ковчегот ќе биде пренесен во базиликата Света Марија Велика во Рим каде ќе биде погребан папата.
Папата е роден во Буенос Аирес на 17 декември 1936 година од родители италијански имигранти. Студирал во Аргентина, а подоцна и во Германија.
Во текот на повеќе од една деценија од неговото папство, папата Франциско се обиде да ја реформира бирократијата на Ватикан, да се справи со корупцијата и да одговори на некои од најитните предизвици на Црквата.
Иако беше пофален за неговата понизност и посветеност на социјалната правда, неговото раководство, исто така, наиде на жестоко противење од конзервативците во и надвор од Црквата.
Свет
Израелската војска: Од Јемен е истрелана ракета кон Израел

Израелската војска во средата објави дека „најверојатно успешно пресретнала“ ракета истрелана од Јемен кон Израел.
Поради лансирањето на ракетата, прогласена е воздушна тревога во Хаифа и уште неколку места на северот на Израел. „Пресретнувачот е лансиран кон проектилот и веројатно успешно го пресретнал“, објави војската на Телеграм.
Од почетокот на војната во Газа, која започна со напад на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, Хутите во Јемен поддржани од Иран извршија десетици ракетни и беспилотни напади врз Израел.
Овие напади престанаа со прекинот на огнот кој стапи на сила на 19 јануари, но Хутите ги продолжија нападите откако Израел ја продолжи офанзивата врз Газа на 18 март.
Свет
(Видео) Шахта во Њујорк експлодира неколку секунди откако по неа помина жена со деца

Безбедносна камера во американскиот град Паукипси, Њујорк, снимила драматичен момент кога капак на шахта експлодирал неколку секунди откако покрај неа поминала жена со количка и две деца, објави Би-Би-Си.
На видеото се гледа како жена турка количка и држи дете за рака додека оди по улица. Во моментот кога се оддалечени само неколку чекори има силна експлозија и од земјата избива оган и чад.
Според соопштението на противпожарната служба во инцидентот нема повредени, но во неколку згради во блокот била откриена висока концентрација на јаглерод моноксид.
„Жителите од околните згради се евакуирани додека нивото на гас не се сведе на безбедно ниво“, соопштија пожарникарите.
Причината за експлозијата се уште не е официјално потврдена, но се сомнева дека има технички дефект во електричната или гасната инфраструктура под коловозот.