Свет
ОН: Трговијата со луѓе е во пораст поради светските конфликти и глобалните кризи

Обединетите нации објавија извештај во кој наведуваат дека трговијата со луѓе е во пораст поради конфликтите во светот, климатските промени и глобалните кризи.
Според последниот извештај на Глобалната комисија за трговија со луѓе, кој ја опфаќа 2022 година, бројот на жртви на трговија со луѓе ширум светот се зголемил за 25 отсто во однос на нивото од 2019 година, пред пандемијата на коронавирусот, објави Ројтерс.
„Криминалците се повеќе ги користат луѓето за принудна работа, додека жените и девојчињата често стануваат жртви на сексуална експлоатација и насилство“, се наведува во извештајот, кој укажува дека главниот фактор е организираниот криминал.
Децата сочинуваат 38 отсто од сите откриени жртви, во споредба со 35 отсто во претходниот извештај, врз основа на податоците од 2020 година.
Најголема група жртви и натаму се возрасните жени, кои сочинуваат 39 отсто од случаите, потоа мажите со 23 отсто, девојчињата со 22 отсто и момчињата со 16 отсто.
Вкупниот број на жртви на трговија со луѓе во 2022 година изнесува 69.627.
Најчеста причина поради која жените и девојчињата биле жртви на трговија со луѓе е сексуалната експлоатација, со учество од 60 проценти или повеќе, додека за мажите и момчињата тоа била принудна работа, вклучително и питачење.
Во извештајот се истакнува дека зголемувањето на бројот на момчиња кои се идентификувани како жртви на трговија со луѓе може да биде поврзано со зголемениот број малолетници кои доаѓаат во Европа и Северна Америка без придружба.
Најголем број жртви има од Африка – 26 отсто, потоа Северна Америка и Западна и Јужна Европа, а значаен фактор е и миграцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Водач на шпанска нарко банда избега од затвор, распишана е потерница

Водачот на шпанската нарко банда Лос Пантоја, Хесус Хередија, не се вратил во затвор откако добил отсуство во текот на викендот, а судот во градот Кадиз распишал налог за негово апсење, објавија денеска шпанските медиуми.
Тој отслужуваше шестгодишна затворска казна за трговија со дрога, јави јавната телевизија Ртве.
Тој беше уапсен во 2020 година заедно со 40 други членови на неговата организација, а две години подоцна беше осуден на затвор од судот во Алгесирас.
Свет
Трамп: САД мора да го имаат Гренланд, ако ЕУ и Данска не го разбираат ова, ќе им објасниме

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска им рече на новинарите во Белата куќа дека САД „мора да го имаат Гренланд“ поради глобалната безбедност.
„Ни треба Гренланд“, рече претседателот. Што е многу важно за меѓународната безбедност мора да го имаме Гренланд. Не е прашање дали можеме без него. Не можеме.
Трамп тврдеше дека американската контрола над Гренланд е прашање на мир „за целиот свет“, а не само за Соединетите Држави, пренесува „CNN“.
„Видете, имате воени бродови насекаде, кои минуваат покрај Гренланд. Ние нема да го дозволиме тоа“, додаде Трамп.
„Ако ЕУ и Данска не го разберат ова, ќе мораме да им објасниме“.
Трамп рече дека верува оти Данска и Европската унија ја разбираат неговата позиција за важноста на територијата, но предупреди: „А ако тие не го разберат, ќе мораме да им објасниме“.
Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс и неговата сопруга денеска ја посетуваат полуавтономната данска територија, со што Венс е првиот американски потпретседател кој го посетил Гренланд.
„Тие ќе бидат добри претставници на нашата земја“, рече Трамп.
Гренландските политичари постојано јасно ставаат до знаење дека се против анексијата, а данската премиерка Мете Фредериксен го повика Трамп да ги почитува „фундаменталните правила на суверенитет“. Анкетата спроведена од дневен весник во јануари покажа дека 85 отсто од Гренландците не сакаат да станат дел од САД, а речиси половина од анкетираните рекле дека интересот на Трамп претставува закана, објави Ројтерс.
Свет
Трамп разговарал со претставници на Мјанмар и ветил помош за земјата

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека разговарал со претставници на властите на Мјанмар по силниот земјотрес што денеска ја потресе земјата.
Ќе помогнеме – изјави Трамп во Белата куќа.
Најмалку 144 лица загинаа во земјотресот во Мјанмар. Се очекува бројот на жртвите да продолжи да расте.
Во соседен Тајланд загинаа најмалку 10 лица.