Свет
Бајден сака посилни санкции против руската трговија со нафта пред да пристигне Трамп во Белата куќа

Администрацијата на Бајден размислува за нови построги санкции против профитабилната руска трговија со нафта за да го зголеми притисокот врз Кремљ само неколку недели пред новоизбраниот претседател Доналд Трамп да се врати во Белата куќа.
Деталите за можните нови мерки сè уште се разработуваат, но тимот на американскиот претседател Џозеф Бајден размислува за ограничувања што би можеле да бидат насочени кон извоз на руска нафта, пренесува „Блумберг“ повикувајќи се на анонимни извори.
Според извештаите, Бајден долго време се спротивставувал на новите санкции од страв дека тие ќе доведат до зголемување на светската цена на енергијата, особено пред претседателските избори во Соединетите Американски Држави, но сега неговата администрација е отворена за поагресивни потези.
Цените на нафтата паѓаат поради глобалната презаситеност, а сегашната администрација во Вашингтон се плаши дека Трамп ќе ја принуди Украина бргу да ја заврши војната со Русија и да го принуди Киев на значителни отстапки, пренесува „Танјуг“.
Вашингтон би можел да воведе ограничувања слични на оние за нафтата од Иран, кои исто така би биле насочени против купувачите на руска нафта. Ова би бил многу ризичен потег бидејќи некои многу моќни земји, вклучувајќи ги Кина и Индија, се главните потрошувачи на нафта од Русија, според медиумот.
Дополнително, споменатите ограничувања на руската нафта би можеле да доведат до зголемување на глобалната цена на овој енергент, додава њујоршката агенција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Путин денеска изјави дека преговорите со САД во Алјаска биле „многу искрени и содржајни“

Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека преговорите со САД во Алјаска биле „многу искрени и содржајни“ и ги приближиле двете страни до донесување на неопходните одлуки.
– Разговорот беше многу отворен и по мое мислење нѐ доближува до потребните решенија, рече Путин на состанок во Кремљ посветен на резултатите од преговорите во Анкориџ.
Тој додаде дека долго време не биле водени преговори од ваков вид на толку високо ниво и дека имал можност „смирено и детално“ да ја изложи руската позиција. Според него, се дискутирало за сите аспекти на билатералната соработка, но главниот акцент бил ставен на можностите за праведно решавање на украинската криза.
На состанокот во Кремљ присуствуваа премиерот Михаил Мишустин, претседателот на Државната дума Вјачеслав Володин, раководителот на претседателската администрација Антон Вајно, како и секретарот и заменик-претседателот на Советот за безбедност Дмитриј Медведев и Сергеј Шојгу. Присуствуваа и вицепремиери, министри, како и гувернерката на Централната банка, претставници на ФСБ, Генералштабот и Рускиот фонд за директни инвестиции.
Путин најави дека детално ќе ги информира учесниците за разговорите со американскиот претседател Доналд Трамп. Состанокот во Кремљ продолжи зад затворени врати.
Регион
Црна Гора се бори со пожари

Седми ден по ред пожарите во Црна Гора не стивнуваат, а најкритично е во Подгорица, каде што и покрај тоа што ситуацијата е под контрола.
Началникот на Дирекцијата за цивилна заштита и намалување на ризици од катастрофи, Љубан Тмушиќ, соопшти дека најзагрозени области се Пипери и Кучки Корита. – Во овие подрачја се ангажирани сите расположливи ресурси – 12 возила и 42 пожарникари, рече Тмушиќ.
Посебна закана претставуваат и таканаречените „подземни пожари“ кои се активираат со пораст на температурите.
Во гаснењето се вклучени и армијата, како и помош од странство – Србија испрати хеликоптер, а вчера пристигна и швајцарски тим со 26 пожарникари и четири специјализирани возила. Поддршка дава и хеликоптер од Чешка.
Свет
(Видео) Четворица маскирани напаѓачи ограбија златарница во западниот дел на Сиетл

Четворица маскирани напаѓачи ограбија златарница во западниот дел на Сиетл и за помалку од две минути украдоа накит и луксузни предмети во вредност од околу два милиона долари, соопшти полицијата.
Настанот се случил во четвртокот попладне, а надзорните камери снимија како осомничените со чекани ги разбиваат заклучените стаклени врати и за 90 секунди празнат шест витрини. Меѓу украдените предмети се наоѓаат и „Ролекс“ часовници со проценета вредност од 750.000 долари и смарагдна огрлица вредна 125.000 долари, објави Еј-Би-Си њуз.
За време на грабежот, еден од напаѓачите им се заканувал на вработените со спреј против мечки и електрошокер, но никој не бил повреден.
„Длабоко сме потресени како вработени. Продавницата ќе биде затворена извесно време“, изјави потпретседателот на семејната златарница Џош Минаше.
Полицијата пристигнала веднаш по дојавата, но сторителите веќе избегале со возило и засега се недостапни за законот.