Македонија
(Видео) Талески: Власта одби 100 денари линеарна субвенција, Мицкоски, Трипуновски и ДПМНЕ ги изневерија тутунарите
Власта на Мицкоски, Трипуновски и ДПМНЕ ги изневерија тутунарите и ги оставија на цедило. Иако ветуваа повисоки откупни цени, тутунот сега се откупува по делеку помали цени. Откупните цени на тутунот оваа година се пониски од ланските. Прва класа се откупува за 375 денари, втора класа за 300 денари, трета класа – 240 денари, и дополнителна класа – 115 денари. Овие цени се многу пониски од лани и не ги покриваат зголемените производствени трошоци на тутунарите, нагласи на прес-конференција Миле Талески, пратеник на СДСМ.
Токму затоа, додаде тој, пратеничката група на СДСМ достави законско решение за 100 денари линеарна субвенција за тутунарите за сите класи.
„Без око да им трепне, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ вчера во Собранието го одбија ова Законско решение и застанаа протиав тутунарите. Во време на владата на СДСМ, тутунарите добиваа многу повеќе. Благодарение на линеарната субвенција од 100 денари по килограм, без одбитоци, цените лани достигнуваа и над 500 денари за килограм тутун, историски највисоки откупни цени на тутунот. Мицкоски, Трипуновски и ДПМНЕ ги излажаа и ги изневерија тутунарите“, истакна Талески.
„Кога беа во опозиција, ветуваа дека откупната цена на тутунот по килограм кога ДПМНЕ ќе биде власт ќе биде 600 денари. Ниту има 600 денари откупна цена, ниту пак прифатија предлог да им се даде уште 100 денари по килограм. Оваа година тутунарите имаат помала откупна цена како резултат на погрешните политики на ДПМНЕ“, оцени Талески.
Според него, откупните цени на тутунот паѓаат, а повеќе од 20.000 семејства кои живеат од производство на тутун оваа година ќе имаат помалку пари во семејниот буџет.
СДСМ, како што рече, останува на страната на тутунарите и ќе продолжиме и понатаму да се бориме за нив и да се спротивставуваме на погрешните политики на ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Алијанса за Албанците на 27 декември ќе одржи собрание за реогранизација на партијата
На последниот состанок на Претседателството на Алијансата за Албанците, каде што се дискутираше за политичките случувања во земјата и понатамошните чекори кон структурирање на органите, членовите на Претседателството едногласно гласаа за одлуката за свикување на партиското Собрание, соопштија од партијата.
Според најавата, Собранието ќе се одржи на 27 декември и ќе се дискутира за реорганизација на структурите и органите на партијата, партиските политики и важните стратешки документи.
„Алијансата за Албанците продолжува да останува во одбрана на националната кауза, гласот на артикулирање на уставните и законските права на Албанците и зачувување на евроатлантската ориентација на земјата како единствен пат за перспективата на граѓаните“, пишува во соопштението.
Македонија
Повторно во прекин сообраќајот на „Богородица“
Сообраќајот на граничниот премин „Богородица“ кон Грција (ГП „Евзони“) од 17:00 часот повторно е во прекин, информира АМСМ.
Сообраќајот беше во прекин од 11:00 часот поради штрајк на земјоделците.
Во 15 часот повторно беше нормализиран, а сега повторно е затворен.
На ГП „Дојран“ има задржувања за влез во државата.
Македонија
Левица: Очекуваме власта утре да покаже доблест и да се појави на Анкетна комисија за Кочани
Во пресрет на утрешната седница на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, повторно апелираме до пратениците од владејачкото мнозинство и поканетите претставници од власта, да не измислуваат изговори и да се појават на седницата, велат од Левица.
„Повторуваме дека оваа седница е свикана по претставка на родителите на трагично загинатите деца од Кочани, а датумот е успгласен токму со нив, бидејќи единствено утре не е закажано судско рочиште за „Пулс”. Оттука, утре е единствен ден кога родителите би можеле конечно да се обратат од Собранието кон претставниците на институциите од кои зависат одговорноста и промената на системот“, велат од партијата.
Од Левица наведуваат дека три пати се обиделе да закажат седница за трагедијата во Кочани.
„Три пати беше блокирана со директна улога на спикерот Гаши и ДПМНЕ. Власта која не најде сила ниту за комеморативна седница во Собранието, сега нема никаков легитимен изговор да ја кочи расправата. Досегашните изјави на власта дека токму утре било предвидено да се започне расправата за Предлог-буџетот, наоѓајќи алиби за повторно избегнување на седницата, е несоодветен и невистинит. Буџетската расправа трае пет дена, што е повеќе од доволно за да се исцрпи целата дискусија, а рокот за донесување на Буџетот е најдоцна до 31 декември“, велат од Левица.
Од таму упатија апел утре да не се повтори уште еден институционален срам.
„Седницата мора да се одржи, без одлагања, празни изговори и политички калкулации. Родителите доаѓаат да го кажат она што државата со месеци одбива да го слушне. Од власта и државниот врв се очекува, најмалку, да се појават и да погледнат во очи луѓе кои бараат правда, одговорност и промена. Секое ново бегање и саботирање би било уште една навреда за семејствата, но и народот, како и уште еден чекор кон одржување на системот кој дозволува да се повторуваат трагедии“, се наведува во соопштението.

